Чалгија саунд систем – Тихувај [Profundus, 2019]

Поплаките дека „не си ја цениме традицијата“, во мали и како Македонија, невозможно компликувани земји се, да се изразам намерно – фолклор. Не оти се неточни, ама по толку идентични повторувања, овие приговори, наместо издржана вистина се прераснати во шупливи жалопојки. Најлесно е да верглаш безлично дека нешто не е во ред, а нелогично е да очекуваш оти тоа ќе донесе поинакви резултати. Во поглед на наследството, клучно е да се наведе дека за воопшто истото да се вреднува, најпрво треба да се познава. Иако имало периоди кога добивале заслужена системска и индивидуална поддршка, откако сме самостојна држава, зачувувањето и зајакнувањето на корените е закопано во мизерија. Како дел од целата култура на едукација, во која што спаѓааат училиштата и факултетите, но и родителите и комшиите, сѐ што е оставина на овие простори е препуштено само од себе да се пренесе на генерациите што доаѓаат.

Во актуелната доба на информациите, овој заклучок е депримирачки на две нивоа. Првото, што се однесува на образовниот поредок, е илустрирано преку врвно неписмените ПИСА-тестови. Второто, персоналното, е отсликано во самоувереноста дека денес знаеме повеќе од сите наши предци заедно, само затоа што неколку допири на смартфонот нѐ одвојуваат од универзум на податоци што непрекинато се шири, а ние одвај ги читаме насловите. Ако во ова опкружување се анализира традицијата и како таа е изразена во форма на мелодија и на песна, јасно е оти добро не ѝ се пишува. Најдоброто, сепак, во ваквите околности што обесхрабруваат, се исклучоците. Иако понекогаш се осамени, тие поседуваат капацитет за инспирација што не може да се измери. Токму такa ги доживувам „Чалгија саунд систем“. Тие се љубопитни ученици, но и вредни учители на нашето звучно наследство. Нивниот степен на познавање е мајсторски, а желбата за истражување незапирлива.

Ова е главна причина зошто вториот студиски албум на бендот „Тихувај“, во исто време, е поклонение на изворното и негово пренесување во современото. Ако на дебито од 2010 на чалгијата се осврнаа со веродостојна изведба на народни песни, сега приоѓаат како автори кои што на стара, воспоставена, форма искрено ставаат нов, свој, белег. Отпечатокот не е очигледен, наметлив и себичен, туку подзатскриен, испреплетен и внимателен кон тоа што се издигнало во дело на заедницата. Воопшто неизнасилено, деветте композиции исцрпно се поврзуваат со македонскиот бит и со сето бреме што тој го носи, меѓутоа, во ниту еден миг не се претвораат во товар што изнемоштува. Онаа специфична меланхолија, која што најчесто ме асоцира на нашиот капацитет за бескрајно трпење, наместо барем повремено врескање, тука е отсвирена и отпеана со радост. Не затоа што групата нема разбирање за таа подзаборавена тага, туку баш поради тоа што со неа се идентификува и добива полет од фактот што ја оживува во овие брзи времиња со кратко паметење.

На одреден начин, тоа што „Чалгија саунд систем“ го прави на новото издание е трип-хоп, но речиси комплетно рекомпониран низ призмата на македонскиот мелос. Бристолскиот правец е присутен преку енергијата, не толку во буквална стилска смисла, иако неговите „меки“ ритмички форми се појавуваат како основа на голем дел од деветте композиции. Електронскиот минимализам и амбиенталните текстури, исто така, провејуваат како тивко ветре и внесуваат освежувачки детали на неочекувани точки. Дигиталното и аналогното, кое што во овој случај е уште постаро од рокерската комбинација „гитари и засилувачи“, наместо да се судруваат, идеално се претопуваат и се надополнуваат. До извесен степен, делува како петорката да ги зела инаквите концепти на Massive Attack и на Dead Can Dance и ги направила уште поразлични спојувајќи ги со чалгискиот код. Сама по себе, оваа форма е поинтимна, поскромна, што составот и го задржува, но внесува и епски димензии кои се типични за изразот на Брендан Пери и Лиса Џерард.

Како и кај ова дуо, и на „Тихувај“ вокалот игра импозантна ролја, но не и доминантна, затоа што не заборава да подзастане, да се прикрие или на инструменталките целосно да се повлече и така да истакне оти и колективот е подеднакво значаен. Добрила Грашеска, со кристалната чистина на својот глас буричка по болките од минатото и низ прашањата за иднината. Таа креира оригинален материјал и притоа е потполно свесна за вредноста на „народните“ песни: тие се изведени од еден човек, но нејзина одговорност е да пренесе порака на цела заедница, без разлика колку е таа мала или милионска. Поддршка во тоа има од елегантната електро-продукциска подлога на Дориан Јовановиќ, кој отскокнува и со „рифовите“ на утот; од Александра Кузман и Бошко Мангаровски, чии виолина и канон звучно ги оживуваат зборовите; како и од Филип Крстевски чии удари на деф и тарабука ги нагласуваат генерално дигиталните ритми. На одредени парчиња, „Вива Стрингс“ со жичана придружба одлично подвлекува мигови или внесува широчина.

Лепезата од инструменти ги прави албумот и индивидуалните композиции шаренолики и динамични, но не исфорсирани и накитени. Главен фокус, несомнено, се песните и на тој план членовите на бендот докажуваат дека не се само вешти интерпретатори туку и зрели кантавтори. Нивните мелодии се најфино обработени, до рамниште кое што овозможува лесно да се разбере дека во себе содржат комплекс од емоции, искуства и размислувања. Тоа се вбројува меѓу најмоќните карактеристики на чалгијата – нејзината способност да допре до речиси секој што ќе ја чуе бидејќи опева чувства, доживувања и историја, кои што најчесто ги засегаат сите заедно, наместо секого засебно.

За да биде слушната што појасно, групата свири умешно и се обраќа отворено. Крајниот резултат е питомо, милозвучно, издание што ја познава и почитува традицијата. Уште побитно, создавајќи оригинално дело со изворен корен, „Чалгија саунд систем“ испраќа лична порака суштински поврзана со модерната ера. Таа може да се толкува на повеќе начини, но еден од најсилните е: во време на надворешна, неодолива, бучава од инстант достапни информации, не е на одмет да почнеме да се вртиме навнатре и да „тихуваме“. Ако за ништо друго, барем за да поднаучиме по нешто, од тоа што консумираме сѐ и сешто. Којзнае, така можеби повеќе ќе го цениме тоа што претходело и ќе најдеме мотив истото со сопствени сили да го зачуваме, и покрај сѐ што би можело да следува.

Артист: Чалгија саунд систем
Албум: Тихувај
Датум на објава: 19 јуни 2019
Продуцент: Дориан Јовановиќ
Етикета: Profundus

Листа на песни:
1. Двете сестри – 3:45
2. Спомен – 4:16
3. Елегична – 4:59
4. Солза – 4:43
5. Оди си – 5:11
6. Патот – 5:25
7. Калуѓерице – 4:17
8. Тихувај – 4:08
9. Бесконечна – 3:44

Слични написи

Остави коментар