Постеризам: Laurent Durieux

Најдобриот воен филм на сите времиња, „Апокалипса сега“, во исто време, веројатно е најмоќната антивоена анализа снимена на филмска лента. Ова двојство бездруго не е единственото поради кое и денес, многу години откако првпат го гледав, а речиси три децении од премиерата, ремек-делото на Френсис Форд Копола често ми се појавува во умот, но и во тајмлајнот.

Објавата на нов постер беше последниот повод да се присетам на 153-минутниот мастерпис, но и да откријам уште еден мајстор, белгискиот дизајнер Laurent Durieux. Роден во 1970 година, Дурио неколку декади создава извонредни илустрации и работи како учител, но дури во 2013 беше забележан од пошироката јавност, пред сѐ, како резултат на постерот за Jaws, што го заинтригира и авторот на холивудскиот класик, Стивен Спилберг.

По ова, интересот за Дурио продолжи да се зголемува, што резултира со неговото кратко анимирано деби Hellville, како и првата, а сега и втората, изложба во галеријата Mondo, која што во Остин, Тексас ја води истоименото студио за изработка на лимитирани серии на постери за класични и за модерни филмови, серии и стрипови. Во интервју за Collectors Weekly, Дурио во 2013 изјави:
– „Жан Жиро и неговото алтер-его Мебиус имаше огромно влијание врз мене како илустратор. Тој е причината поради која почнав сериозно да цртам. Тоа беше како со мојот постар брат – сакав да бидам подобар од него. Секако, наивно беше од мене да мислам дека некогаш можам да бидам споредуван со таков исклучителен талент, а сепак, во тие години, тоа ме мотивираше“, вели Дурио, чиишто дела се достапни преку неговата онлајн-продавница.

Галерија со постери

 

Слични написи

Остави коментар