Mad Men: Мојата омилена турска серија

За медиум што секојдневно, во исто време, милјијарди луѓе со широко отворени раце го примаат во сопствените домови, телевизијата е инспирација за восхитувачки долг список презриви цитати. Солидно парче од нив ми се мераклиски, позицијата во врвот им се менува во зависност од различни фактори, меѓутоа, во десетте омилени секогаш е реченицата на непрежалениот Бил Хикс: Гледањето телевизија е како прскање црн спреј во вашето трето око. Буквалното значење на оваа изрека ќе го прифатам штом се претплатам на месечник за алтернативно живеење и источни филозофии. Преносното е генијално, го уважувам, но не до екстремот што култниот комичар го избира. Ретко, како живо пиле во Мариовско, уметноста има потенцијал да го отвори вистинското или симболичното трето око. Тоа да се очекува од телевизијата е исфорсирано, а сепак, не и невозможно. Да тврдам дека за мене, а и за мала армија обожаватели тоа го сторила серијата Mad Men е исто толку претерано, но заклучокот дека таа одмотува клопчиња со значајни општествени, социјални, економски, политички и човечки прашања не е нималку апсурден. Поточно, тој е целосна, неприкосновена, вистина.

Со шоуто што го прослави авторот Метју Вајнер, прекалениот сценарист и продуцент на петтата и шестата сезона од The Sopranos и еден од храбрите мислители според The Atlantic во 2011 година, се дружам од 2007, кога се емитуваше првата епизода, Smoke Gets in Your Eyes. Не паѓам лесно на костуми, вратоврски и разноразни формалности, но Mad Men ме ќари по 50 минути скоцкани палта, залижани фризури и ловење пари со рибарска опсесија. Причината за тоа беше противречна – и проста и сложена. Првото, зашто беше забавна. Второто, оти под кората на разонодата беше сместен рудник од комплексни прашања, размислувања, толкување на историски и културолошки теми и што уште не што може да ги растрча мозочните ќелии. Кога се потребите за музика, филм, телевизија, книга или стрип во прашање, тие ќе ми бидат задоволени доколку тоа што го гледам, слушам или читам е “ентертејнинг и интелиџент”. Под одредени услови може да биде и само едното од овие две. Погодете кое е, ако кажам дека не ги мирисам авторите кои се доволно самобендисани за да сметаат оти единствена ролја на публиката е да ги слуша како ѝ се прават паметни.

Во неделата заврши петтата сезона. Тоа што од стартот на емитувањето до епизодата од пред неколку дена не попушти под притисокот што голем број сценаристи ги тера да ја потценуваат публиката е доказ за искусното мајсторство на Вајнер. Затоа Mad Men не е серија што држи предавања за познати теми, туку е драмско шоу кое што нè учи дека тие може да се интерпретираат од поинаков, свеж, агол. За телескопот со кој тој го набљудува актуелното, наше, современо општество не постои подобра леќа од најкапиталистичката – маркетингот. Списокот со детали што ме фасцинираат е полн како филијала на Стопанска Банка кога се делат пензии, но на број еден цврсто стои прикриената раскажувачка линија за потеклото. Не за буржоаските, аристократски или работнички корени на главните ликови, туку за родословот на правилата под кои што денес функционира светот. Нереално е да се тврди дека сè почнало во доцните 50-ти или во 60-тите. Поголемиот дел од дилемите што сценариото ги допира имаат баеги подолга историја, но за мнозинскиот пакет од нив, овој временски период од 20-ина години е пресвртен.

Ѕвездите токму тогаш се порамнуваат за создавање ембрион што набргу се оплоди и израсна во капитализмот што сега го дишеме, џвакаме и уринираме. Освен што е врв во поглед на сценарио, глума, камера, сценски дизајн и костимографија, Mad Men е огледало што под својата сјајна површина ги крие мрачните тајни за настанувањето на потребите што ги сметаме за насушни за нашиот сегашен начин на живот. Политика од недостижни височини нема, теориите на заговор за историски настани не постојат и не се занимава со перење мозок со слабо разбирливи величествени филозофски мисли. Идеите за кои што е заинтересирана оваа сериска драма се подеднакво возвишени, ама се опипливо човечки. Потегот што го крева шоуто високо над телевизискиот просек е толкувањето на прашањата паралелно со годините во кои што се одмотува заплетот. Почнува во 1960 година, но преку сеќавањата на водечкиот машки лик Дон Дрејпер се враќаме до 50-тите, до Корејската војна, а во неколку наврати и децении претходно.

