No Joy: Шворц-музичари сме, ама уживаме

Прибраноста и приземноста со која што себеси се перцепираат рок и поп-авторите од независните сцени во земјите далеку поразвиени од Македонија ме смее секогаш кога имам прилика да им поставам неколку прашања. Тогаш се присетувам на овдешните квазиславни ликови кои не се способни ниту да одглумат дека имаат талент, а камо ли вистински да го поседуваат. Најшироко ме окезуваат кога ќе ги фатам на некоја удав емисија или ќе им прочитам изјава во која што ронат крокодилски солзи за тоа колку им паѓа тешко поради отсуството на спонзори или финансиска поддршка за нивната работа (последниов збор е кажан со огромна резерва). Степенот на нивната увереност дека буквално сè им следува со раѓање е – цепки. Во тие мигови се појавуваат луѓе како Џасамин Вајт-Глуц, Лора Лојд и Гарланд Хејстингс од No Joy и без зрно фрустрација на моите прашања одговараат дека со својот состав отсекогаш внимателно творат во рамки на можностите. Не само тоа, туку и оти се попретпазливи за парите што ги трошат, позајмуваат или ги заштедуваат за потоа пак да ги инвестираат во сопственото авторство. А дека тоа не било напразно скопската публика ќе има можност да чуе и во живо на 21 ноември во Младинскиот културен центар.

Турнејата низ Канада и САД пред извесно време ја завршивте, одржавте неколку свирки во матичната земја, а сега сте на едномесечна низа настапи низ Европа. Иако ова не ви е прва посета на „Стариот континент“ веројатно сè уште постојат нешта кои секојпат ве шокираат и ве фасцинираат – кои се тие?
– Навистина сме возбудени за оваа европска турнеја бидејќи ќе свириме на места кои мислевме дека нема да ги посетиме како бенд. Никогаш не сум ни замислувал дека ќе свириме на Балканот и комплетно сум возбуден да го видам тој дел од светот.

Ќе свирите, веројатно за првпат, во поранешните југословенски републики како Хрватска, Србија и Романија, но и во земји како Бугарија и Романија. Каква е перцепцијата за овие држави и генерално за балканскиот регион таму од каде што потекнувате и меѓу луѓето со кои сте блиски – дали стравот и сомнежот сè уште се присутни или тие сфаќања се стишија?
– Дел од моите навистина добри пријатели се израснати во Канада и во Македонија и често ги посетуваат. Познавам и други луѓе кои таму патувале и велат оти е прекрасно. Мислам оти општото размислување е дека се работи за нешто возбудливо и различно од сè останато на кое сме навикнати. И исто толку убаво како познатите туристички дестинации во Европа.

По повод оваа европска турнеја го објавивте и новото ЕП, Pastel and Pass Out. Во описот на материјалот издавачката куќа Mexican Summer напиша дека се работи за звучен пејсаж сличен на претходниците којшто ја вклучува веројатно најпоп-песната досега напишана од No Joy. Мелодиите не ви се туѓи, но сè уште целосно не сте преминале во споменатиот жанр. Дали би го направиле тоа и како би звучело?
– Песната Second Spine од најактуелното ЕП е во огромна мера поп, така што, да, тоа би го направиле. Не сметам дека сме особено исплашени комплетно да се преориентираме кон поп-стилот, ако можам така да се изразам, сè додека самата песна е добра и токму таа продукција е најдобрата можна за конкретната композиција. Нема корист од тоа да се прави понејасна со груба бучава доколку директноста е начинот на којшто траката звучи најдобро.
Уште еден приказ од Mexican Summer, оној на вашиот годинашен лонгплеј-албум, ме изненади со отсуството од ПР-пофалби. Соопштението за медиуми отворено вели оти Wait To Pleasure можеби нема да обезбеди нови одговори за No Joy. Што би рекол за модерната потреба да се прави спротивното – намерно да се пумпаат очекувањата?

– Не сум најсигурен дека имам којзнае каков став за ова – моите мислења се изградени од фактичко слушање на музиката. Не обрнувам премногу внимание што се кажува во материјалите наменети за новинарите. Разбирам дека одредени прес-агенти сакаат да создадат фама во нивните текстови, но мислам дека го претпочитам едноставниот и искрен пристап што Mexican Summer го одбрале.

Истото тоа соопштение открива дека Wait To Pleasure содржи збир од извонредни нови композиции што е изјава со која целосно се согласувам. Каде би ја лоцирал причината за овој очигледен скок во квалитетот на авторството особено доколку се знае оти ова е првиот исчекор на No Joy во комплетно студиско опкружување?
– Самото студио навистина помогна да се истакне бистрината во песните. Не би можел да се согласам за пишувачкиот квалитет, односно дека тоа е засебно подобрено, туку повеќе е во прашање фактот оти имавме подобри средства за да ги реализираме нашите идеи. Толку многу нешта посакувавме да можеме да ги направиме на Ghost Blonde, ама едноставно немавме ресурси. На Wait to Pleasure сè и сешто ни беше на располагање, а тука беше и продуцентот Хорхе Елбрехт. Доколку не знаевме како нешто конкретно да изведеме тој наоѓаше начин како да го оствари. Несомнено научивме многу во тие две недели додека снимавме.

