МКЦ е во ЕУ, другите каскаат

Тешко дека суперхеројските филмови се најдоброто место за црпење мудрости што се во допир со реалноста. Дефинитивно се инспиративни. Нивниот забавен пристап може да послужи како почетна точка во потрага по фактичко знаење. Размислувајќи за гласините дека на Младинскиот културен центар ќе му биде променета раководната структура со партиски декрет, ме удри флеш од Ентмен, кој во една размена со иноваторот Хенк Пим употреби варијација на фразата „If it ain’t broke, don’t fix it“. Скот Ланг бездруго не е Имануел Кант, што ме поттикна малку да пробуричкам низ историјата на реченицата која што и не така ретко се среќава низ разните канали на популарната култура. Резултатот излезе уште посоодветен во однос на јавната дискусија околу МКЦ.

На прва рака, повеќето би претпоставиле дека наведената изрека е во циркулација од памтивек, но се испостави дека денешната нејзина популарност се должи на настани од крајот на 70-тите. Имено, Берт Ленс, директор на одделот за менаџирање со буџетот во администрацијата на американскиот претседател Џими Картер, во 1977 година рекол дека може на Чичко Сем да му заштеди милијарди долари ако ги натера владеачките структури да го прифатат следново мото:
– Ако не е расипано, не го поправај. Тоа е проблемот со владите. Поправаат работи што не се расипани и не поправаат работи што се расипани.

Фразата несомнено не е измислена од Ленс. И без темелно да се истражи, интуитивно може да се почувствува оти во неа е содржана силна доза практична, народна, мудрост. Заклучоците кои што обичниот граѓанин си ги одомаќинил затоа што немал можност да научи повеќе, често се неточни, меѓутоа, во случајот со МКЦ се целосно применливи. Ако на нив, пак, се додаде проширената изјава од американскиот политичар, ова станува уште повистинито. Тој, без задршка, во суштина нагласува дека владата измислува проблеми за да може наводно да ги реши. Во исто време, не решава ситуации кои што на граѓаните им создаваат сериозен проблем.

Како човек којшто, помалку или повеќе, институцијата ја посетува од крајот на основното училиште до денес, можам да кажам дека Младинскиот културен центар во Скопје сега е прилично далеку од некаква проблематична состојба. Напротив, неговата продуктивност понуди клучна поддршка за развојот на разновидните форми култура што во градот се создаваа изминативе неколку години. Со своите активности, локацијата беше единствен бастион на современост во деценијата на идиотска антиквизација. Или најчовечки кажано, на сите што сакавме да избегаме од инвазијата на скулптури и гипс-картон фасади, барем за кратко, ни понуди креативно засолниште. Најзаслужна за тоа беше актуелната екипа на МКЦ, не само поради тоа што проектите трудољубиво ги завршуваше, туку и затоа што со години се дел од оваа установа. И не помалку важно, десетици години самите се активни на културната сцена, односно не се узурпатори со политичко-кариерски мотив.

Сосема ми е јасно дека, откако ќе се добијат потребните изборни гласови, кога ќе дојде време за владеење, во Македонија не се важни луѓето кои што заокружувале ливчиња и кои што се дел од некаква гласачка групација споена со слични вредности. Поважни се тие што можат да понудат и оние што имаат нешто во размена да земат. Оние што создаваат и кои консумираат урбани уметности и интелектуална култура, можат патиките да ги дадат на асфалтот за време на протести, но кога ќе дојде време нешто да се земе, попаметно да не сонуваат за исполнети очекувања. Притоа, овде не се зборува за стоково-финансиски придобивки, туку само на гарантирање на правото луѓето да се чувствуваат како дома во местото што со години, со заеднички сили, го направиле свое. А доколку во него сосила се инсталира раководител само за да се демонстрира политичка сила или да се задоволат коалициски или лични фиксации, публиката ќе стане туѓинец на сопствен терен.

Покрај фактичките примери за успешно функционирање, како палетата на настани, бројот на посетители и едноставно, позитивната енергија, скопски МКЦ отскокнува и во поглед на една карактеристика што нашата држава наводно има за цел да ја постигне – европското однесување. Типични особини за мнозинството субјекти од администрацијата на земјава се: непродуктивност, неефикасност, пасивност, затвореност и сите останати нијанси на непрофесионализам. Младинскиот културен центар, пак, предводен од сегашниот тим, на долг рок го докажа спротивното: обезбеди услови или самиот создаде многу проекти од речиси сите форми на културата; го изведе тоа со релативно малку средства; активно се обидуваше да ја зацврсти и да ја прошири сопствената програма; во сето ова отворено ги вклучуваше јавноста и сите заинтересирани; се придржуваше до квалитетот и до искрената желба да се поттикне неговиот развиток.

Немам намера никого да идеализирам. Сигурно постојат финеси што некој смета дека треба или е убеден дека може подобро да ги реализира. Тоа, сепак, би биле само детали што не ја менуваат доминантно позитивната слика за досегашното работење на установата под палката на менаџментот составен од внатрешни кадри. Поводи за тој да се промени не ни мора да постојат. Лесно може да се измислат. Онлајн-машинеријата невешто ќе нагрне да ги оправда, но пораката што така се праќа е исклучително неевропска. Верувањето дека на Запад нема политичко влијание при назначувањето раководители е особено наивно, ама и да има, кај нив таквите случаи или се реткост или се сведени на минимум. Преовладува работливоста, професионалноста и искуството во струката.

Во случајот со Младинскиот културен центар, членовите на екипата што моментно го управува – најпрво оперативно под друг партиски директор, а последниве година-две и со свои сили – се експерти во градењето европска енклава во опкружување што е крајно балканско-македонско. Ако Европската Унија ни е реперот кон којшто се стремиме, не само протоколарно, туку суштински, тогаш МКЦ на повеќе нивоа е веќе во ЕУ, а другите сродни институции зад него каскаат. Актуелниот тим со работа покажа дека установата не е расипана, што значи нема причина да се поправа. Доколку власта сака да прати некаква политичка порака со вистинско значење, треба да се движи во сосема друга насока – да го истакне Младинскиот културен центар како пример за професионална администрација што останатите мора да го следат. И секако, да го награди со конкретна поддршка за да може уште подобро да ја носи Европа и светот во Македонија.

Слични написи

Остави коментар