GoGo Penguin ‎- A Humdrum Star [Blue Note, 2018]

Сакам да си замислувам дека кога GoGo Penguin решиле да го основаат бендот тргнале со следнава идеја: да создаваат музика што, најопшто, би се дефинирала како џез, но која ќе биде аранжирана, ќе звучи, ќе ги буди истите чувства како и електронскиот денс-саунд. При класификувањето, а тоа е особено битно ако се гледа низ џезерскиот свет кој често знае да биде рестриктивен кого пушта низ неговите порти, британскиот состав ги има сите параметри на акустично трио: доминантно пијано, набилдан контрабас и тапани што се истакнуваат и со френетичност и со економичност. Додека трештат низ звучници, пак, што е извонредно значајно набљудувано низ ЕДМ-сцената која е прилично либерална кон новодојденци, групата од Манчестер ги поседува сите подиумски состојки: ритам-оддел што непрекинато пулсира, мелодии што инспирираат и сегменти со репетиција од кои телото запаѓа во шамански круг на движење.

Вистината, всушност, е дека тројката ги прифаќа, ги проширува, а сепак, избегнува да заглави во само една од овие форми. Тоа беше прилично очигледно на Man Made Object, дебито од 2016 година за легендарната американска етикета Blue Note и е на секое ниво надградено на A Humdrum Star. Со Fanfares (2012) и v2.0 (2014) бендот навести за што е кадарен, меѓутоа, се работеше за скици. Занимливи, потентни, но и покрај тоа, двата диска беа само нацрти. Нивниот потенцијал безмалку целосно го реализираа на третото издание, додека на следното прават значаен исчекор напред. Не е во прашање летање од големата скокалница во Гармиш-Партенкирхен. Чувството на лебдење дефинитивно е присутно и иако групата ги користи своите препознатливи техники, впечатокот е оти во секој поглед се поинвентивни, позапаметливи и порафинирани од претходно.

Без разлика што по ниту една основа не се буквалисти, GoGo Penguin го отвора албумот баш на таков, молитвен, преиспитувачки, начин со Prayer. Електронските ефекти полека го збиваат амбиентот додека тој не стане густ концентрат од клаустрофобија, а пијаното со селекцијата на мрачни ноти ја акцентира тензијата. Таа во првата секунда од Raven се распрснува во ехото од ударниот риф што избувнува од истиот инструмент. Групата нема гитара во поставата, но Крис Илингворт со клавишите често создава ургентност каква што обично продуцираат дисторзираните шест жици. Таков рифовски квалитет, што гарантира длабоко врежување, има и на Bardo, со хаус-реверб одѕвонување, потоа на Transient State, со боп-разлетаност, како и на Reactor, каде што се забележува и прог-рог заплетканост. На A Hundred Moons и Return To Text динамиката се менува во правец што ги испреплетува класиката и филмот, а Strid нуди геометриски танц на испрекршени линии.

Излезното парче, Window, успева да ги компресира сите претходно наведени елементи во кутија од нишачки ритам и грув, а сѐ што притоа користи за ова да го постигне е сведено на минимум. Со иста фреквентност, ако не и комплетно отсутна, е импровизацијата. Ова е колекција што се потпира на структура, на аранжманска стегнатост, дури можеби и на поп-прочистеност. Поради овoj изостанок на егзибиции низ галаксиите на непланираниот звук, многумина би ја деградирале плочата како „неџез“, но миксот од ритмика, „рифови“ и репетиција фрла во занес како и моќна импров-сесија. Дополнителната вредност, која може да ја регистрира како свој трејдмарк, триото ја внесува со електронските влијанија што варираат од трип-хоп и брејкбит, преку есид техно до ИДМ и амбиент. Композитот од сето ова не е каша-попара истурена на буниште за да скапува. Станува збор за ентитет со магнетизирачки баланс до кој бендот дошол со темелна филтрација низ своите емоции, размислувања и музичка едукација. Карл Саган веројатно бил во право кога рекол дека животот ни се одвива на планета што е безначајна и Сонце кое е здодевно. И покрај тоа, GoGo Penguin со A Humdrum Star креирале албумска ѕвезда што нема ризик да умре од еднообразност, туку ќе продолжи да зрачи со возбудлива енергија.

Артист: GoGo Penguin
Албум: A Humdrum Star
Датум на објава: 9 февруари 2018
Тон-мајстор: Брендан Вилијамс и Џозеф Реисер
Етикета: Blue Note

Листа на песни:
1. Prayer – 2:54
2. Raven – 4:58
3. Bardo – 7:14
4. A Hundred Moons – 4:28
5. Strid – 8:11
6. Transient State – 5:59
7. Return To Text – 5:23
8. Reactor – 6:17
9. Window – 5:21

Слични написи

Остави коментар