кулпоп
  • ПОЧЕТНА
  • ВЕСТИ
  • МУЗИКА
    • Албуми
    • Концерт
    • Звучни резови
    • Синглтека
    • Плејлиста
  • ФИЛМ
  • ИНТЕРВЈУ
  • РЕПОСТ
  • КОЛУМНИ
  • ТЕЛЕВИЗИЈА
  • ПОСТЕРИЗАМ
  • ИНФО
  • ПОЧЕТНА
  • ВЕСТИ
  • МУЗИКА
    • Албуми
    • Концерт
    • Звучни резови
    • Синглтека
    • Плејлиста
  • ФИЛМ
  • ИНТЕРВЈУ
  • РЕПОСТ
  • КОЛУМНИ
  • ТЕЛЕВИЗИЈА
  • ПОСТЕРИЗАМ
  • ИНФО

кулпоп

ТЕЛЕВИЗИЈА

Les Revenants: Опседнувачка мистерија за морничавите повратници

од Александар Саздовски 14/03/2014
напишано од Александар Саздовски 14/03/2014

Антихероите се највредната валута во современата телевизија. Тоа е баеги супер. Или топ, закон, екстра, устав. Што и да одберете од модерните „урбани сленг-топоними за егзалтација“ ќе го опише елементот што во најопшти рамки, но и воглавно суштински, го ревитализира медиумот кој до пред одвај деценија служеше за потсмев. Барем кога е во прашање драмското раскажување. Пред Дејвид Чејс толку ефективно да открие оти и серијализираните теле-приказни можат да поседуваат „гравитас“, филмот суверено владееше на полето на промислените подвижни слики. Денес не е шок фигури како Били Боб Торнтон, а претходно и Дејвид Линч и Стивен Содерберг, да изјавуваат дека кутијата порано позната како идиотска сега е пософистицирана од кинематографијата. За ова убедливо најзаслужни се јунаците со маана.

И тие полека стануваат прекубројни, но сè уште нудат далеку повеќе одошто одземаат од севкупното гледачко искуство. Можеби токму поради ова минијатурно чувство на пречесто потпирање на иста форма француската серија Les Revenants остава нагласено освежувачки впечаток. Самата таа, бездруго, ги користи предностите што ги отвораат антихероите, ама ова е само еден шрафцигер во шпајзот полн со практични алати од кои истурено најпродуктивни се атмосферата и мистеријата. Денешната ера на лажни интернет сезнајковци не е баш податлива за стории на препуштање и трпеливо лупење тајни или, пак, овој амбиент ја прави инспиративна за барање што пубедливи начини на итро заведување и возбудливо возење на публиката до конечното разоткривање. Во овој аспект The Returned се истакнува како интелигентно, забавно и издржано ТВ-шоу.
Замисла и дејствие: Темелите на Les Revenants се закопани во истоимениот филм од 2004 година. Не е пресудно, но доживувањето е за неколку скалила поинтензивно ако не го кликнете претходниот линк, го игнорирате долгометражецот и ако воопшто не се потрудите подетално да се информирате за заплетот. Овој совет, што лично целосно го испочитував, не е недвосмислено пресуден како тој што го дадов за документарниот оскаровец Searching for Sugar Man. Не мора ниту да ми верувате, знам колку скокотка самата шанса да го грабнеш смартфонот и сè да дознаеш во секунда, меѓутоа, бидејќи станува збор за мистерија, дури е и логично во оваа теле-авантура да се впуштите со темелно форматирање на системскиот, умствен, хард-диск. Таквиот пристап често се применува за книги, а со оглед на тоа што тие сè помалку се читаат, се заборава оти отсуството на слика и звук кај нив ги изострува сетилата кај примателот на пораката.

Les Revenants, од друга страна, не прашува и не се интересира дали сте се подготвиле однапред. Серијата е како црна дупка или можеби посоодветно, како виор што во исто време е и портал до паралелна реалност. Во неа, на површината сè е перфектна копија на нашето опкружување, но не можете да се ослободите од „филингот“ оти нешто, кое е повознемирувачко од лесна Камени мост-измама со ќибричиња, проклето не е во ред. Или оти тоа што не е во ред е морничаво проклето. Ова се воочува од воведните 15-ина минути од првата епизода во која одделение со малолетници гине во чудна сообраќајна несреќа. Неколку години подоцна, дел од нив, но и други лица, постепено почнуваат да се враќаат (оттука и насловот) без трошка објаснување. Дали се тие, вистинските, дали се воскреснати, духови или живи мртовци, дали се вонземјани или соништа, буквално сè, ништо и многу повеќе од тоа е веројатно и невозможно – истовремено.
Ликови наспроти целина: Центарот на оваа надреална ситуација, секако, се луѓето, но подеднаква важност има севкупноста и особено, амбиентот. Делува чудно да се издвојуваат индивидуалците и целината како посебни категории, со оглед на тоа што второто не може да постои без првото, а едното не е комплетно без постоењето на сите „други“. Во Les Revenants, сепак, како да е начкртана дебела линија или монолитен бедем што овозможува судбината на секој поединец, без разлика дали е „староседелец“ или „повратник“, да се набљудува изолирано. Меѓу карактерите се опфатени голем дел од половите, возрасните и општествени групи, од излудени тинејџерки преку загубени адолесцентки до мажи со ум заматен од кризата на средните години. Веднаш до нив се и полицајци, уметници, лезбијки, домаќинки, сериски убијци, злобни мајки и татковци со лоша природа, психолози со потреба за искупување и збунети свештеници.

