Топ 50 странски албуми во 2013 [50-26]

Меинстримот, без разлика дали тој е отсликан во полупопуларни изведувачи или во екстремно славни ѕвезди, одамна не е репер за музичка напредност, веродостојност и најосновен квалитет. Самата припадност на артистите на оваа категорија никогаш не ме одвратила да ги слушам, меѓутоа, се чини дека и згора на тоа, годинава во врвот на топ-листите немаше којзнае колку интересни имиња и изданија. Љубопитноста, како и отвореноста, се тие што и онака се единствено битни кога се во прашање откривањето и слушањето, па благодарение на нив мојата годинешна листа со најдобри албуми (споредено со ланската) е за неколку скалила повеќе насочена кон недоволно познатата, контракултурна, сцена. А можеби сето тоа е резултат на сè поголемиот јаз помеѓу богатите и сиромашните што ги инспирира бендовите да пишуваат посурови и побунтовни плочи. Разобличувањето на причините засега ќе го оставам настрана и ќе ги најавам последните 25 позиции од изборот на топ-50 студиски остварувања објавени во 2013 година.

50. Biffy Clyro – Opposites [14th Floor]
Отсуството на вообразеност подвлекува дека составот на Opposites ги нивелирал спротивностите и создал неоптоварен и кристален алтернативен гитарски албум. Ако контра-избор е тој да биде лажен, празен и сосила хип-револуционерен, мерак ми е што Biffy Clyro не постапиле наопаку од себеси.

49. Dead in the Dirt – The Blind Hole [Southern Lord]
Дебито на Dead in the Dirt, соодветно насловено The Blind Hole, не скршнува далеку од хардкор-грајндкор-дет мешавината, но тоа не му е слабост. Фактот што не крева веѓи со нечуена оригиналност не му е предност, ама тоа е надоместено со немилосрдност што истовремено буди морници и раѓа фасцинација.

48. Skeletonwitch – Serpents Unleashed [Prosthetic]
Бендот основан во Охајо извесно време ги комбинира ДНК-кодовите на thrash-от и на блек-металот, но на петтото студиско остварување тоа е испрофилирано, истенчено и издигнато до плафон. Слушајќи и впивајќи ги оваа тензија и енергија ќе почнете да ѕиркате под маса да не се појавил куп змии.

47. VHÖL – VHÖL [Profound Lore]
Групава ги има сите ресурси да звучи како што на око изгледа последниот смартфон, но на дебито таа буди слики од преснимени касети наместо од елегантно спакувани мрежи од чипови. Нивниот израз е метал со основа од блек и од краст-панк. На секое ниво овој спој е изработен интелигентно, емотивно и свирачки импресивно.

46. Power Trip – Manifest Decimation [Southern Lord]
Срцето на збиркава е чистокрвен хардкор, а неговата школка е дифтарски треш-метал. Тоа не е револуционерно, ама не е ниту носталгично. Power Trip пишуваат музика и ја свират ревносно како хардкорци, нервозно како панкери и вешто како металци, што на првенчето резултирало со восхитувачки агресивен манифест на десеткувањето.
45. earthtone9 – IV [ET9]
Освен гитарите, најкултивиран аспект кај earthtone9 – поради бојата и како резултат на специфичната мелодичност – отсекогаш бил гласот на Карл Мидлтон. Препознавајќи ја таа поволност и накалемувајќи ја на исклучителното чувство за грув групата креирала микс што во исто време е интелигентен, запаметлив и агресивен.

44. Oozing Wound – Retrash [Thrill Jockey]
Албумов базди, ама тоа е прекрасно бидејќи се работи за катарза, а не за авторска застојаност добиена од часови и часови премерување што, колку и каде да се стави во композициите. Наместо тоа, групата цеди сè од себе и притоа, преку хуморот, ги секцира бесот, манијата на прогонетост и уништувањето во современата ера.

43. Unkind – Pelon Juuret [Relapse]
Како што преводот на насловот Pelon Juuret истакнува, на последното цеде Unkind не се обидуваат да нè утешат, погалат или да нè прегрнат по сè што ќе видиме на вести, туку со заушка ни ги посочуваат корените на стравот. Дали ќе ги видиме е личен избор, но и по едно вртење на дисков, невозможно е да ги одминеме.

42. Thee Oh Sees – Floating Coffin [Castle Face]
Упростувањето, условно кажано, овде се манифестира како триумфална приземност. Стискајќи ја во цврста тупаница на Floating Coffin, Thee Oh Sees удира и го раздробува ковчегот во којшто плови најзастрашувачкиот крвник на рокерите. Тоа не се ниту пивото, скарата, заработката, ниту, пак, бројот на посетители, туку – заборавот.

41. Nails – Abandon All Life [Southern Lord]
Тензијата не е новина во апла-агресивните аудиостилови и наместо експоненцијално да ја крева Nails со неа креира екстремни подеми и нагласени падови. Така комплетно се оправдува мислата впишана во насловот Abandon All Life – време е сегашниот (начин на) живот да го напуштиме. Или ние или природата тоа за нас ќе го направи.
40. Chelsea Wolfe – Pain Is Beauty [Sargent House]
Кантавторката од Лос Анџелес воглавно се потпира на волшепствата скриени во гласот што фантазерски врати ширум отвора. Над, под и околу него сега внесува и траги од блек-метал (минијатурни, а присутни), електроника потипична за 90-тите отколку за денес, како и ехо-широчина карактеристична за религиозни храмови.

