Конкурсите (не) се смрт за културата

Што е Балканот, и Македонија како еден од неговите најрасни примероци, ако не совршен микс од неспособност и фасцинација. Оваа полуостровска провинција на Европа има и многу други проблесоци на перфектни мешавини, но засега да го задржиме фокусот на таа што го спојува чистото одушевување со неповторливиот аматеризам. Нема баш логика да се возбудуваме на ситуации што нѐ потсетуваат оти дното ни е секојдневие, ама ако тоа е на редовен репертоар, по некое време и глупоста почнува да нѐ исполнува. Конкурсот на Министерството за култура е последниот што просто импресионира со лаичкиот однос кон областа за која што оваа административна институција треба да се грижи на национално ниво.

Како што тоа најчесто бива на Балканите, националното не е географски опфат туку правична распределба на национализам. Администрацијата, подразбира такси. Некои јавни, некои тајно спакувани во што повеќе пликоа. Какви и да се причините, дали процедурални, партиски или персонални, и од страна на давателот и од аголот на потенцијалните приматели, епилогот е куп чаршаф-статуси на Фејсбук полни со гнев и со шок. Тоа, пак, резултира со единствениот можен развој на околностите во регионот зависен од дрогата на централизацијата: вклучување на премиерот и поништување на дел од конкурсот. Бесот е донекаде разбирлив. Особено ако се користи како алатка за вршење притисок врз носителите на функции платени со буџетски пари. Шокираноста, и покрај тоа што би била сосема очекувана реакција во просечно нормална земја и услови, не е соодветна за целата папазјанија поврзана со конкурсот на Министерството за култура.

Очигледно дека на многумина не им се верува како е сето ова можно, но зарем во 2019 година треба да сме изненадени од резултатите на каков било конкурс на којшто во Македонија се раздаваат буџетски средства?

Ова не значи дека тие што сакаат, не треба во ваквите процеси да учествуваат. Напротив, што повеќе пријавени проекти од организации и индивидуалци директно вклучени на културната сцена, тоа повеќе прегледување пликоа од страна на комисиите. Ако не си ја завршат работата како што треба, лутината претворена во јавна критика секогаш стои на дофат. Тоа што, сепак, во овие околности е значително покорисно, е културата која што се создава на терен, помеѓу, за и од самите луѓе, и понатаму да продолжи агресивно да се шири во сите пори на општеството.

Притоа, тука не се работи за квазихипи мантра со која се бара позитивност во секоја негативност. Државните пари се клучни, понекогаш и пресудни, за да се обезбеди некаков минимум опиплива култура што би ги едуцирала сегашните и идните генерации во оваа ера на сеопшта банализација со комерцијално оправдание. Меѓутоа, самостојната работа и континуираната креативност, се можеби и побитни. Целосно независните проекти, и во минатото и денес, и во светот и кај нас, отсекогаш биле понапредни од низа причини, а меѓу нив секако се издвојуваат веродостојноста и искреноста.

Тоа што огромен број од овие автори и организатори мораат да имаат и професии од „9 до 5“ за потоа да можат да создаваат некаква дополнителна вредност, не е новина. Уште повеќе, во денешната ера на глобално кратење буџети за уметности и спонзорирање имиџ за масовно конзумирање, ако сакаш да ставиш потпис на нешто и со тоа лично да си задоволен, платата ќе ја земаш од едно место, а креативно ќе се изразуваш на друга платформа. Несомнено тоа е тешко да се постигне, но е дел од низата прекрасни придобивки на либералниот капитализам. Во такво опкружување, под чиј притисок е тешко да се избегне лудилото – или предавањето – културата е прибежиште што нуди поткрепа, инспирација и сигурност.

А дека во Македонија се продуцира култура високо над мрзеливиот просек, не треба да постои ниту минимална дилема. И покрај простотилакот на системот, пазарните трендови, како и сечиј нагон за споделување сѐ и сешто како креативно достигнување на социјалните мрежи, во земјава трпеливо и тврдоглаво се развива културна сцена на повеќе нивоа и насоки. Дизајн, фото, видео, филм, театар, литература, музика. Некаде повеќе, некаде помалку, но во сето ова има конкретни случувања. Многу од нив, разбирливо, имаат поддршка од надлежната централна или од локални институции, меѓутоа, воопшто не е мал број на оние активности за кои државата или комерцијалните спонзори денар не даваат, а тие сепак се одвиваат. Нема потреба од набројување, мало пребарување ќе прикаже долга листа со резултати, а најзначајно е што тој список изминативе години непрекинато се зголемува. Уште повеќе, радосно е и што има и феноменални изблици на контракултура. Малку се, ама се гласни и страстни за цела една сцена.

Без разлика дали погледот ни е оптимистички, песимистички или крајно незаинтересиран, ваквиот развој е охрабрувачки. Лутина да постои, критика да се искажува, проекти да се подготвуваат, апликации да се множат, но создавањето мора да продолжи. Најидеално, креацијата нека биде лута критика, ама таа мора да гази како да нема утре. Небитно дали тоа ќе се одвива со поширока поддршка или исклучиво со личен влог.

Конкурсите (не) се смрт за културата. Ако нешто може да ѝ пресуди, тоа ќе биде нашата неактивност. Таквата евентуална флегматичност не смее да биде последица на канцелариските постапки на тукашните институции. Тие и онака немаат способност да препознаат вредности што вистински одушевуваат.

Слични написи

Остави коментар