Еден од аспектите кои отскокнуваат на вашето деби Ghost Blonde и сега особено на Wait to Pleasure е пристапот и посветеноста со кои ги „напластувате“ траките. Тоа ми изгледа како да градите огромни кули од звук кои некако успеваат да не обземат и да преплават. Што е најголем предизвик за ова да се постигне?
– За ова навистина треба да му се заблагодариме на Хорхе. Тој е манијак кога е во прашање студиото. Ги знае сите трикови на редењето слоеви на звуци без сето тоа да биде пренатрупано, како и да сними делче на начин што нема да биде обземувачки. Исто така, тој го миксаше изданието што беше извонредно бидејќи точно знаеше каде и што е сместено и како да нагласи одредени сегменти. И за Ghost Blonde снимавме слоеви и слоеви во композициите, што мислам дека и во некои делови се забележува, меѓутоа, кога отидовме да го миксаме со Сан Роуз Вагнер тој забележа дека голем дел од нашите гитарски парчиња беа снимени прегласно или на начин што би ги смешал со другите „наслаги“ што резултира со губење на многу детали. Сега знаеме како сето ова да го правиме.

Пред отприлика една година свесно се откажавте од материјал со којшто можевте да пополните цел албум. Иако ова се случува почесто отколку што луѓето надвор од музичкиот свет можат да претпостават секако не делува на лесен потег. Како овој тип на заклучок – оти сте работеле напорно, а финалниот продукт не излегол доволно добро – ве редефинира како артисти?
– Одлуката да се откажеме дојде сосема лесно. Сите ја чувавме колекцијата во фиока и знаевме дека не сме особено возбудени за неа. Не изгледаше како чекорот напред што требаше да се случи. Тоа дојде на крајот од цела година мината на турнеја по која што чувствувавме дека имаме потреба од снимање, но умствено не бевме на вистинското место и во тој аспект делуваше прилично изнасилено. Знам дека голем број бендови го доживуваат истото. Сè на сè, сепак верувам дека беше одлично што ја снимивме таа збирка затоа што така ни се разјасни што треба, всушност, да направиме. Откако падна решението да не го издаваме материјалот Mexican Summer ни ја презентира опцијата да го користиме нивното студио и нештата почнаа да си доаѓаат на свое место значително полесно.
Снимањето на Ghost Blonde го изведовте според „направи сам“ филозофијата, а се чини дека No Joy планира и понатаму посветено да ги почитува DIY-принципите. Како ова досега функционира за вас од две веројатно клучни гледни точки – од уметничката и од практичната?

– Отсекогаш внимателно сме работеле во рамки на нашите можности. Не мислам дека ова нужно нè прави DIY-состав туку само попретпазливи за парите што ги трошиме, позајмуваме или ги заштедуваме. За Ghost Blonde воопшто немавме средства и затоа снимавме со тоа што го имавме – USB микрофон, просторот за проби и лаптопите. Не верувам дека поради ова плочата изгуби нешто. Со денешната технологија можете за навистина евтини пари да создадете материјал што ќе звучи прекрасно. Освен тоа, сите сме и донекаде креативни луѓе и уживаме во процесот на придонесување во обвивките за нашите албуми (како насловната на Negaverse) или во правење маици за турнеите.

Во интервју за британскиот The Stool Pigeon сосема искрено и гласно истакнавте колку малку или ич не ви е гајле за музичките рецензии, што луѓето пишуваат за вашите албуми и концерти или како сте претставени од медиумите. Во време на блогови и на исклучително влијателни онлајн-магазини ова делува радикално или можеби опасно за кариерата на еден артист. Како сето ова изгледа од вашата перспектива?
– Отсекогаш сме изјавувале дека оваа музика ја пишуваме за себе и иако со задоволство ја споделуваме не значи дека ќе се загрижиме ако некому песните не му се допаднат сè додека нам ни се по ќеиф. Ова на еден начин нè навраќа и е поврзано со изданието што не го публикувавме – дел од неколкуте луѓе што го слушнаа рекоа дека се вљубиле во материјалот, но нам не ни легна како што треба и затоа стартувавме отпочеток. За мене е неискрено да се каже дека тоа што го правиш е за фановите или за останатите луѓе да уживаат. Мислам, колку искрена може да е музиката ако не ја пишуваш за сопствено задоволство? И покрај сè, не мислам дека изјавата што ја спомена е опасна, очигледно сме многу возбудени поради приемот на нашата музика и затоа и понатаму одиме на турнеја и ја промовираме плочата.

No Joy настапуваа насекаде, објавија два албума, а дури и привлекоа одредено внимание во меистрим-јавноста држејќи се претежно до направи сам-етиката. Повеќето бендови денес не го прават ова и се потпираат на сервиси како Spotify за да остварат одреден степен на успех. Том Јорк и неодамна Дејвид Брн јавно ги критикуваа овие сервиси тврдејќи дека тие безмалку ги истребуваат сите шанси за новите и непознати артисти. Каков став имаш во оваа „дебата“?
– Со тоа што живеам во Канада немам пристап до Spotify што значи не сум комплетно сигурен како функционира. Колку што сфаќам, тоа е, помалку или повеќе, бесплатен стриминг на музика? Ми изгледа дека луѓето денес не мораат воопшто да плаќаат за музиката. И иако уживам во сето ова (да сум шворц-музичар) би било фино некакви пари да пристигнуваат до артистите кои ги празнат своите сметки во банка за вие да можете бесплатно да ги слушнете и да се насладувате на нивните дела.

Слични написи

Остави коментар