Honeyland: Кога животот е сладок како мед и горчлив како земја

Во еден од многуте прекрасни, живописни, кадри во Honeyland, кои магнетно привлекуваат да скокнете во нив, се гледа руинирано село покриено со снег и стиснато во прегратката на неколку ридови. Композицијата е беспрекорна. Со само една слика, што на екранот се задржува одвај неколку секунди, се креира цел свет. Во него не постојат можности, затоа што нема дилема дека населеното место е мртво. Тоа што бездруго има се прашања, кои се трупаат во купишта како камењата на обезглавените куќи. Дел од тие дилеми се приземни: како се преживувало, што ги мачело, дали луѓето наоѓале среќа. A дел се сериозни: дали имале поддршка или биле оставени сами на себе, зошто ги напуштиле родните огништа, провериле ли надлежните дали има останати жители.

Документарниот филм на Тамара Котевска и Љубо Стефанов со зборови детално не дава одговори, но со визуелниот материјал, во кој со подеднаква посветеност се снимени и околината и емоциите, на многу од нив нуди објаснување. Оживувањето на оваа прастара локација избришана од поновите карти, тие го направиле исклучително човечки. Микрокосмосот на главната протагонистка, Атиџе, гледачот го доживува најблизу што може до прво лице. Сцените извадени директно од трошната куќичка, каде што лежи и нејзината болна мајка, го прават клаустрофобично и најголемото кино. Макроуниверзумот на човечкото еколошко уништување, пак, иако очигледен, повеќе се навестува, отколку да се натура со инка. Во моментите кога учесниците го урнисуваат тоа што ги опкружува, е претставен и силен агол на преживување, како фактор што секогаш мора да се има предвид кога се анализира однесувањето на луѓето.

Иако се испреплетуваат со теми како родителството, сточарството, трговијата, осаменоста, традицијата и многу други, во „Медена земја“ човечките постапки најмногу се вртат околу пчелите. Атиџе ги чува како што научила од претците – во кошници од гранки и лепешки, како и во секоја празнина каде што ќе се насели ројот. Без разлика дали е тоа поранешна фурна, стебло на паднато дрво или на врвот на карпест предел висок стотина и повеќе метри. За централната фигура во филмот, овие мали инсекти се најголема потпора во борбата да се опстои и во најтешкиот и во најобичниот ден.

Продавајќи го при ретките аџилаци до градот, кој и само во пар минути изгледа колосален споредено со нејзиното родно место, таа обезбедува пари за да се прехрани. Освен фарбата за коса со боја на костен, таа не трупа други материјални „задоволства“. Тоа, секако, не значи дека не се гледа нејзината насмевка, напротив, таа во солиден дел од течението блика од искрена, невоздржана, среќа. Најмногу кога разговара со луѓето, го слуша радиото, се ниша на лулашката, им пее на децата и на пчелите и кога во повеќе наврати укажува дека од медот што тие го прават, на нив ја остава едната, а за себе ја зема другата половина.

Наспроти ваквиот сочувствителен пристап со сопственото опкружување се поставува семејството Сам. Уште со звукот на клопотарците на нивните десетици крави, бучењето на застарениот камион, квичењето на камп-приколката, како и со секој тресок при распостилањето на напуштените имоти, станува јасно оти изолираноста на Атиџе и нејзиниот скромен начин на живот ќе бидат ставени под знак прашалник. Иако ова звучи како теренот да е поставен за црно-бел конфликт, којшто во некои наврати и баш така се разгорува, соочувањето на овие два пристапа е нијансирано и повеќеслојно. И кога главата на фамилијата решава да прави мед, во подвигот неговата сосетка му помага од сѐ срце. Кога, пак, таткото силно врзан за патријархалните норми (нешто што и во животот на Атиџе има безмалку судбинска улога) ќе почне да произведува, зема и продава мед повеќе одошто треба, режисерите прикажуваат моменти на лична нелагодност.

На крајот, за профит или приход, тоа брзо се надминува и кога ресурсите ќе почнат да секнуваат, решението е: набрзина спакувај се и премини на следното место. Мотивот за тоа несомнено е голото преживување, но кога и во такви мигови алчноста ги покажува своите остри заби, фалинката во човечкиот однос кон сѐ освен себе е целосно разоткриена. Во семејство од двајца родители и седум потомци, чија возраст варира од младинец до бебе кое неодамна проодело, само едно демонстрира одбивност кон општоприфатениот однос кон пчелите, кои во грото од филмот се основна животна поткрепа за сите протагонисти. Пресликан на ниво од 7.8 милијари луѓе, овој статистички сооднос не зборува баш најдобро за човештвото.

Со емотивна сликовитост, Honeyland покажува дека нашето битисување на оваа планета или на кое било нејзино поголемо или помало парче, е непрекинат судир на спротивности. Животот, притоа, може да биде горчлив како земја, ако ја имате таа несреќа да се родите во пустелија до која сите заборавиле како се доаѓа, а за која е јасно оти никаде нема да се придвижи. Или, пак, може да биде сочен како банана или лубеница, ако на 85-годишна возраст, додека сте врзан за кревет и три зими и лета не сте излегле надвор, имате ќерка што ќе ги извади жолтите лушпи или најситно ќе ги исецка резанките.

Паралелно со ова, Honeyland истакнува дека најдоминантниот вид на планетата има силен потенцијал за длабока емпатија со природата, меѓутоа, и тешко скротлив нагон за цедење на нејзините ресурси. Човечкиот род е способен да го дели со пчелите тоа што тие трудољубиво го создаваат и така во симбиоза да опстојуваат можеби и бесконечно. „Медена земја“, исто така, предупредувачки укажува дека луѓето имаат мала почит за ова взаемно разбирање, ако увидат оти саќето можат лакомо да го гризат и да го џвакаат кога ќе посакаат, занесувајќи се дека ројот за нив ќе работи бескрајно.

За жал, резултатот од таа бесчувствителност нема да биде индивидуален живот сладок како мед, туку Земја загорчена за колективот составен од сите живи суштества. Како единствен вид со разум и свест, на нас останува дали ќе извлечеме поука и ќе почнеме криците на нашата животна средина да ги сфаќаме како заеднички. Или, пак, како и досега, сѐ што се случува наоколу ќе игнорираме, мислејќи дека некој друг, како Атиџе, маките за нас ќе ги износи на свои плеќи.

Наслов: Honeyland [„Медена земја“]
Премиера: 28.01.2019 („Санденс“, САД) / 29.08.2019 (Македонија)
Режија: Љубо Стефанов, Тамара Котевска
Играат: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам, Љутвие Сам
Продукција и монтажа: Атанас Георгиев
Кинематографија: Фејми Даут, Самир Љума
Музика: „Фолтин“

Слични написи

Остави коментар