Синглтека: Gojira – L’Enfant Sauvage

Кога следиш бенд, кога го слушаш, кога ти е потполно јасно дека неговите членови се мајстори по свирачки вештини, а сепак, свесен си оти малку им недостасува за да ја допрат величината, не знаеш што е тоа додека не го слушнеш. На француските метал-техникалци Gojira налетав со From Mars to Sirius и дружбата ја надградив во The Way of All Flesh. Двата албума дробат коски со инструменталната машина што во рацете и нозете на четворката е компјутерски прецизна, но тоа ѝ е и фалинка – педантноста ја претвора во здрвен, замрзнат, ѕвер.

По преслушувањето на L’Enfant Sauvage, првиот сингл од истоимениот албум што по пауза од четири години ќе излезе на 26 јуни, со мерак можам да заклучам дека Gojira ја растопиле крвта. На оваа трака тие се животно што и понатаму распарчува со точност, но овој пат има и касање со прецизен, згоен, грув. Аранжирањето е необременето со екстремна спастичност што често се среќава кај тек-метал-составите, туку е просто, директно, разбирливо, ама и комплексно, а не затапено. Сличната насока се слуша и во Liquid Fire, што можеби е знак дека квартетот на петтото цеде конечно ќе успее да ја допре блиската, но досега сè  уште недостижна величина.

Оцена: 90/100

Артист: Gojira
Сингл: L’Enfant Sauvage
Датум на објава: 27 април 2012
Издавач: Roadrunner

0 коментар

Слични написи

Остави коментар