Mando Diao и Therapy? на Таксират 2.0

Шведската петорка Mando Diao и северноирското трио Therapy? на 8 декември ќе настапат на централната вечер на годинашниот „Таксират“. Јубилејното, 20 по ред, издание на фестивалот ќе се одржи во спортската арена „Борис Трајковски“. Останати досега потврдени имиња на главниот настан се: македонскиот хардкор-состав Smut, француското арт-кабаре Nouvelle Vague и американскиот битбоксер Rahzel, кој ќе пристигне со The X Ecutioners.

Откако во 2015, по 19 години во бендот, пејачот и гитарист Густаф Норен ја напушти поставата, Mando Diao лани се врати со албумот Good Times. Во интервју за хрватскиот портал muzika.hr, запрашани дали насловот на изданието го референцира периодот со бившиот член или се однесува на нешто сосема друго, фронтменот Бјорн Диксгард рече:
– „Good Times едноставно го претставува чувството во кое што групата моментно се наоѓа, а воедно и желбата тоа да го пренесеме на публиката – добрата забава и енергијата. Ние ја носиме забавата. Од друга страна, насловот на еден начин е и прашање. Во светот во којшто живееме има толку работи во коишто можеш да уживаш, но исто така, има и толку многу проблеми. Заднината на албумот укажува на тоа, не е сѐ рај, постои и мрачна страна. Сакавме да ја покажеме и таа друга страна, да не излезе дека сѐ е некоја фасада што ги разубавува нештата“, вели Диксгард.

Активни од 1989 година, Therapy во септември го издадоа 15 студиски албум Cleave. Продуциран од Крис Шелдон, којшто со триото работеше на нивниот класик од 90-тите, Troublegum, дискот содржи десет песни. Разговарајќи со PledgeMusic, предводникот на групата Енди Кеирнс истакна темите на цедето се поврзани со актуелните случувања, особено во поглед на општествената поделеност и конфликтите:
– „Сѐ тргна од еден коментар на забава близу мојот дом во Кембриџшаер. Ми требаше стартна точка за тема на изданието. Моментната атмосфера на поделеност и непријатност во Британија е очигледна, но не знаев од каде да почнам да ја обработувам од агол на музички автор. На споменатата забава, која што беше типично и по формула за средната класа, во текот на една дискусија споменав дека сум разочаран од резултатот на Брегзит. Некој ми одговори: Добро, ако не ти се допаѓа секогаш можеш да се вратиш дома. Се вратив во мојот дом и таа вечер ги напишав стиховите за Kakistocracy, песна на новиот албум“, вели Кеирнс.

Слични написи

Остави коментар