Hardfaced – Dreamless Slumber at the Shores of Youth [Diehard, 2019]

На средина на новиот албум на Hardfaced, перфектно е сместена триминутната акустична трака Through Waves. Освен што Dreamless Slumber at the Shores of Youth го дели на скоро идеални половини, ова парче илустрира две суштински работи за бендот активен уште од 2004 година. Најпрво, таа накусо ја демонстрира еволуцијата на охридската петорка. Тие секако не свират прогресивен метал според прецизни „аксиоми и теореми“, но песната го прикажува нивниот извонреден напредок од дебито More Than Hate. Со такво нешто не би можеле да се пофалат недоброени прог-состави. Втората битна особина на споменатиот инструментал е меланхолијата. Поточно, успехот на групата е во тоа што потиштеноста, замисленоста, рефлексијата на ова недисторзирано парче ги распостила и на останатите осум наелектризирани композиции од материјалот. Бездруго, ова е гневна и агресивна музика, меѓутоа, во гитарските рифови и лидови, вокалните мелодии и во целокупната атмосфера провејува чувство што поттикнува и размислување, а не само конфронтирање.

Ова е кристално јасно на самиот старт. Ако претходникот, Dying Lake, почнува со риф пуштен низ „касетофонски“ ефект што набргу експлодира насекаде, четвртата плоча е отворена со 70-секундно питомо будење на Dreamless Slumber. Откако ќе го постави амбиентот на замраченост што ќе доминира до финишот, бендот врти полукружно и нуди итно расонување со двоен бас и хармонизирано рифување на Black Sun. Во лидовите се истакнати мело-дет влијанијата кои на албумов се најистурени споредено со досегашното творење на Hardfaced. Солажата, пак, не само што е технички вешто изведена, туку е и емотивно запаметлива. Доколку на ова парче квинтетот е, пред сѐ, хеви, на „Ножот Крвав“ се слушаат хардкор основите, а гитарите прикажуваат и високотонски блек-пискотења. Кулминацијата, се прикрадува во форма на масивен брејкдаун. Со развлеченото интро, празниот простор во којшто одѕвонува тапанската педала, Power of Fear креира напнатост и нелагодност типична за слаџ-формации, пред да метаморфира во фуриозен бластбит и да се одјави со микс од епско шестжичано хармонизирање и џиновски грув.

Ха-це суровоста, која што предничеше на постарите изданија на составот, ги покажува забите на Exhibitions of Brutality, но е одлично вкомпонирана со поновите метал-насоки. По ова, Through Waves нуди феноменален динамички контраст, а сепак, одолговлекување нема, па гетеборшката школа ја превзема контролата и Desolated се враќа на агресивното мелодизирање. Во слична насока продолжува и Implored By Hate, но со лутина за неколку степени понагласена. Интересно, таа е врамнотежена со исто толку позапаметливи тонови на гитарата, што во вид на кратки лидови, што во форма на солажа. Воведот на Neves, изненадувачки, на позитивен начин, запливува во пост-рокерски води и прераснува во наизменичен треш-грув танц. За одјавата, „Феникс“, петорката високо ги развиорува викиншките знамиња и потпишува уште една првокласна концертна химна. Навраќајќи се на почетокот, којшто беше кроток, ненаметлив и повлечен, финалето ја затвора целината со нова енергија, како по издигнување од пепелта.

Инструментално и вокално, групата никогаш не била созреана како што е на ова издание, иако со Dying Lake си поставија прилично висок критериум. Или поинаку кажано, новата плоча е резултат на целото нивно досегашно искуство, надградено со низа влијанија што сега се актуелни, а сето тоа ги придвижува неколку чекора напред. Текстуално, составот ја анализира деструктивната страна на човечката природа и иако не најдиректно, може да се пронајдат паралели со животот во Македонија. Поголемиот број пораки и прашања, сепак, се универзални. Нагласуваат дека сме родени за краткотрајни радости и долги страдања, оти стравот го храни умот, заслепува и тера да се запрашаш: во ваков дехуманизиран свет кој може да тврди дека е хуман? Водени од омраза, се гнетеме меѓусебно и се восхитуваме на сѐ што наоколу е разорено и опустошено. Заклучокот, пак, дека скриена надеж постои, им контрира на стиховите полни темнина. Слободата, на Dreamless Slumber at the Shores of Youth, Hardfaced ја гледа во секого засебно. За да дојде до неа, секој мора да се издигне од пепелта на традицијата, а минатото да го удави во катран. Во спротивно, сите ќе дремеме без да сонуваме и ќе продолжиме да тонеме и да бледнееме. Бесконечно.

Артист: Hardfaced
Албум: Dreamless Slumber at the Shores of Youth [стрим]
Датум на објава: 30 ноември 2019
Продукција: Hardfaced
Етикета: Diehard

Листа на песни:
1. Dreamless Slumber – 1:10
2. Black Sun 3:54
3. Nozot Krvav / Ножот Крвав – 3:22
4. Power of Fear – 5:13
5. Exhibitions of Brutality – 2:51
6. Through Waves – 2:56
7. Desolated – 4:39
8. Implored By Hate – 4:50
9. Neves – 5:14
10. Феникс / Feniks – 5:04

Слични написи

Остави коментар