SJF 2013: Напред кон историјата

Градењето пиедестали за да се издигне, а потоа и на нив да се изведуваат ритуали со кои минатото се повикува да се врати е комично и беспредметно. Погледнете што им се случи на Египќаните. Вложија тони скап камен и армија безвредни човечки животи, а Гру им ги украде додека тие спиеја со стомак подуен од туристички бакшиш. Она што било порано, сепак, не е бауч. Сосема спротивно, од него секогаш може да се учи и пак да останат лекции што никогаш нема да се простудираат. Стапицата, длабока и често загрозувачка по опстојувањето, се појавува кога филмот, излитен од претерано вртење пред неколку генерации, изнасилено се реставрира и се претвора во единствен водич на однесувањето. Тогаш, мантрата е дека се граби кон иднината кога, всушност, уште повеќе се зацапува во назадувањето.

За нечие срцебиење, барем не директно, ова можеби не е фатално. На долг рок, пак, за духот и за културата на индивидуата и на колективот тоа дефинитивно е смртоносно. Или кажано нагласено симплифицирано, со рок-жаргон, животот на стара слава не се базира на визионерство, туку на китење и на тезгарење со туѓи перја и дела. Најпосле, и покрај сите обиди за прикривање, оваа извештаченост самата се разнебитува, а зад себе не остава ништо опипливо, освен легенда за погрешно донесена одлука и лошо реализирана политика. Баш затоа, погледот сосредоточен на невоздржано откривање вреди значително повеќе од слухот што владее потпрен на безизлезно рециклирање. Првото бара трпелива работа и истражување, а носи издржани резултати. Второто ќе помине со минимален труд, без проучување и гарантира инстант-задоволство.

Скопскиот џез-фестивал е ентитет од областа на културата што би можел солидно да егзистира наслонувајќи се исклучиво на своите три децении постоење. Тоа би било она што летнохитовските ѕвезди најболно го познаваат: вадење на застојана популарност наместо тегнење со храбра релевантност. Последново е всадено и неразделно уште од зачетоците, а се потврди и со годинашното, 32 по ред, издание на манифестацијата. На неодамна завршениот глобален музички собир што добивме шанса да го проследиме во овдешните локално достапни сали имаше и минато и сегашност. Најмногу, сепак, се слушаа исчекори кон непознатото, неискусеното и нечуеното. Пронаоѓајќи рамнотежа меѓу експерименталниот фри-израз и поттикнувачкиот грув-пулс петте вечери внесоа јака доза хранливи состојки во бавниот, но не и забавен, крвоток на главниот град.

Еван Паркер, Сидсел Ендерсен, Роско Мичел и Питер Еванс нè запознаа со димензии на звукот со кои што не само на овие простори, туку и на планетарно ниво, малкумина воопшто се сретнале, а камо ли во прво лице да ги искусат. Get the Blessing, Касандра Вилсон со „Хариет Табман“, Никола Конте, Ибраим Малуф и Prism на Дејв Холанд ни презентираа крајно лични стилови со забележителна заедничка нишка – раздвиженост каква што инспирира разиграната страна на животот. Буквално секој од овие настапи, како и остатокот од изведувачите, не беа безгрешни и секако, не можеа на секого да се допаднат. Севкупната програма, сепак, на крајот се покажа како извонредно флуидна, шаренолика и компактна како целина.

По феноменалната прослава на триесетката во 2011, квалитетот на листата со артисти, а потоа и нивните перформанси, трета сезона по ред е на импресивно скалило. Според тукашните, сеприсутни, параметри ова би било доволен повод за наградно опуштање и попуштање. Манифестацијата, од друга страна, не си дозволи да ѝ се замати фокусот. Цврсто држејќи се до високите критериуми што лично си ги наметнале (поинаку и не може да биде зашто овде стандардите служат за исмевање) организаторите и себеси не се исклучиле од равенката што изискува да се биде пред времето. Недопуштајќи му да ги згази тие најавија оти од наредното издание ќе ги води нов директор. Досегашниот, Оливер Белопета, истакна дека нема целосно да се повлече туку факелот полека ќе го предава на следната генерација. Овој потег, заедно со имињата што ни ги приближува, подвлекува оти Скопскиот џез-фестивал нема ниту минимална намера да се откаже од дамнешната решеност смело да гази напред. За тоа има јасна, недвосмислена и проста причина – така најдобро се создава веродостојна историја.

Слични написи

Остави коментар