Converge – The Dusk In Us [Epitaph, 2017]

Аутсајдерската улога отсекогаш добро им прилегала на Converge. Поточно, таа ролја им е најприродната. Колку што нивниот стил е бучен, колку што песните им се хаотични, до иста мерка стиховите им се поетично-интроспективни, а турлитавата од жанрови што им се провира во композициите, сепак, функционира без моменти на срамно поткашлување. Теоретски, тие свират метализиран хардкор, меѓутоа, верзијата што ја практикуваат не се држи до шуткачко-скокачкиот риф-стандард до којшто се придржуваат повеќето имиња од оваа сцена. Контрадикторно, ако ја ставите на иста фестивалска бина со овие метал/кор-претставници, групата од Бостон нема да звучи како ниту една од нив, а истовремено, во секој поглед ќе припаѓа на споменатиот настан. Бендот активиран во 1990 година, уште во стартната деценија се издвои, но и кога во новиот милениум значително се испрофилира и стана повидлива појава, чувството оти се индивидуален ентитет неразделив од нешто што е поголемо и заедничко, не изостана. Така звучат и на The Dusk In Us.

Ова би можело да се третира како „буквално се исти како и на претходникот“, но ако под ваквиот заклучок се подразбира реприза на квалитетот, нелогично би било да се даваат какви било примедби. Бездруго, штом A Single Tear ќе влета со гигантски сноп енергија не постои можност за конфузија дека станува збор за некоја друга формација. Чкрипењето на гласот, сувата гитарска дисторзија, грамадната ритам-секција, сѐ тоа е дел од заштитената марка на квартетот од Масачусетс. Тоа, од друга страна, не значи дека тие наједноставно ја фотокопираат сопствената верзија снимена на All You Love You Leave Behind. Ако со насловот на тој албум на одредено ниво се нихилисти, со воведната трака од следбеникот откриваат дека не го сметаат животот за бесцелен. Вокалистот Џејкоб Бенон се исповеда оти кога првпат го држел своето дете в раце знаел оти мора да преживее, но и ги поместил сфаќањата за тоа каков човек би можел да биде. Трансформацијата е особено моќна тема, а Converge на дискот ја обработува зрело. Грабајќи напред, со поткрепа од сето искуство.

Насловувајќи го албумот „Самракот во нас“, бендот, сепак, повторно се концентрира на потемните аспекти од нашето постоење. Клучен момент е што по секоја квечерина и сите нејзини нијанси бездруго ќе дојде зората, што значи во секого има потенцијал за промена од минус во плус. Најдоброто на материјалот е што групата воопшто не е заинтересирана да одржи лекција како тоа да се изведе, туку се фокусира на сложениот процес на лична еволуција со сите негови финеси. Така, на Eye of the Quarrel вели дека окото на кавгата го исцрпува, зборува за кралица на ѓубрето и принц на плевелот (родителите?), но нагласува оти на својата оставнина нема да ѝ пренесе (таква) болест. Контролата – полициска, воена, каква било – е во центарот на Under Duress. Заблудите што се создаваат од опсесијата со неа го скапуваат коренот на дрвото, креираат страв што не дозволува да мрднеш. За него, тој носи слобода. Принудата е пресудна. Кога си притиснат од нејзините гасеници, сочувството се превиткува, а заболувањето се проширува.

Хардкорот често го слави отпорот, соочувањето со злобниците, а чекорот назад неретко го смета за слабост, поради што и се доживува (некогаш со право) како силеџиски. Arkhipov Calm го порачува спротивното. Кога некој се однесува како олигарх што малтретира, да се биде трпелив е најкорисно. Бенон смета дека огновите што ги совладуваме нѐ спасуваат од сопствениот пекол. Именувана според реклама во која што се појавува Дасти Роудс, кечер и херој од детството на пејачот, I Can Tell You About Pain истакнува дека постојано да се обидуваш е исклучително битно без разлика што околината никогаш вистински нема да ја спознае твојата болка. Порази, стравови, темнина, сето тоа е дел од човечкиот карактер, но The Dusk In Us подвлекува оти духовите се обични сенки, а ние сме тие што се направени од коски и од месо. Бездруго има чудовишта меѓу нас, ама тие исчезнуваат со секое утро, особено со тоа за кое што самите сме се избориле.

Фронтменот на Converge фреквентно знае да биде панкерски директен, меѓутоа, неретко е и раскажувач на приказни со повеќе слоеви. На Wildlife почнува со слики за лов на дивеч со чие крзно се покриваат преживеаните кукавици, за да се префрли на тврдењето оти под постојан притисок единствен пат до светлината е преку борба низ валканата земја и да го затвори кругот со рефренот каде што укажува дека штом сме родени во толку суров свет, преживувањето може да биде навистина сурова клетва. Минливоста на времето, а со тоа и на животот и неможноста да ја избегнеме е во центар на Murk & Marrow, додека на Trigger светот е чкрапало што бескрајно нѐ предизвикува да реагираме. Емотивната мачнина има дополнителен сјај, но „белата бучава“ е таа што најмногу вознемирува на Broken By Light. Без заобиколување, Cannibals нѐ дефинира како човекојадци со паразитски срца и со нагон за опортунизам што е ненадминат на планетава. Битисувањето е низа од подеми и падови по кои само треба одново да се почне, вели Thousands of Miles Between Us, а Reptilian нѐ потсетува дека на ѓаволите не им треба пекол за да постојат – како таинствени кралеви тие со безвредни зборови почнуваат бесцелни војни од кои што самите се поштедени.

Поетичната и приземно човечка лирика на 43-годишниот вокалист има сурова, студена и остра инструментална поткрепа, која што, исто така, остава празни простори за дишење, го спушта темпото, вклучува сајзери, амбиент и чист ноиз, но и пружа топли прегратки како со насловното седумминутно сидро на материјалот и со здивот што го овозможува со претпоследното парче пред да го испрати слушателот со ерупција. Жанровски, ова варира од хаотичен панк, преку метализиран хардкор до слаџ и мигови на смел алтернативен рок исполнет со грув и мелодија. Тапаните се планини, гитарите, катани, а басот, булдожер. Повеќето песни засебно одушевуваат, има и такви што отскокнуваат, меѓутоа, целината и начинот на којшто е подредена е таа што најмногу фасцинира. Ова е компактен, делумно и застрашувачки моќен албум, но не и статичен или здодевно линеарен. Како што стиховите бојат различни нијанси на човечката психа, така и плочата се врти, превртува, превиткува и непрекинато се трансформира. Поаѓа од самракот, никогаш не го остварува клишето да стигне до зората, а сепак, со умот и снагата, отвора широк пат што секој може да избере дали и како ќе го изгази.

Артист: Converge
Албум: The Dusk In Us [стрим]
Датум на објава: 3 ноември 2017
Продуцент: Курт Белоу
Етикета: Epitaph

Листа на песни:
1. A Single Tear – 3:59
2. Eye of the Quarrel – 2:14
3. Under Duress – 3:42
4. Arkhipov Calm – 2:53
5. I Can Tell You About Pain – 2:23
6. The Dusk in Us – 7:23
7. Wildlife – 2:29
8. Murk & Marrow – 3:01
9. Trigger – 3:33
10. Broken by Light – 1:46
11. Cannibals – 1:15
12. Thousands of Miles Between Us – 4:42
13. Reptilian – 4:33

0 коментар

Слични написи

Остави коментар