Desonanz 2018 од 31 октомври до 4 ноември

Фестивалот на современа музика и мултимедијална уметност, Desonanz, годинава ќе биде отворен на 31 октомври и ќе трае до 4 ноември. Со концерти, забави, перформанси, презентации и проекции, манифестацијата ќе одбележи деценија постоење на повеќе локации во Скопје. Организаторите истакнуваат:
– „Единствените два критериуми кои се битни за музиката се Квалитет и Контекст. Водејќи се по овие два принципи, програмата на Desonanz Festival 2018 е богатство од врвна музика од широк спектар на жанрови, внимателно селектирана и ставена во контекст кој го вади најдоброто од уметноста. Овој Desonanz ќе имаме можност да посведочиме две легенди на мултимедијалната уметност како даваат нова свежина на векови стари симфонии, да видиме масивна видео инсталација како го краси клубскиот подиум, да ги чуеме премиерно новите проекти на некои од најголемите имиња на македонската музика и да ги одиграме најновите берлински хитови во клуб со огромен звук“.

Свеченото отворање ќе биде со гала концертот Fennesz + Lillevan present Mahler Remixed што ќе се одржи во Македонската Филхармонија на 31 октомври. Овој перформанс е ретка глетка на концертните сцени и досега е изведен на само неколку локации, меѓу кои се RadioKulturhaus во Виена, Карнеги Хол во Њујорк и Borusan Music House во Истанбул. Со него, двајцата музичари даваат свој поглед на делото на композиторот Густав Малер.
– „Беше неверојатно тешко да се работи со музика што веќе беше совршена. Имам најголема почит за композиторот, но на крајот, не можев да ја подобрам музиката. Единствено имав можност да избирам сегменти“, истакна во една прилика Fennesz.

Австрискиот музичар се вбројува меѓу клучните фигури на електронската и на авангардната звучна сцена на светско ниво. Тој е формално образован гитарист и етномузиоколог, но негов клучен израз е композицијата и креирањето звук што е само за него карактеристичен. Изминативе десетина години соработуваше со многу музичари, филмаџии и танчери, а меѓу овие имиња се и Ријучи Сакамото, Дејвид Силвијан и Мајк Патон.

Lillevan е уметник што се занимава со анимација, видео и медиуми. Тој ја има делено сцената со голем број уметници од широк спектар на жанрови како опера, инсталации, експериментална електроника, танц и класична музика. Неговиот израз дава поинаков контекст, ги комбинира и ги политизира постоечките филмски кадри и фрагменти. Lillevan гледа на својата работа како на процес со повеќе слоеви, што му дава на секој гледач прилика да се фокусира на различни детали и моменти.

Освен Mahler Remixed на Fennesz и Lillevan на отворањето на Desonanz 2018 публиката ќе има прилика да ги слушне и види и: Cummi Flu & Raz Ohara; Кокан Димушевски со концертот за пијано и виола насловен Private Music; видео инсталациите Polymath и 10 години Desonanz, двете на 0 Kolor; и презентацијата Dwr: record playing is the acknowledgment of multitudes of miniature earthquakes.

Останатиот дел од програмата на фестивалот е следна:

1 ноември | Отворено Графичко Студио | Работилница и презентација

– Pure Data with Jean Francois Castel Branco.
– Презентација и џем сесија со учесниците на работилницата

2 ноември | Клубска Вечер – 10 години Killekill Berlin

– Eomac
– Furfriend (Live)
– DJ Flush
– Rikaloski

– Видео Инсталација Polymath

3 ноември | концерт – A Night at the Museum

– Sim Hutchins (Live AV)
– Niskogradba (Live AV)

клубска Вечер – Festival Closing Party

– Secret Guests + Desonanz DJs

Слични написи

Остави коментар