Топ 50 странски албуми во 2013 [25-1]

Ако се обидам – што не значи дека ќе успеам – да го лоцирам најситното чувство кое е заедничко за сета музика што ја слушнав годинава тоа веројатно би била потполноста. Не е во прашање никаква комплексна филозофија туку импресијата дека плочите што ги вртев (за жал, не на грамофон) беа гранитни, компактни и неодвоиви целини. Овој заклучок не се заснова на исцрпно истражување на „Галуп“ туку на индивидуалното доживување на остварувањата кои завршија на оваа листа со топ-50 албуми. Најголем дел од нив, иако често и дијаметрално спротивни, ме пленија со севкупното течение, а не само со по некој расфрлан сингл. Секако, само по една песна од артисти и онака не слушам којзнае од кога, односно лонгплејките ми се единствено интересни, меѓутоа, и доколку тоа го изолирам, пак доаѓам до истата радосна констатација – дека во 2013 се изнаслушав дискови кои функционираа од старт до финиш. Најдобрите 25 од нив се подредени подолу.

25. Kurt Vile – Wakin On A Pretty Daze [Matador]
Курт Вајл, со етеричниот глас, гитарите завиени во реверб и со зборовите кои еднаш се шифрирани, а следниот пат кристално јасни, на Wakin On A Pretty Daze го издигнува својот статус на песнописец до степен на модерна икона. Интригантно е што тоа не го постигнува со куси блокови од акорди и стихови туку со композиции подолги од седум, осум, девет, па и десет минути.

24. KEN mode – Entrench [Season of Mist]
Канадската група во песните најпрво креира клаустрофобична, тензична, атмосфера, што секогаш кулминира во истекување низ сите процепи како вода што продира низ брана која што е на работ на уривање. Во текот на Entrench бедемите што стискаат сè и сешто навнатре – од емоции преку стравови до радости – повеќепати се раздробуваат, но составот очигледно ужива во тој процес на ослободување.

23. CHVRCHES – The Bones of What You Believe [Glassnote]
Суштински вкопано во електро-оставнината шкотското трио покажува и сериозност, информираност, како и фокусираност. Отсекогаш, а уште поконкретно во актуелнава ера, овие елементи се и повеќе од нужни за секој што сака да се потпише на силна поп-колекција и притоа да се одвои – сосема нагласено – од нашминканите паради или реално-шоу циркузирања на топ-листите.

22. Arctic Monkeys – AM [Domino]
Слично како поезијата на слики на славниот вестерн-режисер Џон Форд (не сосема исто, но близу до нивото на неговите ремек-дела), Arctic Monkeys на AM создале лирика на звукот. Таа се слуша, чита и впива во едно, длабоко, освежително и исполнувачко вдишување што почнува попладне, а завршува претпладне. Потоа, од пуст мерак е тешко да се издиши.

21. Clutch – Earth Rocker [Weathermaker]
Конфронтирачкиот став, внесувањето в лице и лутината течат во вистинската крв на рокенролот. Живеејќи го тоа повеќе од две декади, Clutch знае која брзина е клучна, укажува на величината на слободата, напаѓа, крши и мрзне лица, го јавнува седлото, ги грабнува киборгот Бет и убавата Изабела и ги пренесува мудростите на човекот-волк во три или четириминутни резервоари на високооктанско аудиогориво.

20. Bill Callahan – Dream River [Drag City]
И да го исклучиме албумскиот наслов, поради кој, без дилема, умот се поднасочува кон спефицична идеја, Dream River влече – тегли како мал и лут реморкер – до точката од која што сите потекнуваме: природата. Не се работи за некаков си натуралистички, еко-терористички, список од песни што повикуваат на разголување до праисконското. Тоа го прават атмосферата, вокалната зен-сталоженост и ритмичката промисленост.

19. Nero di Marte – Nero di Marte [Prosthetic]
Заплеткани како струјните кола, чиповските кластери и какви сè не други хардверско-софтверски чудесии овие шест песни емитуваат енергија чија што најприродна средина делува дека ѝ е токму вселената. Напросто, вонземски и отуѓен, студен и прецизен, овој амалгам од разни форми на метал, џез, хардкор и прог-рок е потсетник на хуманоста што овенува во ерата на сè поизвесната општа роботизација.

18. Run the Jewels – Run the Jewels [Fool’s Gold]
Извесен црн скинхед би сакал да нè убеди дека радикално ги менува стандардите форсирајќи бесмислена апстракција, а Run the Jewels укажува оти неговите два члена (особено El-P) одредено време прават нешто слично, но подобро – подалеку од блицевите на папараците и без труење со приказни за својот нарцисоиден егозиам. Ако RTJ продолжат вака ќе ги ограбат сите додека ја преземаат контролата врз рап-играта.

