Low – Double Negative [Sub Pop, 2018]

Да слушаш музика, најчесто, а понекогаш и единствено, значи да слушаш песни. Или да се изразам со ЗАМП-жаргон – композиции. Настрана што во популарниот звук од кој било жанр нема ниту „к“ од значењето што овој термин го има во класиката, сепак, за повеќето од нас ритуалот на преслушување подразбира вртење парчиња спакувани ритми, рифови, мелодии, хармонии или брутална бучава. Оваа аудиоформа е најраспространета, поради што и на мнозинството ни е најблиска. За неа не постои универзална равенка, меѓутоа, за широките народни маси таа треба да содржи стихови и ноти. Рефренот е задолжителен за тие што сакаат лесно да потпевнуваат, а дисторзираниот акорд за оние што претпочитаат да свират на невидливи гитари. Што се случува кога сите претходно набројани елементи се присутни, тие градат компактна албумска целина, но во исто време, речиси целосно го деконструираат сфаќањето за тоа што е песна? На Double Negative, Low на мистериозен и интелигентен, но и особено примамлив начин ја отвора оваа дилема.

Бекграундот на групата од Дулут, основана во 1993 година, е познат за независната рок-сцена. Предводена и најпрепознатлива по вокалните хармонии на брачната двојка Мими Паркер и Алан Сперхок, Low најчесто беа дефинирани како слоукор, а звукот го базираа на гитара, бас, тапани и развлечено темпо. На дванаесеттиот студиски албум на триото, пак, жестте жици и минималните траги дисторзија првпат се слушаат на Fly, дури 10 минути по стартот, на третата песна, која и онака повеќе се истакнува преку поп-набој на гласовите, отколку по рокерска енергија на инструментите. Всушност, дисторзираноста на материјалот во сите инстанци доаѓа од продукциски егзибиции и електро-ноиз, а тоа што најистакнато „свири“, се грлата на Сперхок и Паркер. Воведната Quorum не ја отвора плочата со риф што секој би посакал да го измисли, туку со машинско индастриал режење низ кое процесираното пеење полека се пробива и пар секунди откако ќе се прочисти, се претвора во трибален џиновски ритам врз којшто пулсира Dancing And Blood.

Гужвата што доминира со Tempest на прва средба може да асоцира на какофонија, ама со следното навраќање се разјаснува дека таа ги стегнува емотивните жили, за Always Up да им изгради терен да се отворат и да се релаксираат. Откако сајзерот подолго ќе одѕвони, како последниот удар на мала камбана во место речиси избришано од картата, електро-тапанот нагло ја пресекува сталоженоста со интрото на Always Trying To Work It Out. Слајд-гитарчето питомо се надоврзува, по него пристигнува и Сперхок, чиј вокодеризиран глас на рефренот е десеткратно засилен со придружбата на Паркер. Грандиозни филмски сцени во епски царски хали евоцира The Son, The Sun, по што Dancing And Fire контрира со креирање впечатлив кантавторски вајб со оскудните акорди и замислениот вокал. Тоа, сепак, помалку се разигрува и распалува во втората половина, за Poor Sucker со безмалку госпел-пристап да креира атмосфера во која што ракоплескањето е единствена логична постапка. Рокот конечно покажува дисторзирани заби на Rome (Always In The Dark), но не пред Сперхок да предизвика комплетна парализа со потресната гласовна соул-мелодија. На крајот, Disarray става точка со исто толку силна вокална хармонија.

Овие две парчиња најмногу се приближуваат до стандарната формула за „песна“. Во суштина, пак, тие се само последните поглавја од музичко дело што најмногу, ако не и единствено, е напишано и снимено да се восприема како целина. Арогантно е да се каже оти е симфонија, особено затоа што се потпира на минимализам и филтрирање на идеите до нивната есенција, меѓутоа, патешествието што го овозможува е такво – комплексно, со среќа, тага, возбуда, повлеченост, и со капацитет за нови интерпретации при секое следно слушање. Текстуално, пристапот е исто толку штедлив, што остава простор за лепеза од лични толкувања, меѓутоа, како што звукот е тензичен, така и стиховите изобилуваат со референци од актуелната реалност. Ова особено се однесува на таа во САД, каде што по изборите во 2016 година, голем дел од прогресивните граѓани не се ни обидуваат да го скријат гневот, фрустрацијата, но и изгубеноста и неснаоѓањето во новите околности. Не може да се рече дека е воопшто политички, а камо ли агитаторски, ама Double Negative на извонредно сочувствителен начин го рефлектира светот во којшто бендот вирее. Одговор нема, туку само прашање што Low го поставува: дали ако сме негативни за негативните случувања резултатот ќе биде позитивен?

Артист: Low
Албум: Double Negative
Датум на објава: 14 септември 2018
Продуцент: Би Џеј Бартон
Етикета: Sub Pop

Листа на песни:
1. Quorum – 3:43
2. Dancing And Blood – 6:23
3. Fly – 5:48
4. Tempest – 4:49
5. Always Up – 5:29
6. Always Trying To Work It Out – 3:56
7. The Son, The Sun – 3:30
8. Dancing And Fire – 4:17
9. Poor Sucker – 3:36
10. Rome (Always In The Dark) – 3:33
11. Disarray – 3:54

Слични написи

Остави коментар