39. Iceage – You’re Nothing [Matador]
Со изразот, а и со плочава, Iceage нема да ја поттикне сеопштата револуција што ја сонуваме, меѓутоа, како сите да сме вакцинирани против нејзиното отопочнување. Тоа што, сепак, четворката ќе го инспирира е заклучокот за којшто сме потајно свесни – дека сме тромаво и безопасно џиновско н-и-ш-т-о. Ништо.

38. Bad Religion – True North [Epitaph]
Најсликовит опис за 16-тото цеде на Bad Religion е оти тоа грабнува во секунда, како нивните “стари добри албуми”. Дискот има пакување за уживање, но изделканоста на песните ја подвлекува неговата моќ за исполнување. Тие се мали, двеминутни, апчиња, кои со мелодии и умни стихови драстично си го зголемуваат својот полуживот.

37. Janelle Monáe – The Electric Lady [Bad Boy]
Џанел Моне и на втората лонгплејка се држи до високиот плафон за масовен поп-арт и демонстрира како се модернизира миксот од соул, фанк, рок, хип-хоп и вокален џез. Овој спој на The Electric Lady е истакнат со драматичноста и со грандиозноста карактеристични за мјузиклите, меѓутоа, без нивната извештаченост и комичност.

36. Locrian – Return to Annihilation [Relapse]
Колекцијава го повикува слушателот со нежност, го вовлекува со репетитивност, го транспортира со лебдење, го шокира со вриштење и го смирува со рафинирано прелевање на тоновите. Клучната поента е дека сè ова не е склопено како предвесник на апокалипсата туку како (на)враќање откако уништувањето завршило.
35. Anciients – Heart of Oak [SoM]
Канадскиот состав не измислува нагласено свои молитви од разреден воздух, туку адаптира постоечки и добропознати и притоа се клања како излуден дервиш. Неприродно е долг и преобилен за мнозинството, но Heart of Oak не е промашен труд туку албум исполнет како срцевината на митолошки, илјадагодишен, даб.

34. Agrimonia – Rites of Separation [Southern Lord]
Фундаментот на шведскиот бенд е металот, но усложнет со прогерска потреба за чудачко аранжирање, блековски хорор и крастерска нечистотија. Сврзано со сето ова се умно расфрланите парчиња мелодија, питомата акустика, галовното пијано и патувачкото чувство што го оддава севкупната атмосфера.

33. Yo La Tengo – Fade [Matador]
Како што потврдува басистот Џејмс Мекњу, Yo La Tengo помалку се заинтересирани за еволуцијата, а повеќе за истражувањето како авторски процес. Истото продолжува и на Fade. Слушањето на плочата носи на многу идеални локации, а питомата убавина на песните што го сочинуваат осигурува дека тој нема да избледи од сеќавањето.

32. Cult of Luna – Vertikal [Indie Recordings]
Меланхоличен, но воздигнувачки, вокал го затвора обрачот на Vertikal. Искажано во СФ-жаргон, тоа значи дека Cult of Luna го претвориле кругот во вертикала. Кога, пак, ова ќе го пренесете во стварноста, бендот со албумов забележливо исцртува линија која што се искачува високо над облаците на минливата креативност.

31. Shining – One One One [Prosthetic]
Воглавно, ова е хедбенгинг и скокачки материјал, но има доволно фриковски џез и прог-испади што го издигнуваат високо над просекот. Фактот што бендот почна како акустичен квартет фасцинира, но уште повеќе одушевува што актуелната инкарнација функционира и сама, засебно и исклучена од сè што довело до нејзиното креирање.
30. !!! – THR!!!ER [Warp]
Стилски, петтото остварување на составот основан во Сакраменто, е најмногу денс и поп со нагласена фанк и соул подлога, како и електронска структура. Гитарите често се во преден план, но тие повеќе ја водат хармониско-мелодиската игра како сајзери или компјутери, наместо како класична рок-алатка.

29. All Pigs Must Die – Nothing Violates This Nature [Southern Lord]
Квартетот не покажува со прст кон никаков и ничиј господ туку кон (за)секогаш најодговорниот – човекот. Несомнено звучи мрачно и делува депримирачки, но групата во Nothing Violates This Nature изградиле несовладлив случај што оди во прилог на тезата оти ништо, ама баш ништо, не може да ја промени човечката природа.

28. Ibrahim Maalouf – Illusions [Mi’ster]
Сè на Illusions е премногу добро што би значело дека е претерано наивно да се мисли оти е вистинито. Можеби, ама нема да бидам циник од страв авторот да не ме изигра. Наместо да сум убеден дека Ибраим Малуф го напишал опортунистички и лицемерно за мене албумов и понатаму цврсто ќе остане сè спротивно од евтина илузија.

27. Haim – Days Are Gone [Polydor]
И кога издавачките куќи формираа, рекламираа и продаваа групи, тие имаа авторско-продукциски квалитет. Фанкот, лесниот рок, аренбито, но и фолк-интимноста од Days Are Gone прават целина што е умно поп-дефинирана. До кога ќе трае составот е тешко да се процени, но ако цедево е доказ, деновите на оваа тројка се далеку од избројани.
26. The Ocean – Pelagial [Metal Blade]
До дното на океанот бендот нè доведува со подморница што користи хардкор гориво, навигира со метал-радар, прави оброци со рок-вокал и системот за живот го одржува со класика. Тие го приземјуваат Pelagial на подводниот земјен патос – или во најмрачните длабочини на хуманоста што и капетан Немо се обидуваше да ги расветли.

Слични написи

Остави коментар