17. My Bloody Valentine – m b v [MBV]
Сè на авторската камбек-колекција на шугејзерите од Даблин е обвиткано во сињак од дисторзија што, наместо да прободува остро, полека го гради циклусот на смрзнување, нагризување и растопување. Ова е издание на кое што треба целосно да му се препуштите за севкупно да го искусите, но и доколку сте неволни или сомничави, тоа самото се прикрадува по што навраќањето од желба – станува потреба.

16. Pelican – Forever Becoming [Sothern Lord]
Петтиот студиски албум на квартетот го залажува восприемачот дека само го ниша со приземност, сосредоточеност и со достапност. Тоа што под оваа магнетна јаснотија Pelican, сепак, мајсторски шифрира е оти Forever Becoming е саундтрак на бескрајната преобразба. Нејзиното создавање е нагласено комплексен процес, а пред очи и уши ни се претставува со речникот што го користиме на сретсело – за сите да нè разберат.

15. Ulcerate – Vermis [Relapse]
Новозеландскиот бенд понира во длабочините на опресијата со дет-метал од којшто и раздивени „спецнази“ би се исплашиле. Не попушта ниту милиметар. Само гризе со дисонантните секачи додека не се излеат реки крв полни со парчиња месо. Да, гнасно, но зарем потчинувањето е состојба што подобро се илустрира со цвеќиња и бакнежи? Можеби, меѓутоа, во безимена утопија, а не и во светот од којшто Vermis е изроден.

14. Intronaut – Habitual Levitations [Century Media]
Квартетот на плочава свири како господар на древни боречки вештини – искусно, вешто и бликајќи со елан. Сето ова гарантира оти Habitual Levitations (Instilling Words with Tones) нема да го исцрпи слушателот и ќе му укаже дека трпението се исплатело. Наградата е лебдење поттикнато од албум што не е напишан од пуста навика, туку е сведоштво дека на Intronaut им пошло од рака тонот да го влеат во зборот.

13. Volcano Choir – Repave [Jagjaguwar]
По првенчето од 2009, Unmap, каде што шесторката амбиентално експериментира, на Repave тие ја задржуваат инди и пост-рок основата и врз неа издигнуваат стилизирани, со јасни рабови поврзани, исполнувачки композиции. Емоциите и дилемите се големи, затоа и мелодиите, хармониите и рефрените се уште поимпресивни. Највосхитувачки, сепак, е што ова „преасфалтирање“ не ја покрива интимноста туку – ја истакнува.

12. Arcade Fire – Reflektor [Merge]
Цедево скока до задгробниот свет и завршува со суперсиметријата според која да живееш во умот не е исто со бидувањето жив. Масивно, смело и несовршено, сето ова трепка ли трепка, но не во connect туку во Reflektor. Исполнет со противречности, но и со пораки попродорни од кога било претходно во нивната кариера, албумот е баш она што Arcade Fire го замислиле – рефлексија на времето во кое е одживеан и создаден.

11. The Dillinger Escape Plan – One of Us Is the Killer [Sumerian]
По малиот пад на Option Paralysis, на петтата лонгплејка во кариерата бендот успева да се издигне на хималајски височини и да ги збие редовите како армијата на Калиси. Зближувајќи жанрови, претпоставки и културни сфаќања и стискајќи го овој огромен казан со матеница во One of Us Is the Killer, TDEP потсетуваат дека живеат меѓу нас и нагласуваат оти сè уште се убијци – на музички лимити, предрасуди и стереотипи.

10. The National – Trouble Will Find Me [4AD]
И покрај тоа што на новото цеде стиска речиси сè од џез до кантри, бендот ја почитува лекцијата што никој артист никогаш не смее да ја заборави – без комплицирање. На тој начин The National во Trouble Will Find Me ја отелотворил вистината дека колку да ѝ бегаме, неволјата, каква што е наркотичноста на албумов, секогаш ќе нè најде. На нас останува дали ќе ја пребродиме сами или низ неа ќе испловиме со истомисленици.

9. Carcass – Surgical Steel [Nuclear Blast]
Во празнината што се навиткува по слушање албум со вниманието кое го заслужува, Carcass не дозволил сè да се избрише, дупка црна да се стори и од сеќавање да испари. Реално, тоа е малку возможно да се случи зашто Surgical Steel е прецизна, сурова и елегантна плоча, отпорна на гребење и на кородирање, со гранитна цврстина, што поседува минијатурен ризик од отапување – буквално исто како и хируршкиот челик.

