Тензичното електро на Noga Erez во Скопје на 8 ноември

Израелската музичарка Noga Erez, родена четири дена пред 1990, годината кога се случи првата Заливска војна, не создава агитаторско-политички звук, но околностите во нејзината матична земја несомнено се распрснати насекаде во тоа што го потпишува. Оваа експлозивна комбинација од атипично електро и стихови што ја преиспитуваат реалноста, македонската публика ќе има прилика да ја слушне на 8 ноември. Авторката родена во Тел Авив ќе настапи во Младинскиот културен центар, во рамки на музичката програма на годинашниот Cinedays.

Лонгплеј-дебито од 2017 година, Off The Radar, таа го креира заедно со Ори Русо. На изданието се забележува инспирација од имиња чиј израз не може лесно да се дефинира, како Björk, M.I.A. и fka Twigs, но и од оние што гравитираат кон модерната хип-хоп сцена, како Flying Lotus, Kendrick Lamar и Frank Ocean. Овие артисти се само дел од нејзината аудионаобразба, која што тематски е проширена од политичката клима во која што израснала. Како што станувала свесна за сѐ што се случува, за комплексноста на ситуацијата и како таа влијае на двете страни, Ерез реагирала со изолација и целосно игнорирање на вестите и на медиумите.

Спас пронашла во музиката, но како и повеќето повлекувања, и тоа не било фиксно. Оваа контрадиторност, оваа тензичност, сепак, си го пронашла патот до нејзината музика: „Поголем дел од времето е навистина лесно да се игнорира тоа што се случува, но одвреме навреме реалноста го прави тоа невозможно“, вели Ерез. Таа истакнува дека една од нејзините цели е да го процесира, да го обработи светот и да понуди идеи како тој да се процесира.
– Ако можете да создадете музички контекст што ја пренесува состојбата во која што сте биле кога сте го пишувале, тогаш тоа има потенцијал некого да приближи до подобро разбирање на нивниот свет.

Линкови:

City Slang | вебсајт | Facebook | Bandcamp | билети

Слични написи

Остави коментар