Како одделен лик може да се анализира и гратчето во кое што се отплеткува сложено врзаната мистерија. Всушност, тоа е целината, душата, ако сакате, што сè обединува и сè прави меѓузависно. Опипливо изолирано, осамено, дури и отфрлено во пазувите на мистични планини, опколено со морничави шуми и распослано веднаш до таинствено езеро, местенцето блика со свој идентитет. Тој скалесто се навестува, се провлекува, а во многу наврати и се „сече со нож“, ама одлучувачки е што не може да се објасни, да се дефинира и да се најдат точните зборови што прецизно го опишуваат. Едноставно, овој компактен амалгам од својства ја обвиткува и стегнува загатката на лицата кои не се појавуваат одново, преку симболи и пораки слободни за толкување, туку буквално тропаат на врата, газат на асфалт и џвакаат сендвичи како да им се последниот оброк. Не мора да значи дека градот скржаво го крие решението, но од него нема можност да се ослободите додека дејствието трпеливо се надградува.
Носечки теми: Директното или алегориското пресликување на актуелната реалност се чини дека се најчестиот избор за насока во која што сегашните автори ги поставуваат и ги развиваат своите серии. Спротивно од лошо, ова е извонреден тренд – ако така може да се нарече – но трета најсилна страна на Les Revenants, покрај ликовите и амбиентот, е тоа што не се оптоварува (забележително) со случувањата од надворешната страна на екранот. Бездруго, отсуството на врска со стварноста е невозможно и непосакувано и во научно-фантастични дела (веројатно и „Повратници“ тука се вбројува), меѓутоа, во оваа серија конекцијата се воспоставува повеќе на општо, филозовско, ниво отколку на конкретно социјално-политичко рамниште. Религијата, очигледно, преку прашањето за воскресението, најпрво се наметнува и до самиот финиш на сезоната се задржува како едно од потенцијално најсигурните образложенија на настаните.

Тука се и љубовта, апсурдноста контра поттикнувачкото лице на животот, љубомората и гневот, инертноста во реализирањето на личните соништа, потоа парапсихолошките способноси, односно дали тие се факт или фикција, како и низа поврзани поттеми кои генерално се поврзуваат со човештвото од мигот кога е креиран пишаниот збор. Лично, сепак, наинтригантно ми е соочувањето на дивата, потисната, природа, со волјата и со умот на еволуираниот хуманизам. Цивилизацијата, преку безгрешно исчистени улици, елегантно дизајнирани домови, атрактивни автомобили и најнови технолошки геџети во преден план ја исфрлаат удобноста што (за едни помалку, за други троа повеќе) ја носи денешницата. Од друга страна, само на неколку километри, што во некои случаи е непосредно до задниот двор од куќата, демне анимализмот на планината и шумата. Локацијата на градот, секако, е пресудна, но и да не е таа, прашањето јасно се отвора.
Сценарио, музика и реализација: Техничкиот, или можеби поточно, занаетскиот дел на Les Revenants е извонреден. Беспрекорен е пресилна квалификација за било која арт-креација. Така е оти оценувачот на своја страна го нема клучниот увид – времето што поминало – но драмскиот телепроект потпишан од Фабрис Гобер и од сегашна гледна точка се доближува до идејата за зборовно-звучна-визуелна безгрешност. Не разбирам француски што значи користениот англиски превод може да бил катастрофален, ама и со таа резерва, која (џабе) се сомнева во доблеста на пиратите, текстот е одличен. Има брзина, прочистеност и сконцентрираност, но и познавање на важноста на ритамот што се гледа во периодите на тишина, одмереност и дисциплина. Напросто, има сцени кои подобро функционираат со дијалог и обратно, такви што се поударни без изустување буква или збор, за што креаторите биле наполно свесни и фокусирано го примениле.

Во тие ситуации музиката на Mogwai или потезите на камерата се „двоглавиот“ мотор на приказната. Се случува да бидат одвоени, најчесто во сцените на преиспитување кога е посилно да има само наежувачка мелодија или само магичен кадар, меѓутоа, тие најфреквентно се појавуваат како дует. Гозбата за очи, која ги нагласува емоциите и ја згуснува мистеријата, е зајакната со честење за уши со инструменталниот пост-рок кој петорката од Глазгов тука го проширила и во класичарски насоки. Се пронаоѓа моќна поетичност и во фотографијата и во композициите, но тензијата се чини оти повеќе се компресира благодарение на нијансирањето со аудио-елементи. Или можеби овде е во прашање пристрасна перцепција на музички обожавател кој не сака на прво место да ги стави подвижните слики иако е свесен за нивниот врвен, кино-европски, квалитет. Без разлика што ќе сметате за подраго, и звукот и сликата го изоструваат искуството.

