Sherlock: Форензика на умот

Ако може да ѝ се верува на Гинисовата книга на рекорди, а прилепските сармички се доказ дека нема причина да биде поинаку, Шерлок Холмс е најпортретираниот лик во историјата на филмот. Од 1900 година, кога симболично дебитира на лента, до денес, детективот бил одигран од 75 актери во повеќе од 210 остварувања. Како резултат на ова нескротливо темпо, очекувана би била претпоставката дека од креацијата на Артур Конан Дојл е исцедена и последната капка за можна интерпретација, но изминативе години се случува дијаметрално спротивното. Британскиот херој повторно е хит кај продуцентите, режисерите, студијата и секако, телевизиите. Меѓу последниве, тој си го најде местото каде што веројатно најподмачкано се вклопува – на BBC во Кралството и на PBS во Бившите колонии. На македонските канали невозможно е да изр’ти. Тие се убедени дека врската со него не би била природна, а камо ли бурна или величествена.

Колку ли само се лажат. Најскорешната ТВ-адаптација на 125-годишниот лудак по логика и фраер со луле го има најбазичниот можен наслов – Sherlock – со кој што е балсамирана замрсеност која што и за овој најпопуларен отплеткувач на мистерии делува непознато. Кога налетав на информацијата дека Би-Би-Си му дала вештачко дишење на Шерлок Холмс, но потоа го испратила во иднината до сегашната ера, не се возбудив драматично. Притисокот нагло ми скокна од помислата дека ова ќе биде уште еден несмасен обид за модернизирање класичен материјал без разлика што концептот е дело на одличните Стивен Мофат и Марк Гатис. За да се кандисам да ѝ дадам шанса на минисеријата беше потребно брутално ниво на самопринуда, меѓутоа, бичувањето на сопствената волја за гледање на првата епизода се исплатеше. Премиерната сезона од три 90-минутни поглавја се излизга како десетка со кромид и грч ладно пиво, додека годинашнава се густираше продолжение по продолжение.

За разлика од новиот Холмс на Гај Ричи, поточно на Роберт Дауни Џуниор, овој на BBC е жанровска, полициско-процедурална, драма, налик CSI и нејзините клонови што и онака не би постоеле доколку Шерлок не излезеше од фантазијата на Конан Дојл. Во киносеријалот на екс-сопругот на Мадона (што да се прави, сè уште е попознат по тоа отколку по режисерлукот) пронаоѓам разонодлива холивудска симпатичност, особено поради начинот на којшто Ајронмен си подигрува со изградените постулати на ликот. Во верзијата на британскиот медиумски сервис, таа ролја му е доделена на Бенедикт Камбербач. Со самоуверената, но не и агресивна, актерска игра, тој го позиционира Холмс во центарот на раскрсницата во која што се прекршуваат традиционалните вредности и современите прилагодувања на карактерот измислен пред повеќе од еден век. Речиси сè има запршка од литературните оригинали, а мириса на денешницата.

Ликовите имаат исти имиња од Џон Вотсон преку Мајкрофт до Мориарти, централата е во Лондон, во станот на Шерлок врвен владетел е нередот, крими-случаите растат во хумус од расказите, а лулето и уникатната шапка не се заборавени. Кога оваа рамка, создадена пред сто и кусур години, ќе се прешалта во дејствие од сегашноста станува јасно колку универзалност има во писанијата на Артур Конан Дојл. Или, пак, само ги овистинува сомнежите дека и покрај страшната општествено-технолошка еволуција, човечката природа е незабележливо малку променета. А тоа овозможува во Sherlock да се изгради подлога на каква што детективот претходно немал можност да ги покаже вештините. Тој повторно е полициски консултат и одново ги одбира накомплексните случаи, но благодарение на децениите напластени со криминал тие се значително позаплеткани, што е избалансирано со хај-тек-играчки за какви што литературниот Холмс можел само да сонува.

За среќа, тоа не значи дека и ритамот на серијата е прилагоден на широкопјасноста што интернетот ја внесе во модерниот живот. Sherlock на Би-би-си е токму онаков каков што и се очекува да биде – штедлив на трчање и расипник на зборување. Има и акција, нема зошто авторите од неа да бегаат, меѓутоа, поударни се динамиката на дијалозите, разрешувањето на случаите со логичко расудување и секако, шегите во британски, на моменти типично ироничен или мрачен, дух. Во сценариото, по важност, на слично ниво се и слабосите и доблестите на носечките ликови. Нормално, како тие влијаат врз нивната интеракција најдетално е претставено на линијата Холмс-Вотсон, но значајно место завзема и односот на ѕвездатата на приказната со не толку битните или крајно периферните фаци. Сето тоа е вкомпонирано во заразна целина чија примарна цел е да забавува, а дури потоа да поставува затскриени прашања. Без разлика што тие по број не се многу, нивното вклучување ја внесува потребната доза – исклучително лабаво кажано – сериозност во шоуто. На тој начин, додека врши надворешно вештачење на злосторството што го истражува, Шерлок копа длабоко во себеси, во внатрешноста на сопствениот карактер. И потајно прави детална форензика на умот на гледачите.

Оцена: 92/100

Серија: Sherlock
Продукција: BBC
Премиера во Велика Британија: 25 јули 2010
Концепт: Стивен Мофат и Марк Гатис
Базирано на делата на: Артур Конан Дојл
Улоги: Бенедикт Камбербач, Мартин Фримен, Марк Гатис, Руперт Грејвс
Режија: Тоби Хејнс, Јурос Лин, Пол Мекгиган

Илустрации: Believe in Sherlock Project

Слични написи

Остави коментар