Burst – Lazarus Bird [Relapse, 2008]

Во најрафинираната форма, хардкорот е морничаво директен, вулгарно брз и емотивно остар. Така спакуван, со себе не носи вишок килограми, не се замара со непотребни детали, не се грижи дали ќе покоси буквално сѐ пред себе (понекогаш токму тоа му е поентата). едноставно, си кажува што му тежи (да, се уште зборуваме за хардкорот) и не погледнува преку рамото дали паднале жртви. А сега замислете бенд што прави прилично долги песни (просек 7.5. минути), педантно внимава и на „најнебитните“ моменти, во поглед на чувствата е двосмислен, а и покрај очигледната спротивност од воведот на текстов, сепак, на молекуларно звучно ниво, е вкоренет во хардкорот. Швеѓаните Burst се таков состав, а нивното ново, петто по ред, студиско издание, е еден од најпрогресивните албуми што во овој жанр се појавиле во изминативе десет години.

Иако термини како прогресивен и хардкор ретко одат рака под рака (оти поентата на вториот е пораката, а на првиот, формата), Burst успеале на сопствен начин да ги прилагодат овие сфаќања и да напишат музика што од далеку, како овчари што се довикувале пред стотина години, укажува дека има темели, но тие се толку длабоко закопани што нема потреба да ги барате, но битно е да не ги заборавите. Така и шведскава петорка не се срами да ги покаже своите влијанија, меѓутоа, нема ни проблем да ви појасни дека се гордее на оригиналноста на целосната слика. Како и сите плочи што имаат сила да го победат времето, така и Lazarus Bird не се упикува под кожа по првите 30 секунди. Албумот е, како што фино би се изразиле нашите браќа по војни, Американците, grower или простодушно преведено на македонски – сраснува со секое кругче на цедето. Еве, го слушам речиси една недела, ама токму денеска, на датумот на неговото официјално издавање, кликнавме како маус и тулбар.

Иако од глава не ми излегува помислата дека ова е проклет хардкор (не е битно тоа уствари, очигледно се опседнав), Lazarus Bird изобилува со музички влијанија како што расказ на Кафка е полн со скриени детали. Како прво, тука се структурата и динамиката, типично Tool-овски: долги песни, бегање од шемата строфа-рефрен-строфа, но прикажување едно неверојатно чувство за запаметливост што е речиси поп во намерата, но во изведбата, се држи подалеку од комерцијалата. Второ, како и секој хардкор бенд воспитуван од метал-родители, така и Burst главната улога им ја доделиле на двете гитари што понудуваат широк спектар на звуци: од изузетно препознатливи рифови, преку оригинални атмосферични сегменти, педали и ефекти, до кратки и долги лидови што ме натераа да си ја зачистам air-гитарата што фатила прашина по ланскиот Fire Up The Blades на комично квалитетните 3 Inches Of Blood.

И трето, а секако, најважно, Lazarus Bird тече од првата до последната песна како голема река што ве заплашува со моќта, но никогаш не се излева од коритото. Едноставно, заштитните бедеми што Burst успеале да си ги постават во ниту еден момент не попуштаат. Така составот ја избегнал стапицата во која паѓаат сите уметници што сакаат да ги спојат своите контрадикторни влијанија, а тоа е предавањето на сите импулси и желби што ќе им дојдат на ум. Со неверојатна концентрација, шведскиот квинтет креирал албум чија движечка сила е слободумноста, а најсилна особина, самодисциплината. Точно, претерано го испофалив изданиево, но ако сакате енергична, возбудлива и згора на тоа, оригинална музика, Lazarus Bird е армирана плоча од звук што не смеете да си дозволите да не ја свртите годинава. Ако сакате, направете го тоа и следната, таа по неа, или за една деценија, ама не се секирајте, дури и тогаш, албумот ќе биде свеж како и денес. А тоа вреди повеќе од прво место на која било топ-листа или број на продадени дискови.

Текстот првично беше објавен во 2008 година на plagij.at

Артист: Burst
Албум: Lazarus Bird [стрим]
Објавен на: 22 септември 2008
Продуцент: Фредрик Раендал
Издавач: Relapse

Листа на песни:

1. I Hold Vertigo – 7:15
2. I Exterminate The I – 6:57
3. We Are Dust – 7:11
4. Momentum – 4:33
5. Cripple God – 6:41
6. Nineteenhundred – 7:53
7. (We Watched) The Silver Rain – 9:50
8. City Cloaked – 9:21

Слични написи

Остави коментар