Севкупно: Глумата, текстот, музиката, продукцијата и фотографијата – изолирано и колективно – во само осум епизоди креираат целосно препознатлив идентитет од кој што е тешко да се побегне и со спринт. А сепак, веројатно најпрогонувачкиот детаљ на оваа француска серија е простата, елементарна, идеја врз чии темели се крева особено високо на скалилата на квалитетот. Прилично е базична замислата шака луѓе најпрво да умрат и потоа изненадувачки и постепено да почнат да се појавуваат од троскотот. Меѓутоа, со извонредниот сенс за поставување и развивање на загадочноста, како и чепкањето, што често преминува во прекопување низ нашите древни, универзални, сомнежи и стравови, овој разбирлив концепт е развиен и реализиран повеќеслојно, заплеткано и комплексно. Сето ова од Les Revenants прави мистерија за морничавите повратници со која без разлика колку грчевито ќе одбивате, на крајот своеволно ќе се опседнете.

Оцена: 94/100

Серија: Les Revenants [„Повратници“, слободен превод]
Продукција: Canal+ (Франција) / SundanceTV (САД)
Премиера: 26 ноември 2012
Автор: Фабрис Гобер
Врз основа на: филмот Les Revenants (2004)
Улоги: Ан Косињи, Федерик Перо, Клотил Хесме, Селин Сале
Музика: Mogwai
Продуценти: Каролин Бенжо, Џими Десмарај, Барбара Летелие
Режисери: Фабрис Гобер и Федерик Мерму

Илустрации: Na Casa Da Joana (првото) и Carole Maurel (останатите)

драматрилерхорор
0 коментар
FacebookTwitter
Александар Саздовски

претходен пост
Neneh Cherry – Blank Project [Smalltown Supersound, 2014]
следен пост
Beck – Morning Phase [Capitol, 2014]

Слични написи

True Detective: Скок во амбисот на човечкиот мрак

И Волтер Вајт имаше деца за чување…

Breaking Bad: Его, дрога и рак-ен-рол

House of Cards: Разнишување на американската политичка кула...

Пет причини зошто Game of Thrones ќе остане...

Sons of Anarchy: Татковци на безредието

Louie: Свиреп шегобиец

The Newsroom: Досетливиот новинар Дон Кихот

Justified: Пронајди цел, не бирај средства

Sherlock: Форензика на умот

Остави коментар Откажи го одговорот

Зачувај го моето име, е-маил и вебсајт во овој прелистувач за следниот пат кога ќе коментирам

Интервју

  • Chk Chk Chk: Не арчиме премногу време навраќајќи се на минатото

    19/05/2014
  • Dog Eat Dog: Целта не ја погодуваме секогаш, но никогаш не се плашиме да се испробаме

    12/05/2014
  • No Joy: Шворц-музичари сме, ама уживаме

    15/11/2013

Филм

Captain America: The Winter Soldier – Војник и...

Anchorman 2: Легендата нагло (де)ескалира

The Hunger Games: Catching Fire – Потрага по...

Rush: Мртва трка за животот

Gravity: Волјата e сила на човечката тежа

Колумни

  • Под ова небо железно „Архангел“ се претвори во сениште

  • SJF 2013: Напред кон историјата

  • 20.000 евра под морето од субвенции

Репост

Bon Iver – For Emma, Forever Ago [Jagjaguwar,...

Burst – Lazarus Bird [Relapse, 2008]

Underworld – Beaucoup Fish [Junior Boy’s Own, 1999]

ISIS – In the Absence of Truth [Ipecac,...

Esbjörn Svensson Trio – Seven Days оf Falling...

Телевизија

  • Les Revenants: Опседнувачка мистерија за морничавите повратници

  • True Detective: Скок во амбисот на човечкиот мрак

  • И Волтер Вајт имаше деца за чување…

Постеризам

Постеризам: Laurent Durieux

Постеризам: Doe Eyed

Постеризам: Емек

Постеризам: Рич Кели

Постеризам: Кен Тејлор

ВЕСТИ

  • Mando Diao и Therapy? на Таксират 2.0

  • Born From Pain го предводи четвртото „Востание“

  • Desonanz 2018 од 31 октомври до 4 ноември

ФИЛМ

  • Captain America: The Winter Soldier – Војник и во добро и во зло

  • Anchorman 2: Легендата нагло (де)ескалира

  • The Hunger Games: Catching Fire – Потрага по внатрешниот пламен

СТАТИИ

  • Топ 10 МК албуми во 2013

  • Топ 50 странски албуми во 2013 [25-1]

  • Топ 50 странски албуми во 2013 [50-26]

  • Facebook
  • Twitter
  • Youtube
Footer Logo
  • ПОЧЕТНА
  • ВЕСТИ
  • МУЗИКА
    • Албуми
    • Концерт
    • Звучни резови
    • Синглтека
    • Плејлиста
  • ФИЛМ
  • ИНТЕРВЈУ
  • РЕПОСТ
  • КОЛУМНИ
  • ТЕЛЕВИЗИЈА
  • ПОСТЕРИЗАМ
  • ИНФО

@2018 - кулпоп


Назад на врвот