Mastodon – Emperor of Sand [Reprise, 2017]

Ако споредам какви се Mastodon денес, со тоа како звучат на дебито Remission, држејќи се до вообичаената логика на метал-културата, би требало да заклучам дека не станува збор за истиот бенд. Најпрво, а веројатно и најбитно, ако го следам конвенционалниот начин на размислување на „сцената“, четворката не е веќе тешка како планина. Најблиску до ова, тие сега се река што извира во пазуви на огромен масив, се спушта по кулоари, навигира низ кањони и шара низ рамнини чиј крај не се догледува. Да се изразам попросто – порано гризеа без најава, како и секој ѕвер во коријата, денес забите ги штедат и се хранат само со истражување. Следствено на тоа, очекувана постапка е да ги баталам. Најмногу ќе се цени ако и ги напаѓам. Без разлика колку мајсторски се лизгаат низ падините, колку вешто се снаоѓаат меѓу карпите и колку импресивно изгледаат на бескрајните ливади, за најсилна осуда е тоа што цврстината на рудата ја замениле со течението на водата.

Донекаде, овој став го разбирам. Металот, а и останатите агресивни форми на рокенролот, во најисконската форма, се потпираат на два столба: гнев и бунт. Кога тие се отсутни или им се гледаат само контури, очигледен е коренот на негодувањето или во крајна линија, на откажувањето. Досега сум се разишол со куп особено драги групи, но не можам да кажам оти причина за тоа било или потиснувањето на лутината или откажувањето од протестот. Начинот на којшто интерниот, зовриен, човечки бес е обработен најчесто ме привлекува кај артистите, но сосема ми е јасно дека тој ретко опстојува кај изведувачи со долг рок на траење. Можеби е во прашање надраснување, созревање или, пак, помирување. Времето, сепак, како што гази сѐ наоколу себе, така ги пренасочува авторите од катарза и инстинкт кон разум и композиција. Елеганцијата на песната тогаш станува примарна мисија.

Поради сето ова, иако повремено ми надоаѓа таква потреба, не можам да се согласам со понижувањето на Mastodon, дури и по Emperor of Sand, убедливо најмеката колекција во нивната веќе 17-годишна кариера. Тоа што не е полнокрвен метал, всушност, што на него жестокиот правец е само едно парче во мозаикот, воопшто не ги засенува вештината, но и емотивноста на 50-минутниот албум. Бендот пронаоѓа одлична рамнотежа помеѓу овие две карактеристики. Рифовите, ритмите, и солажите се свирачки потковани, стиховите литературно писмени, а севкупната атмосфера ја отсликува широчината на пустинските предели кои, во исто време, се фасцинантни и застрашувачки. Целиот овој пакет не е ниту студен, ниту, пак, одбивен. Сосема спротивно, тој проектира широкоградост, отвореност, дури и топлина. Четворката одамна ја остави бруталната суровост од почетоците што ги прослави, но на осмата плоча таа е целосно конвертирана во искреност и питомост.

Тоа што сега не звучат како со челуста да го распарчиле кафезот за да ги тероризираат бившите сопственици, не значи дека ѕверската суштина на Mastodon не се препознава на Emperor of Sand. Отворањето на воведната трака, Sultan’s Curse, лесно може да се помеша со Jingle Bells, но по десетина секунди, таа невиност се претвора во трескот со чеканот на Тор. Кога на ред ќе дојде рефренот, и уште повеќе, „мостот“, се прикрадува сомнежот оти составот нема намера да ги заузда сопствените поп-склоности. Таа скепса прераснува во 100-процентна потврда веднаш потоа, на Show Yourself. Со оваа, убедливо „најобична“ или најпредвидлива песна во својата кариера, станува очигледно дека кај членовите е избришан секаков страв од последиците. За еден дел од слушателите, тие се исклучување не само на плеерот и на албумот, туку и на квартетот, без разлика колку мајсторски прости и директни се овие три минути заразно јужњачко рокенрол-потпевнување.

Другиот дел од слушателите, кои како и авторите, ќе пронајдат убавина во едноставноста, ќе стасаат до Precious Stones, каде што циркуларните рифови танцуваат со добошот и со рајд-чинелата како двојка на врвен светски денс-натпревар. Стоунерското интро ја отвора Steambreather, а откако Брен Деилор ќе ги покаже своите вокални соул-квалитети, Брент Хајндс со прогерска ехо-солажа ги транспортира мислите на црвените дини на Марс. Во првата половина, грувот е како лулашка, бавна и стабилна, а во втората, попрецизен опис е вртелешка без сертификат за безбедност. Синтисајзер и акустични жици нѐ запознаваат со Roots Remain, по што пристигнува облак од дисторзија. Откако убаво ќе се исцрни, од него ќе излезе рефрен збиен со прекрасна меланхолија. На преломот, гласот и зборовите веќе загорчуваат, будат морници, а нивната тежина е уште понагласена, најпрво од соло-гитарата, а потоа и од пијано-одјавата.

Со Word to the Wise бендот ги тегне инструменталните мускули, р’же низ ноздрите и го полни стадионот со рефренски епштини од хорски размери. На Ancient Kingdom, Деилор ем ги крши тапаните, ем го растопува вокалот, а Clandestiny отскокнува со длабочината на басот, којшто ровари низ утробата како прегладнет црв. Неколку сегменти од Andromeda го воскреснуваат животинското минато на групата, додека Скот Кели на Scorpion Breath им помага да бидат уште пострашни, но на ист терен да ја протнат и мелодичноста која што доминира на изданието. Финалето, на Jaguar God, зачекорува бавно, како трогателна пауер-балада, меѓутоа, се растрчува и завршува како долга и бесна хардкор-трешерица од Leviathan-ерата. Ова навраќање, не ја приближува групата до уникатните експерименти од првото, Свето Тројство, груби плочи. Тоа што повторно работеле со Брендан О’Браен и што го заокружиле во концепт, актуелниот албум не го приближува до Crack the Skye. Без разлика на ова, Emperor of Sand е извонредно компактна и флуидна целина што успешно се издигнува сама за себе во дискографијата на Mastodon. Со неа, составот демонстрира зрелост и укажува дека нема намера да ја крие главата во песок. Помалку е важно дали, колку и кој сѐ поради тоа ќе ги смета за робови или за императори.

Артист: Mastodon
Албум: Emperor of Sand
Датум на објава: 31 март 2017
Продуцент: Брендан О’Браен
Етикета: Reprise

Листа на песни:
1. Sultan’s Curse – 4:09
2. Show Yourself – 3:03
3. Precious Stones – 3:46
4. Steambreather – 5:03
5. Roots Remain – 6:28
6. Word to the Wise – 4:00
7. Ancient Kingdom – 4:54
8. Clandestiny – 4:28
9. Andromeda (feat. Kevin Sharp) – 4:05
10. Scorpion Breath (feat. Scott Kelly) – 3:19
11. Jaguar God (feat. Mike Keneally) – 7:56

Слични написи

Остави коментар