Born From Pain го предводи четвртото „Востание“

Хардкор-фестивалот „Востание“ годинава ќе се одржи на 14 декември (петок) во Младинскиот Културен Центар во Скопје. Хедлајнери ќе бидат легендите на европската сцена, Born From Pain од Холандија. Остатокот од поставата го комплетираат: Violent Chapter (Белград), Флукс и YÖU од Скопје, Against Them All (Битола) и Triggered (Куманово). Билетите се веќе во претпродажба во МКЦ, по цена од 350 денари, а на денот на фестивалот ќе чинат 450.

Основан во 1997 година, холандскиот состав Born From Pain зад себе има седум студиски албуми и голем број турнеи. На последната на која што зедоа учество, Persistence Tour 2018, сцената ја делеа со Hatebreed, Madball и Power Trip. Во јануари го објавија новиот сингл Rebirth, а за во следниот период го најавуваат издавањето и на новата плоча.

Околу тоа како таа ќе звучи, во интервју за вебсајтот Pit Kings, основачот и вокалист Роб Франсе изјави:
– „Секогаш постојат поинакви влијанија или од тоа што моментно го слушаме, а што не мора да значи дека е хардкор или метал. Нешто од тоа може да биде потсвесно или очигледно. Тоа и понатаму ќе биде присутно, но ние отсекогаш сме го правеле и во иднина ќе го правиме тоа што го сметаме за типично наше. Има неколку значајни темели на нашиот звук, како што се грувот, тежината и металскиот вајб, без притоа да се изгуби хардкор-чувството, бидејќи тоа секогаш ќе го носиме. Дури и албум како The New Future што имаше одредени електронски влијанија, ги содржеше споменатите темели“, вели Франсе.

Слични написи

Остави коментар