All Pigs Must Die – Nothing Violates This Nature [Southern Lord, 2013]

Урнисувањето бетон со токмак е отворена, непосредна, активност што не се заморува со заобиколување. Со неа, тоа што ти е пред очи се дроби како ситни срчи. Музиката која разрушува како повеќетонски челичен топуз, исто така, е директна колку што е и сурова. Вистински искусните мајстори, сепак, знаат како да внесат фини подробности и во буквалната деструкција без разлика колку мисијата делува невозможна. Ѓаволот, напросто, се крие во деталите. Подзатрупани или веднаш под рапавата површина или закопани длабоко во ѕверската утроба овие ситници во дивјаштвото внесуваат степен на цивилизираност. Наместо да натрупуваат контрадикторност ваквите поединости во исто време ја нијансираат бучно-грубата целина со истанчености и за неколку скалила ја засилуваат нејзината разорност. Булдожерство од сличен, џиновски, вид и резбање со забележителна префинетост All Pigs Must Die прикажува на својот втор студиски албум Nothing Violates This Nature.

Судејќи според воочливо наметливата, дури и насилна, надворешност, пристапот на супербендот од Масачусетс е монструозен во безмалку иста мера како и на дебито од 2011 година, God is War. Моќта собрана на изданиево е еднаква со енергијата збиена во подокеански тектонски плочи кои во секој миг можат да се судрат. Јапонците живеат со цврстиот заклучок дека веројатноста тие да се сплескаат и со тоа да предизвикаат земјотрес и цунами е огромна, ама за тоа единствено можат да ја обвинат случајноста – таа поради која што се родиле на архипелаг од острови и таа заради која што тресок е во ист момент бездруго сигурен и целосно невозможен. Убиственоста на Nothing Violates This Nature е мултиплицирана од фактот што ништо на плочата не е рендом. Единаесетте песни нагмечени во половина час се парчиња персонален гнев наталожен поради крволочноста што човечката цивилизација катадневно ја демонстрира. Не само во поглед на воените конфликти кои непрекинато се дел од новинските журнали иако во зависност од тоа колкава гледаност ќе донесат или се пласираат во најударен термин или пополнуваат дупки во опашката на вестите.

Наведената крвожедност луѓето ја презентираат и преку потребата за дехуманизирање на сè што е хумано, за опседнатоста со бројки (пари) наместо со судбини, за цицање на ресурсите што стабилно ја доведува планетата до раб на смрт, генерално, за свесното и несовесно претворање во пекол на единствениот рај што (ќе) го познаваме – Земјата. Крајно разрушувачка есенција на сè погоре набројано е излеана во титаниумските тупаници и оклоп со којшто материјалот освојува безмилосно, во Блицкриг-стил. Под тој цврст кожурец, сепак, се распоредни и суптилност, мелодија и грув со масивност на планински венец. Нежно лебдење на удиралките врз фусот ја отвора Chaos Arise, трае одвај две секунди, но поради тоа бруталното бомбардирање што следува е драматично погеноцидно. Во оваа трака, во следната Silencer, како и во остатокот на збирката везе и гитара која се лепи за уво божем се работи за поп, а во прашање е антикомерцијала. Откако со брзина Primitive Fear ќе ја претопи агрегатната состојба од студено тврда во течна и врела како лава, темпото се успорува и се одржува на исто слаџерско и гнасно тешко ниво на Bloodlines и Of Suffering каде што испливува дури и акустика.

Гризењето пак зема замав со средниот ритам на Holy Plague што содржи и експресна, но хармонична солажа, а Aqim Siege на бездушноста ѝ овозможува камбек без воопшто да се грижи дали ќе паднат жртви. Сомнение од таков тип на Sacred Nothing не постои оти нумерата толчи детерминирано и дава перфектен вовед во искршеното интро на Faith Eater која набргу се разбеснува и со рифовите повторно во преден план ја исфрлува мелодијата. Откако сè ќе се забави како нишало од гигантски пропорции Articles of Human Weakness го вовлекува слушателот во конечниот вител чија безобѕирност го заокружува впечатокот дека ова е последното ниво, а сè претходно е Чистилиштето. Данте тоа извонредно го опишал со зборови во „Божествената комедија“, додека All Pigs Must Die на вториот албум со хардкор. Збогатувајќи го со метал, д-бит и сè хеви што можете да замислите помеѓу, квартетот не покажува со прст кон никаков и ничиј господ туку кон (за)секогаш најодговорниот – човекот. Несомнено звучи мрачно и делува депримирачки, но групата во Nothing Violates This Nature изградиле прилично несовладлив случај којшто оди во прилог на тезата дека ништо, ама баш ништо, не може да ја промени човечката природа.

Оцена: 86/100

Артист: All Pigs Must Die
Албум: Nothing Violates This Nature
Датум на објава: 28 јуни 2013
Тон-мајстор: Курт Балоу
Издавач: Southern Lord

Листа на песни:
1. Chaos Arise – 2:47
2. Silencer – 1:55
3. Primitive Fear – 4:21
5. Bloodlines – 3:34
6. Of Suffering – 5:30
7. Holy Plague – 3:26
8. Aqim Siege – 1:06
9. Sacred Nothing – 1:59
10. Faith Eater – 3:37
11. Articles of Human Weakness – 4:47

Слични написи

Остави коментар