Топ 10 МК албуми во 2013

Fighting WindmillsДомашната, непанаѓурска, антиестрадна, самостојна музичка сцена лани бруеше. Тоа се преслика во над 40 авторски студиски збирки креирани, снимени и издадени далеку од турбоизираниот меинстрим којшто – бидејќи се изнаплака како мало дете – доби и силна, налик на родителска, буџетска поддршка. Не, ова не е научна-фантастика, во морето од субвенции и за нив беше одвоен остров каде што за една, единствена, песна од пари собрани од даноци ќе им се исплаќа над 4.000 евра. Независните изведувачи, спротивно од тоа, и сезонава продолжија неуморно да се потпишуваат на дела кои се актуелни, модерни, инспирирани од стварноста, а сепак, крајно издвоени од нејзините сè поидиотски игри и правила на однесување. Годинава, овој историски исклучително значаен сегмент за македонската култура, испродуцира нешто помалку – не повеќе од 30 нови изданија – но нивниот квалитет го прави тотално небитен „падот“ во квантитет. Од сите тие остварувања, ова се моите топ 10 МК албуми во 2013 година.
10. Culture Development – You, Me and Nobody Else [Направи заедно]
Суштински, скопскиот бенд и понатаму се држи до пост-хардкор постулатите. Најблиски се до пристапот на Defeater, ама допираат и до стиловите на Comeback Kid и Touché Amoré. Не е ова претепан, до ср’ж скаменувачки, материјал, меѓутоа, тој во себе носи забележлива повлеченост и поглед кон себе, што е зрела спротивност на неговиот суров звучен екстериер. Влагата од гаражата, потта од свирката во сквотот избришан од градската карта и мирисот на гориво од бензинската во село затурено на границите на цивилизацијата не можат да се заобиколат на You, Me and Nobody Else. Истакнувајќи ги гласно и невоздржано, Culture Development подвлекува дека до корен разбрале една од носечките карактерни особини на хардкорот – посветеноста наспроти рамнодушноста.
9. ЛД Пистолеро – После мостот [ЛД]
Иако овој деби-албум е впечатлив тој не содржи студиски финти чија цел е да бидат повод за простачко кочоперење колку се скапи. Во изобилство, пак, има умни и вешти мелодиски и ритмички решенија. Тие во извесни мигови се граничат со минимализам, но нагласуваат значително повеќе – и ставови и чувства – отколку „композиции“ кои се понакитени и од старо-новиот барокен театар. Причината за тоа е рудиментарна, како и домашното воспитување што во Македонија е на листата со загрозени видови – „ЛД Пистолеро“ создава музика наменета за оние што прават разлика помеѓу добро и лошо. За нив, „После мостот“ е хип-хоп (само)анализа што го подобрува сè поразлошеното домашно опкружување. На останатите, пак, албумот може да им послужи како лесна дрога за тешко освестување.
8. Furion – Thrashing Folks [Diehard]
Освежувачки и издигнувачки квалитет демонстрира релативно младиот состав Furion на деби-албумот Thrashing Folks. Возраста во години ја споменувам само за да послужи како контраст на впечатокот на искуство што е очигледен во авторството, во аранжирањето и во изведбата што квинтетот ги прикажува на своето првенче. Тие на цедево свират со кондиција. Не позираат како манекени за фенси-опрема за кардио-тренинг што никогаш нема да се реализира. Сериозно и професионално си ја сфатиле задачата што на хуманитарна основа (без очекувања за слава или хонорар) сами си ја доделиле, ама се забележува дека не се скаменети, мртви озбилни, кипови туку невоздржано се забавуваат и уживаат. Внесуваат и соодветна доза комедија, иронија и сарказам, кои колоритно се илустрирани во стриповската обвивка.
7. Милко – Луѓе [PMG]
Според есенцијата, ова во најголем дел е алтернатива типична за Америка во 90-тите, со одредена доза инди-рок и брит-поп од истата деценија. За разлика од валканоста на звукот од оваа ера, тонот на плочава е прочистен и измазнет, поради што таа воспоставува врска и со актуелната светска гитарска сцена. Ваквиот распоред го прави материјалот помалку носталгичен, меѓутоа, во никој случај не го става во кошот на ретроградните. Жанровски, стилски и концепциски, дискот е логично продолжение на “Никотин”, но и негова значително унапредена, созреана, верзија. Ср’жта на материјалот, пак, јасно се забележува – неговиот екстериер без мачнина се восприема, а ентериерот, крие замрсеност што индивидуално се открива. Исто како сите “Луѓе” за кои што “Милко” свири и пее.
6. Shock Troopers – Лешинари [Diehard]
Во суштина, на најфундаментално ниво, ова е панк. Поспецифично, таквата основа е издефинирана во мешавина од неколку сродни жанрови – хардкор, краст и грајнд – кои се стегнати со хеви-тупаницата на металот. Изненадувања, сепак, доаѓаат повремено и токму тие го издигнуваат материјалот над стереотипот на вообичаено, рудиментарно и примитивно, беснило. Пишувачките решенија, кои иако имаат (навидум) проста мисија – да предизвикаат прочистување на гневот – ги прикажуваат Shock Troopers како интелигентни, едуцирани и сконцентрирани автори. Нивниот деби-албум е огледало на лешинарите од секаков вид, но тој не е создаден од мршојадци на пцовисани идеи туку од човечки суштества кои не се воздржуваат креативно да ја ожнеат лутината која што, веројатно како и сите ние, во себе ја носат – ако не катадневно, барем повремено.
5. Tonyo San и Kemp O.D. – Чаирскиот албум [Aaastudup-Tup-Pa]
Грувот потпрен на минимализам, како и изборот на пијаното и на виолината за главни мелодиски двигатели, заедно со говорните семплови од филмски драмски класици, го создаваат скрбниот тон на дискот. Ваквото директно гледање на маалската, а со тоа и на севкупната македонска општествена бруталност нема глатко да се провре во сечие уво, но не зашто е аматерско и детско, туку бидејќи во него е збран дел од секого. Составувајќи ја од хип-хоп третиран како социјално освестена поезија, емсијата со неа фактички, со дело, им искажуваат неизмерна почит на главните инспиратори на збирката – Кочо Рацин и Блаже Конески. На тој начин Тонио Сан и Кемп О.Д. ја приближуваат вредноста на „Чаирскиот албум“ (во домашниот, како и во регионалниот рап) до таа на „Бели мугри“ и „Везилка“ (во македонската литература).

