Bon Iver – For Emma, Forever Ago [Jagjaguwar, 2008]

Џастин Вернон, момакот што настапува под името Bon Iver, е веројатно еден од најдобрите примери за соло-артист во модерната дигитална ера. Од причини целосно неповрзани со состојбата во музичката индустрија, 27-годишниот музичар три месеца живееше во куќичка во снежните шуми на северен Висконсин, таму сними албум на стара опрема и кон крајот на 2007 сам го објави. Медиумите со добар слух уште тогаш го забележаа, го испофалија и издавачките куќи Jagjaguwar (во САД) и 4AD (во Велика Британија), во февруари и мај 2008 година го дистрибуираа материјалот до широките народни маси. Затоа, од аспект за тоа како може да се „успее“ денес на сцената, For Emma, Forever Ago е прекрасно позитивен пример.

Сепак, вакви „бизнис-моменти“ можете да имате колку сакате, но доколку музиката ви е тапа, простете се од соништата дека светот ќе ве слушне. За среќа, Вернон е одличен автор иако неговите композиции се резултат на низа непријатни околности. По распадот на бендот DeYarmond Edison, прекинот на врската со девојката и низа здравствени проблеми, Вернон заминал во Висконсин за да закрепне. Воопшто не планирал да снима, но од изолацијата на крајот се испилил For Emma, Forever Ago. Од таа причина, исклученоста и големата дистанца од бучниот свет, како и спонтаноста, односно моментот, се највидливата страна на изданието. Иако ви е јасно оти песните се веќе снимени, тешко дека, барем еднаш, нема да замислите како филмот на нивната креација се одмотува пред вашите очи. А тоа, секако, е детаљ кон кој се стремат многу артисти.

Како што и самиот Вернон изјави, For Emma, Forever Ago не е албум за една, конкретна, девојка, туку слика за тоа „што“ и „кога“ некои работи се случиле. Вториот дел од името на плочата, пак, укажува дека авторот се навраќа на стара и одамна загубена љубов. Токму таа блокада што може да ви се случи кога минатото ве вкочанува и парализира, е тематика што доминира со деветте песни. Нормално, сеќавањето игра главна улога во нумерите, но не на начин што алудира на потреба за патување назад во времето и одново доживување на истите моменти, туку на чувството што го имате кога сфаќате дека некои работи завршиле, но не сте успеле да им ставите точка. Со сиот ризик оти ќе помислите дека Bon Iver е некоја турбофолк-певаљка, ќе кажам дека суштина на неговиот деби-албум се отворените рани и емотивните проблеми што следуваат доколку само ги зашивате, но не им дозволувате целосно да зараснат.

Најинтересна работа во целата фама за For Emma, Forever Ago е фактот што иако далеку од перфектен, токму таа несовршеност го прави дискот симпатично приемчив. Вернон до крај ја доловил ранливоста во која бил заглавен додека ги пишувал песните. Неговите стихови се куси и прости, но оставаат широк простор за интерпретација. Самотијата и зимата, пак, тоа совршено двојство, се насликани во продукцијата (иако овде речиси и да нема такво нешто) и во мелодичните рефрени што се убав симбол за катарзата низ која минувал авторот додека ги пеел. Прашање е дали Вернон успеал целосно да ја смени кожата и да се ослободи од своето минато, но можеби и тоа е пораката на For Emma, Forever Ago – раните не се бришат со гумичка, туку човек ги прифаќа и учи да живее со нив, а „седмица на лото“ е добивката ако од истите научи некоја битна лекција.

Текстот првично беше објавен во 2008 година на plagij.at

Артист: Bon Iver
Албум: For Emma, Forever Ago
Објавен на: 19 февруари 2008
Продуцент: Џастин Вернон
Издавач: Jagjaguwar

Листа на песни:

1. Flume – 3:39
2. Lump Sum – 3:21
3. Skinny Love – 3:58
4. The Wolves (Act I & II) – 5:22
5. Blindsided – 5:29
6. Creature Fear – 3:06
7. Team – 1:56
8. For Emma – 3:40
9. Re: Stacks – 6:41

Слични написи

Остави коментар