Foltin – Момóma [NMA, 2019]

За Foltin отсекогаш сум мислел дека се камелеони. Или можеби попрецизно – „шејпшифтери“. Промената за нив е коренит процес. Не само површински, во однос на бојата. Уште од првите, значително поекспериметални албуми, но и по тие што следуваа, и особено, по настапите на разни бини и опкружувања, впечатокот е ист: што и да одбере да свири, групата ќе го изведе маестрално. Да, тука влегува и опцијата за примитивен блек-метал од Норвешка, надополнет со подеднакви дози шведски д-бит панк и треш од Сан Франциско. Инструменталната поткованост, како и опсесивната студиозност бездруго се карактеристики на кои ја базирам оваа моја проекција. Убеден сум, сепак, дека бендот на промената гледа како на единствена константа во човечкото битисување. Токму поради таа нивна увереност, во сѐ што се впушта, а тоа често драстично се разликува од она што претходело, составот е екстремно убедлив. Да речеме, сѐ што ќе допрат, го присвојуваат. До срж го прават фолтиновски.

Најсвеж пример за тоа е Момóma, каде што низ ситото на фанкот, рокот и синтисајзерите, битолската формација ги исфилтрирала дел од најсилните песни во 24-годишната кариера. Елементиве отсекогаш биле вклучени во изразот на петорката, меѓутоа, играле придружна улога. Реткост е тие да доминираат во издвоена песна, а камо ли да бидат потпора на цело издание. Ситуацијата сега е обратна. Збирката, без разлика што е релативно куса – трае 25 и пол минути – прво е фанк-рок-синт планина, а дури потоа, нерамно подножје разгазено од моќниот нагон за експерименти на групата. Стилската рамнотежа, на која може да се гледа и како на супериорна прочистеност типична за најистакнатите поп-автори, e надополнета со кохезија што отскокнува на начин поинаков од порано. Foltin, од самиот свој старт, се ултракомпактна музичко-сценска единка, ама таква која наместо да чекори по обичниот пат, ќе гази на прсти на неговите рабови, ќе скока од една на друга нога и ќе се тркала до крајната дестинација. На албумов уживаат да се рок-бенд. Со едноставна искреност како што многу клинци и денес (се надевам) си замислуваат.

Не оти некогаш им било гајле за глобалниот или локалниот меинстрим, но и на овој од 21 век, којшто ја повторува приказната дека гитарата е мртов инструмент, Foltin одговара со тоа што на Момóma ѝ дава практично главна ролја. Најчесто остра како клин, повремено и зарѓана од дисторзија, таа танцува фанкерски, скита џезерски, размислува блузерски, вози сурферски, а во некои мигови дури и се нервира панкерски. Шестте жици најфреквентно разговараат со вокалот иако подлога за овој дијалог доаѓа и од останатите инструменти. Како и досега, басот е кичма на грувот, само што тука има поистурена позиција во миксот, а линиите што ги свири се просто неодоливи. Клавијатурите ја растегнуваат атмосферата, синтисајзерот на моменти евоцира СФ-амбиент и претставува ткиво што ја врзува целата постава, која нараснува и до седум члена. Иако само на една композиција, тромбонот и саксофонот, толку го оживуваат свингот што тој се вдишува како густ чад од инсенс во маалски бар во Њу Орлеанс.

Фактот што одредени инструменти се присутни или доминираат, резултира со отсуство или повлеченост на други, кои кај Foltin вообичаено имале поистурена функција. Ни трага ниту глас од хармониката. Пеце Трајковски тука е полнокрвен гитарист, којшто солира емотивно и рифува катарзично (повремено и фрла зачини со сајзерот). Неговиот имењак Николовски, сувите и нервозни прсти од кларинетот ги заменил со течно и медитативно беседење на усната хармоника. Кристофер Вокен гарантирано би сакал повеќе, но и толку колку што го има, клопотарецот е фантастичен додаток. Квинтетот страста посликовито ја изразувал со акордионот и поприлично, со кларинетот, но и ритам-секцијата никогаш не ја потиснувале во заднина. Тука одат во обратен правец. Басот, освен што понагласено го билда долниот дел од звучниот спектар, честопати е ороводец, а орото што го води е фанк пуштен над максимум. Иако економични, тапаните не остануваат незабележани затоа што не допуштаат пулсот да падне прениско, дури и кога се најлежерни.

Во ова аудиосценарио, кое е занаетски стегнато, но и динамично и шаренолико, вокалот е испреплетен и како инструмент, и како наратор на приказните. Бранислав Николов води љубов на две нивоа: со гласот, со оствирените ноти, а со зборовите, со македонскиот јазик. Комбинацијата воглавно е романтична и поетска, ама не и академска, бидејќи не заборава да биде и комична и апсудрна. Стиховите ја издигнуваат жената на пиедестал. Таа е света, таа е утешение грешним, таа од љубовникот може да направи црква. Директен допир со возвишувачот речиси и да не се споменува. Пред да ја бакне во голите гради, кои зрачат со револуционерен пркос како „Слободата“ на Делакроа, тој само чезнее да води љубов – де младешки, де некомерцијално, де церемонијално, де неморàлно. Потоа, таа е недостижна како месечина, која навлекува, намигнува и исчезнува. За неа, сонцето е трик (а Никола Коперник заебан лик). Кога контакт конечно ќе се случи, џрџа крв: од вената се вади срча, која е парче од оние скршени срца. Ваквата среќа, сепак, е кратковида. Песните понатаму си пластат облак (лунарен нимбус) од посакување, што дозволува само сонување, а всушност, гарантира несоница. Срцата никако да фатат чекор, затоа што се вдишува копнеж, а воздивнува прекор, но тоа ниту најмалку не го обесхрабрува нашиот љубовен романтичар – тој до крајот верува во чуда.

Ова е противречно на битот на актуелната ера на пост-вистина, кога за сѐ што има шанси да се развијат чувства, најнапред мора фактографски да се праша „Гугл“, темелно да се проверат фуснотите, да се научат референците, па дури потоа да отпочне емотивното искуство. Поточно од што тоа би се состоело, тешко е да се процени. Tрагањето толку одобрувања од околината, носи единствено прифатени доживувања. Во нив, крајно личното е жртвувано за колективно споделеното. Со Момóma, Foltin гордо го виори бајракот на луѓето кои не ја изгубиле или не ја самоубиле вербата во чудесната моќ на музиката, и особено, на убавата песна. Тие не спијат на перницата надуена со масовни очекувања, туку ја распарчуваат. И покажуваат оти еден од најубавите начини да се води животот е – со ум кој не престанува да сонува и со тело што неуморно се движи и создава.

Артист: Foltin
Албум: Момóma [стрим]
Датум на објава: 18 април 2019
Снимател: Гоце Јованоски
Етикета: H * M * A

Листа на песни:
1. Ми се води љубов – 5:19
2. Месечина – 3:51
3. Мачка во вреќа – 4:27
4. Несоница – 3:12
5. Чекор – 5:11
6. Ти верувам – 3:23

0 коментар

Слични написи

Остави коментар