The Hunger Games: Catching Fire – Потрага по внатрешниот пламен

Безмалку е општоприфатено дека тајната, 11-та Божја заповед, која Темпларите вешто ја шифрирале (верувајте, знам, Том Хенкс ми кажа), гласи: Не се осудувај да менуваш ниту точка или запирка кога филмуваш книга. Дури и да не се верници – во ѕидари или во уживатели на осветени џипови – многумина цврсто го прифаќаат ова слово симнато од Небо на Земја од симбологот Роберт Ленгдон. Мене тоа ми значи колку и фасадите и споменоредите во Скопје – ништо, всушност, во дебел минус запаѓа „битноста“. Тие што не дозволуваат трошка компромис, варијација или толкување при екранизација и ги читале делата на Сузан Колинс сигурно (ќе) имаат долг список со забелешки и на Catching Fire, второто кино-оживување на литературниот серијал The Hunger Games. Лично, не сум им видел ни прва страница, ама мегахитот режиран од Френсис Лоренс ме грабна, ме фрли во измислениот антиутописки свет на 51-годишната американска авторка, ме инспирира да го поврзам со нашиот, опиплив, и ме тресна во стварноста.

Ќе продолжев со ексклузивното откритие дека 12-тата господова наредба е „Не паѓај на популарните наслови на злобниот Холивуд“, која само Индијана Џонс успеал да ја прочита во утробата на Петра, но нема да го елаборирам бидејќи е опасно по живот. Токму последново, битисувањето, како тоа се одвива, кој го контролира, колку од него некои се збогатуваат, а на други им збоктисува, каде води, дали вреди да се продолжи или, пак, е време да се жртвува, сето ова го исполнува збиеното јадро на сиквелот на проектот. Тој на скоро секое ниво е испреплетен и меѓузависен од претходникот, но и со следбеникот, Mockingjay, што според харипотеровско-хобитовска цедалка за пари е скинат на две поглавја. Поради ова, делот од публиката што не му дал шанса на првиот со потешкотии ќе се качи на возот на вториот. А на тие што им е познат ланскиот филм годинашниов ќе им биде премостување до финалната разврска.

Набљудувано чисто од надворешната перспектива, од оваа страна на екранот, едното е извесен минус, ама и израз на одлучност на авторите. Наместо секое парче од серијалот да го направат доволно индивидуално за да функционира и издвоено тие се решиле за варијанта во која што ја издигнуваат величината на севкупната, поголема, приказна и универзум на Колинс. Во овој аспект Catching Fire е извонредно илустративен и токму тоа е најдебелиот плус на изданието. На политичката алегорија ѝ е отстапен поширок простор, а акцијата е сместена во „излезниот“ дел од заплетот. Течението од два и пол часа има безмалку 90-минутно градење на митот за технолошко-фашистичката држава Панем. Времето што преостанува е отстапено за кревање на адреналинот, меѓутоа, не со агресивни компјутерски ефекти или со заслепување од отсјајот на леќите.

Пресметките, физичкиот сегмент од остварувањето, потсетува, можеби и наликува, на тепачките кореографии од доцните 80-ти и раните 90-ти, кога луѓе, а не чипови, си ги дробеа коските како ореви под толчник. Не е набилдана и – слава му на Дарвина – ниту е грда како Слај, ама Џенифер Лоренс повеќе од соодветно ја носи ролјата на крвник со лак и стрела во рака и ѕвер во срце и душа. Тука, пак, на емотивниот ридско-планински релјеф младата актерка добива потворена пространост за израз на талентот. Бездруго, не е ова потресна психодрама како Silver Linings Playbook, каде што за секојдневните судбини се зборува со фундаментални кино-алатки. Тоа веројатно е поизмачувачко за изведба затоа што ретко кој е способен да излезе од сопствената, да влезе во туѓа кожа и со леснотија да ги одигра фалинките во кои ќе се пронајде. Постои шанса, од друга страна, токму во ова и да се криел предизвикот кај ликот на Кетнис Евердин.

Актуелното заглавие ја прикажува хероината во дволично светло – едното на ѕвезда до гуша вљубена на мегаекраните, а другото на икона на револуцијата која со мачнина се дистанцира од ваквиот статус наметнат од угнетената јавност. Лоренс во реалноста не е Ема Голдман, но како моментно најобожувано холивудско име, за претпоставување е дека често се наоѓа во ситуации во кои го извештачува или комплетно се апстрахира од сопствениот карактер само зашто тоа професијата ѝ го наложува или од неа се очекува. Во Catching Fire мотивот е нагласено побазичен – живот или смрт – меѓутоа, цинизмот, провидноста и безвредноста на таа ситуација се чита во очите на глумицата. На слично високо ниво се и Филип Сејмур Хофман, Елизабет Бенкс и особено Стенли Тучи кој е кинематографски клон на неподносливо напорните, викачки и окезени, модерни ТВ-водители на сè поприсутните риалити и ентертејнмент канали.

Манипулацијата, употребата на екранот како поттикнувач на катарза и како катанец на пранги, не е единствената паралела со сегашниот, локален, ама и глобален амбиент. Не е ова дело со литературна проникливост од калибарот на „1984“, „Фаренхајт 451“ и „Кланица пет“. Освен што можат да послужат како сликовит вовед и да ја разбудат љубопитноста за овие изданија, текстовите на Колинс, заедно со нивните филмувани верзии прават занимлива проекција на потенцијалната форма на нашето општество ако продолжи да се развива во истата насока. Класни разлики истегнати до највозможен максимум; ѕидови-граници кои се користат за да ги спречат неподобните да влезат во луксузот за којшто не биле родени; идеологии прилагодливи како пластелин ако тоа го изискува крајната цел; алчно збогатување на државно-корпоративното малцинство на грбот на општонародното мнозинство; страв, страв и уште повеќе – страв. До бескрај.

Делумно е противречно, веројатно и иронично што високобуџетен блокбастер како The Hunger Games, финансиран од планетарен, економски и медиумски, титан поставува низа битни прашања за лебот и игрите што, помалку или повеќе, насекаде се одржуваат – од безболни квалификации до крвави финалиња. Ако, сепак, ја исклучиме ригидноста и цинизмот што по дифолт се јавуваат за вакви комерцијални проекти со бунтовничка порака може да дојдеме до изненадувачки човечки заклучок: дека поради Catching Fire нема да се крене револуција од која до темел ќе изгори светот на неправдите, ама како резултат на филмот можеби ќе се распламтат недоброени – и ситни и огромни – огнови на индивидуални инспирации.

Оцена: 83/100

Наслов: The Hunger Games: Catching Fire [„Игри на гладните: Раѓање на огнот“]
Премиера: 22 ноември 2013 (САД) / 28.11.2013 (Скопје)
Режија: Френсис Лоренс
Улоги: Џенифер Лоренс, Џош Хачерсон, Вуди Харелсон
Продуценти: Нина Џејкобсон, Џон Килик
Сценарио: Сајмон Буфој, Мајкл Де Брин
Музика: Џејмс Њутон Хауард
Кинематографија: Џо Вилиемс
Студио: Color Force
Дистрибуција: Lionsgate

Слични написи

Остави коментар