Со тоа се конструира забавен парк од теми меѓу кои се лажната слика за идеалното семејство, машкиот шовинизам, патријархалноста, понизното домашно воспитување на жените, нивната нееднаквост, исклучувањето на малцинствата, газењето преку луѓе, алчноста, манипулацијата на потрошувачите, сексуалната определба, слободата на избор, правото на кариера,  ____________ (додатете речиси сè околу што се кршеле или почнале да се острат копјата во 60-тите години). Списоков делува помалку страшно, потсетува на црно-бел памфлет од цутот на левичарството, меѓутоа, Метју Вајнер и неговата екипа знаат дека не се проповедници, туку забавувачи. И затоа во центарот ги ставаат луѓето, кои се скоро безгрешно оживеани од актерската екипа. Интеракцијата меѓу нив има пандан во односот на ликовите кон самите себеси. Тоа овозможува да се пронаоѓате целосно или делумно во нивните одлуки, постапки и судбини. На крајот, благодарение на комплетноста со која што се напишани и изградени во репликите, се создава фалсификуваната емотивна блискост без која што не би ѝ се враќал на ниту една серија. Во Mad Men таа нездраво се приближува до чувството дека Дон, Пеги, Пит, Џоан и Роџер искрено ги познавам.

Сместувајќи ги во маркетинг-агенција со средна големина на авенијата “Медисон” во Њујорк, Вајнер го пронашол идеалното решение. Освен што си игра играчки со трик-насловот (луди / маркетинг / мажи од моќната улица), тој создава терен во кој што дејствието и карактерите се во средиштето на “креативната револуција на 60-тите и 70-тите”, како што ја нарекол Вилијам Бернбах. Промените во светот на рекламирањето се окото на раскажувачката бура во Mad Men. Сами по себе, тие се доволна причина за редовно следење, но богатството што се крие под фината адвертајзинг ткаенина ја прави серијата задолжително ТВ-четиво. Таа ризница ретко истерува очи. Најчесто се јавува во форма на вести на приемникот во заднина за кои што ликовите потоа ќе се впуштат во дискусија. Има и облици на пауза во дијалог, поглед, наслов во весник, идеја за кампања, рекламен спот, песна или друг навидум небитен детаљ од чиишто темели се издига висококатница од повеќесмислени фрази и занимливи дилеми. Со нив, во исто време, се проширува нарацијата, се отплеткуваат замрсените особини на носечките фаци и се лоцира никулецот на одреден општествен проблем.

Светот на Mad Men воопшто не е совршен, ама е несомнено поедноставен. Тоа го креира нужниот ескапизам без кој што (и најкрутите арт-ликови ќе се согласат) не постои одвратно или прекрасно поп-дело. Елитистичките уметнички кругови се убедени дека телевизијата, особено американската, е буниште на културата што нè храни со најмалиот заеднички именител на јавниот вкус. Серијата што освои дури 15 награди “Еми” и четири “Златни глобуси” нуди бегство од реалноста, но тоа речиси целосно е избришано со значително поприсутното соочување со нејзината суровост. Чиста среќа што ова не значи дека шоуто е студено како хардкор европски филм удавен во коб и стушеност. Немилосрдните факти на терен, секаде, не исклучиво во Македонија, се достојни само за такви креации, меѓутоа, човештвото отсекогаш ја наоѓало потребната сила и покрај сè, да се смее, да се релаксира, да ужива. Во Mad Men има место и за црното и за белото и за сивото, а крајниот резултат е во јасна, бистра, нагласена, животна боја. Ова, на шоуто на Метју Вајнер му ја осигурува позицијата во пантеонот на најдобрите телевизиски остварувања во новиот милениум. И веројатно уште поважно, ја прави мојата омилена турска серија.

Постери: Radio, Lee Crutchley и Toni Rogers

Слични написи

2 коментари

Ѓорѓи 15/06/2012 - 09:56

Здраво,

дали имаме дозвола да го пренесеме Вашиот текст за Момците од Медисон (така е преведена серијата кај нас) на нашиот портал Окно.мк? Се разбира, ние ќе го објавиме и името на авторот, како и ќе поставиме линк до изворот на текстот, во случајов, Вашиот блог.

Поздрав,
Ѓорѓи К.

Reply
Александар Саздовски 15/06/2012 - 10:15

Штом ќе направите сѐ што рековте, може 🙂

Reply

Остави коментар