4. Фонија – Мојот пекол [Направи заедно / Sixtynine]
На цедево отскокнуваат „Најдолгиот пат“ (чиј заразен лид е перфектен „конец филма“), „Седам и чекам“, „Мојот пекол“, „Излези“, „Сакам да згрешам“ и „Овој ден“. Токму во последнава е отелотворено сè најдобро на дискот и сè што недостасува од осакатената музичка јавност во Македонија. Полетна, леплива, со умни стихови („не ми требаат рибите во морето…нека го најдат својот блескав мамец“) таа има моќ и побитно, би требало да навлече стотици, а зошто да не и илјадници млади луѓе – според години и сфаќања. Тие најпрво ќе се идентификуваат само со неа за потоа да се пронајдат и во комплетното цеде. Ваквото лесно исцртување линија на поврзување е овозможено од причина проста како грав: мрачниот ад којшто „Фонија“ го врамнотежува со ведри, но не и празноглави, песни е нашиот, заеднички, пекол.

3. Foolish Green – Escape [Password]
Возбудата, среќата и тагата зависат исклучиво од личната фантазија, а таа на Ненад Стефановски е бујна и фокусирана. Поради ова двојство, кое не мора да биде контрадикторно, плочата шара и бара низ повеќе правци. Таа дозволиво ретко го губи погледот од хоризонтот, каде што е сместен идеалот за пишување поп-песни кои без напор се восприемаат, но кои не се напорни со простотилакот. Ова е интелигентен и потентен звук, кој може да биде и комерцијално успешен, ама тоа не му е најсилната страна. Најголемиот триумф на Foolish Green е што во албумот расфрлува фрагменти од реалноста, а притоа креира длабоко инспиративен ескапизам. Составот на тој начин го оправдува цитатот од Франц Кафка вметнат во обвивката – Escape е прибежиште од кое се отвораат безброј можности за бегство.

2. Fighting Windmills – Рапсодии во празно [Rokche Ova Ona]
Третата студиска колекција на скопската група е искорната од нашата гипс-картон стварност. Уште во првата секунда се одмотува семпл од филмската орвелова „1984“. Зборовите се забодуваат како шајки испукани од пиштол: „Единствено што од тебе барам е да ја прифатиш мојата љубов за нашиот водач“. Испреплетувањето на пост – и рок и метал – фриковски џез, хардкор и панк, нагласено од свирачкиот талент и содејство на членовите, заедно со деталноста на снимката, како и остриот хумор и политичка проникливост, збирката ја креваат на ниво на инспиративност каква што ретко се достигнува. Целосно ги разбирам Fighting Windmills за силното чувство што веројатно го имаат – дека овие рапсодии ги свират во празно – меѓутоа, во никој случај нема да се согласам со нивниот евентуален сомнеж: оти албумов го создале напразно.

1. Bernays Propaganda – Забранета планета [Направи заедно]
Три студиски колекции во период од одвај четири години на многумина веројатно им делуваат како совршен пример за музичка хиперпродукција или за создавање опасна можност за саморециклирање. Првата од овие две претпоставки Bernays Propaganda го негираат со бекграундот, растењето и со темелното образование здобиено на хардкор и панк-сцените, додека втората се побива со упорноста во подобрувањето на избраниот занает, а тој е пишување музика на која што и нозете и умот ќе танцуваат. Авторски и продукциски „Забранета планета“ бездруго е на линија на сè што составот претходно објави, меѓутоа, со зрелост, стегнатост на идеи и со фокусираност при нивниот избор и исфрлање кои се за неколку скалила поизразени отколку на претходниците. Кога на тоа ќе се додадат стиховите полни со ум, срце и желба за поубав локален и глобален свет се добива поттикнувачки саундтрак на сегашноста. Несомнено, тој не е за употреба на масовната популација освен ако таа, по некој неочекуван пресврт на околностите, не реши да погледне подалеку – не само од сопствениот двор ограден со трње туку и од нашето матично небесно тело. Или поедноставно: искрено да посака(ме) свет што сега сите се убедени дека не е дозволен за сонување, а камо ли за остварување.

Слични написи

Остави коментар