Tori Ensemble и Kimmo Pohjonen на OFF-Fest – Ритуализам и технологија

Неверојатно е како концертите на OFF-Fest во многу наврати овозможуваат да се пронајдат или воспостават музички врски таму каде што најмалку очекувате. Без разлика дали е екстремистички индивидуално или издржано објективно, тоа конектирање секогаш ги прави изведбите и (само)образовни, со што тие се издигнуваат над вообичаеното доживување. Заклучоците може да варираат, не мора да значи дека нивната конечна верзија воопшто ќе биде поврзана со идејата на авторот, меѓутоа, со сите нив се доаѓа до безмалку иста констатација – дека ако копаме навистина длабоко, подлабоко од што некогаш физички ќе биде возможно, ќе сфатиме дека ДНК темелот на сите звучни форми е идентичен. Дури и кога нивните актуелни рамки не можат да бидат дијаметрално поспротивни.

Таква поврзаност пронајдов синоќа во Македонската опера и балет меѓу кореанскиот нагласено традиционален Tori Ensemble и финскиот футуристички експерименталец Кимо Похјонен. Не само на површината, тие и под неа беа оддалечени едни од други како човечката и клингонската опера. Четворката се потпираше речиси исклучиво на древните аудиокодови на својата татковина, а солистот ги користеше дефинираните стилски и жанровски концепти како вреќа за напорен тренинг во комбинирани боречки вештини. Линк, иако скриен, но доволно силен за да се забележи, сепак, постоеше. Тоа беше шаманизмот со којшто музичарите од двата настапа ја прочистуваа сопствената, но и енергијата на публиката.

И токму тука, гостите од Далечниот Исток ја загубија битката со фрик-посетителот од Северот на Европа. Сконцентрирани, дисциплинирани и забележително внесени во сè што отсвиреа, тие верно ја претставуваа музичката традиција на Кореја, но проблем се јави кога стана јасно оти немаат намера да излезат од нејзините одамна воспоставени шеми. Фасцинантно беше да се гледа како еден од членовите се врти френетично во круг додека останатите исто толку ревносно удираат на инструментите, ама сето тоа во поголем дел оставаше впечаток на изложба, а не на концерт во којшто публиката барем и ментално е поканета да се вклучи. На стереотипот оти азиските култури се премногу студени за нашето претерано загреано балканско срце не им придавам значење зашто се виде и чу дека Tori Ensemble распалено се внесоа во настапот. Како резултат на тоа фино се запознавме со долга листа разновидни корејски традиционални аудиоизрази, но тоа личеше на тура со официјален водич, а не и на прошетка ослободена од стеги.

Таква мака немаше ниту во најмала рака (рима, рима, ами како) кај 48-годишниот бивш ученик на славната академијата „Сибелиус“. Спротивно од неговите претходници од Јужна Кореја, кои престрого се држеа до тоа што го научиле (и тоа секако, си има своја вредност), финскиот инструменталист го употребуваше очигледно огромното знаење за истото да го надгради на сопствен, уникатен и подвлечено личен начин. Терминот „песна“ за овој виртуозен хармоникаш воопшто не важеше, а истото се аплицира и на инструментот, зашто во негови раце, тој може да се вика хармонотроника.

Врзувајќи го за лаптоп натрупан со семплови, како и со венец гитарски педали, тој како да имаше за цел да го ослободи акордеонот од прангите на свадбарското лудило и на француско-шпанскиот медитерански романтизам. Похјонен не се плашеше да биде брутален, не ги криеше хорор-склоностите и проникливо додаваше хумор (семплови од тракторски мотор кои личеа на симфонија од прдежи), но над сето тоа исцртуваше дебела линија со мелодија. Додадете го на ова и моќниот визуелен момент, како разиграното светло или лајвстримот од внатрешноста на инструментот и ќе дојдете до констатацијата дека Кимо понуди вонземски настап користејќи модерна овоземска технологија. И направи да се почувствуваме како да сме минале низ необјаснив, див и првобитен ритуал.

Галерија со фотографии од Татјана Ранташа






Слични написи

1 коментар

Жарко Каранфилов 07/06/2013 - 11:32

Типот е футурист. Успеа да ја еволуира идејата која пред точно еден век ја постави Луиџи Русоло, авторот на манифестот „The art of noises“ (1913)
Еден од подрагите концерти. 🙂

http://www.youtube.com/watch?v=VcHJySm7ZO0

Reply

Остави коментар