8. Deafheaven – Sunbather [Deathwish Inc]
Ако со музиката воспоставувате двонасочна конекција, ја третирате како ентитет што се (до)оформува со личните искуства и за тоа возвраќа повеќекратно, во цедево ќе слушнете сѐ од хардкор до комплексни симфонии. Најдоминантно е последново, односно речиси космичкото чувство дека доживувате уметност која најживописно се вкусува во ерата кога ѝ е принесена како (духовно-интелектуална) храна на јавноста.

7. Daft Punk – Random Access Memories [Columbia]
Колекцијата има повеќе душа од ѓубрето кое што се истура во меинстрим-депонијата, но поради неа нема да се случат тектонски промени на глобалната сцена. Таа, за жал, и понатаму ќе си остане збирштина од тапоглави хитови на празноглави ѕвезди. Дискот, сепак, успева во значително побитна работа – ја враќа музиката во опстојувањето на Daft Punk, откако со Human After All се покажа дека и тие се луѓе, дека и тие грешат.

6. Gorguts – Colored Sands [SoM]
Како и мандалите кои во Тибет се прават напорно, трпеливо и долго за потоа да се уништат во секунда, така и Gorguts по деценија и кусур посветено се истрошиле на камбек-албумот. Разнобојна, комплексна и уникатна, плочата со современ аудиојазик зборува за минливоста на животот, како што со неколку потези од под се мете песок. За да се избрише величината на Colored Sands, пак, мака ќе има и цела кинеска армија.

5. Savages – Silence Yourself [Matador]
На изданиево нема траги од забошотување, а овој заклучок е заокружен со нагласено паметните и проникливи стихови со кои Savages истанчено го секцира актуелното живеење и од свој агол обработува вечни, добропознати, прашања. За да ги пронајдете нивните одговори и индивидуалните толкувања ќе мора да го направите моментно незамисливото: да го пуштите Silence Yourself и да замолчите. Сè наоколу и себеси.

4. Inter Arma – Sky Burial [Relapse]
На плочава човекот е насликан како суштество што потекнува и на крајот ѝ се враќа на природата. Така бендот со Sky Burial, како и будистичкиот небесен погреб, продрел и во натуралистичката и во филозовската ср’ж на својот, но и на заедничкиот, вроден, хуманизам. Албумов има моќ да чепне, да потсети, ама и да го разоткрие неговото постоење што како да сме решиле темелно да го затуриме во ќоше и да го заборавиме.

3. Vampire Weekend – Modern Vampires of the City [XL]
Овој албум е полн со афробит, клавијатури и електроника, но најочигледен исчекор има во поп-занаетот, поле во кое што Vampire Weekend се издигнале на ниво на искусни мајстори со најреспектабилни достигнувања. Поради тоа Modern Vampires of the City – во исто време – е сликовит опис на модерната генерација градски вампири и албум што директно во аортата вбризгува осовременет рокенрол во ХД-резолуција.

2. Russian Circles – Memorial [Sargent House]
Трикот е што Memorial, иако не користи текст, со восприемлив и остроумен јазик, нагласува оти Russian Circles ниту се креативно мртви, ниту се претерано опседнати со опусот и со претставата за себе од минатото. Тие укажуваат дека ќе продолжат со делкање на автопортретската статуа зашто пензијата не е на повидок. Кога за тоа ќе дојде време актуелната плоча може да им послужи како меморијален споменик.

1. Queens of the Stone Age – …Like Clockwork [Matador]
Сакам, туку, да бидам потполно искрен, обожувам бендови и автори доволно храбри и самоуверени во сопствените убедувања што ги тера истите да ги претопат во музички спој на светови кои не смеат да се поврзуваат (да, неизненадувачки, така размислуваат завиден број либерали). Таквите имиња постојат за да им пркосат на конвенциите, но и кога тоа го прават, инсистирам да се вешти во пресудната работа – пишување песни. На годинашнава листа сместив куп состави и солисти кои прават жанровска каша-попара што функционира (знам, знам, има и далеку поекстремни), а сепак, на крајот заклучив оти 2013 (ми) ја одбележа група што сè става пред олтарот на компонирањето.

Кога е ова во прашање, Џош Хом ми изгледа како свештено лице и веројатно затоа на …Like Clockwork неговото чедо Queens of the Stone Age звучи како да е во состојба на постојан песнопојски транс. Материјалот, не само што остава впечаток, туку во висока резолуција нагласува оти е изработен внимателно и трпеливо. Како скулптура од дрво која што, доколку не ја изрезбаш до детаљ, ќе изгледа како пластелинска креација од разиграно забаваче. Ваквата темелност, сепак, не треба да се помеша со математичка стерилност зашто бендот оставил доволно простор за спонтаност и суровост поради што плочата на крај ја остварува секогаш посакуваната рамнотежа – тоа значи да биде поширока од збирот на нејзините засебни (и ограничувачки) елементи.

Слични написи

Остави коментар