OFF-Fest 2013 – Висока школа по музика на светот

Кој е најдобар начин за прво искусување на музиката? На ова прашање често се навраќам. Одамна го знам одговорот, меѓутоа, секогаш ме исполнува процесот на про-форма преиспитување применет на различни поводи или во поинакви опружувања. Дали доживувањето е најефективно ако пријател со забележителна страст во очите зборува за бенд и те поттикне да дотрчаш дома за што побрзо да ги симнеш сите албуми? Можеби восприемањето е поимпресивно доколку фронтменот на омилената група нафрли нечие име во интервју, го издигне на пиедестал како едно од нивните најголеми влијанија, по што не ти остава друг избор освен да претураш ревносно по дигиталните онлајн-архиви? Или, пак, радоста навнатре и смеењето нанадвор се најнагласени кога диџеј ќе пушти песна на жур и со помош на нејзините стихови кои се изрезбале во сеќавањето ќе ги пронајдеш авторите користејќи Google?

Секој од овие индивидуални моменти се богатство. Посветените фанови и слушатели на музиката, за кои таа е нераскинлив дел од животот, а не само пауерплеј на радио, ја ценат посебноста на овие мигови бидејќи тие се чинови на откривање. Високо над сите овие акти на дебитантско чувствување нечиј звук и израз во секое време (ќе) се наоѓа живиот настап. На близок степен на вреднување веројатно е пронаоѓањето нумера на албум на касета што таму залутала зашто снимачот го мрзело претходно целосно да ја избрише, но бидејќи ова веќе не се случува го споменувам само од носталгија. Инаку, концертот е форма преку која што убедливо најдобро првпат се искусува состав или соло-изведувач. Распоредете го тоа во четири или пет дена во неделата, спакувајте го во по две свирки дневно и ќе дојдете до заклучокот дека такви часови и минути на запознавање во Македонија овозможува манифестација како OFF-Fest.

Така беше и годинава. Дванаесетти пат по ред овој фестивал во Скопје создаде услови за засебно и здружено одушевување на култури и традиции, на истории, сегашности и иднини, едноставно, на погледи на свет поинакви од нашите. Кога ќе излезе најава дека во градов доаѓа име што претходно не ми било познато, често преслушувам голем дел или целата дискографија како да станува збор за читање лекции пред да ме „дерат“ на почетокот од првото тромесечие. Во поглед на OFF-Fest, пак, лично избирам обратна стратегија – на изведбите на групите што не ми се познати доаѓам како табула раса. А со оглед на тоа што манифестацијата се потпира на изведувачи неретко опскурни и за мнозинството од глобалната публика, примената на ова правило гарантира восхит од откривањето бисери безмалку секој ден додека трае фестивалот. Годинава резултира со перфектен скор – пет возбудливи ритуали на запознавање со непознати звуци во петте дена од скоро беспрекорната програма.

Ако се разгледува преку поп-призма, односно низ дурбинот на современата масовна култура, класична ѕвезда, со чие дело се запознаени десетици милиони луѓе ширум планетава, годинава немаше. Во изобилство, пак, имаше почитувани, влијателни и првокласни инструменталисти и автори кои се на врвот на ворлд-сцената. Анушка Шанкар меѓу нив отскокнуваше како име најдоближено до меинстримот, меѓутоа, и за неа тоа беше само информативен детаљ. Песните и особено, настапот, беа трофејот што секој којшто присуствуваше во Универзалната сала го додаде во својата витрина на убави аудиосеќавања. Актуелните општествени случувања го нагласија набојот во гостувањето на „Таксим трио“, ама аранжманите, страста и виртуозноста со која тие се претставија оформија доминантен дел од уживањето во нивниот концерт.

Непресушната енергија на University of Gnawa и бескрајната пасија на Ondatrópica уште долго ќе им даваат поттик на сите што ги проследија и поради кои Македонската опера и балет ќе ја паметат како подиум за танцување, а не само како писта за парада на „високата култура“. Фасцинантниот футуризам на Кимо Похјонен, пак, во догледно време ќе остане нацрт за тоа како се црпи од минатото, се применува во сегашноста и се проектира замислата за иднината. Ова тројство обединето во еден концепт и единствена идеја, всушност, е и есенцијата на OFF-Fest. Затоа фестивалот и годинава го потврди својот статус на висока школа по музика од светот. Продолжувајќи да ја гледаме, слушаме и да ги читаме пораките што меѓу редови ни ги испраќа звукот што е дел од неговата програма ќе научиме многу повеќе – за себеси и за другите околу нас.

Слични написи

Остави коментар