Mutoid Man – War Moans [Sargent House, 2017]

Тешко ми е да решам кој збор, дали прекрасно, одушевувачки, инспиративно или можеби сите заедно, но факт е дека Mutoid Man заслужуваат силен, дури и претеран, епитет за да се опише начинот на којшто ја кријат комплексноста на својот музички израз. Однадвор, сѐ изгледа толку проклето едноставно. Дури и релативно лесно за конзумација. Како што и треба со сечиј авторски пристап што, или отворено опстојува или бесрамно кокетира, со поп-инфективноста. Гласот плете запаметливи вокални мелодии, гитарата везе заразни дисторзирани хармонии, а басот и тапаните шијат раздвижувачки ритмички лудории. На куп – топтан – нивната компактност е до тој степен природна, што остава впечаток како да не е создавана на делчиња, туку одеднаш, во еден миг, напросто излегла од бендот додека имале махинална, секојдневна, проба. Сето тоа е измама, огромна лажга, чии опашки се забележуваат и само со слушање. Минимално повнимателно од вообичаено.

Присутна и на претходните две изданија, деби ЕП-то Helium Head и лонгплејката Bleeder, оваа манипулација е најразвиена на War Moans, вториот студиски албум на триото. Уште кога на воведната Melt Your Mind, Бен Колер ќе се размафта на двојната бас-педала, а Ник Кејџио ќе го следи во чекор на четирите меко дисторзирани жици, составот спидерски се разлетува и звучи како тоа да е најлесната задача на планетата. Стивен Бродски кога ќе се уфрли, со галопирачкиот гитарски риф и тркачката вокална мелодија, дилемата нема ниту простор да се развие – умот веднаш почнува да се топи. Без срамежливо да кружи наоколу, или трпеливо да се обраќа меѓу редови, групата од самиот старт ги демонстрира намерите, а тие се оваа плоча да биде: побрза, понеодолива и похеви од претходните. Формулата, во суштина, е иста, но во и досега ѕверската егзекуција, тројката вложила уште повеќе џули енергија и ги раширила крилјата на авторско-креативните решенија.

По сочната пцовка кон некојси Реј, Bone Chain го успорува темпото, како глечер што се буди од вековен сон и топотејќи се тркала по планинските сртови. Наездата притоа не се скротува, туку се повлекува наназад, како чатал што се тегне, пред каменот полн лутина да се истрела преку хардкор-панкерската Micro Aggression. Романсата, пуштена низ сито на иронија, потсмев и на сарказам, се распрскува низ Kiss of Death и Date with the Devil, а нивните наслови, како и изострени стихови, го истакнуваат хуморот, којшто за тројцата музичари е вреден колку и секој гитарски лид, бас риф или беснеење на перкусиите. Во двете траки, клишеата, и музички и текстуални, се судираат меѓусебно, како и со самата претстава за тоа што бендот прави сериозно, а што само со една цел – да се спрдачи со себеси и со жанровските форми што со сласт ги обработува. Меѓу другото, тоа опфаќа непланирана бременост по првата љубовна средба со ќерката на Сатаната.

Британскиот нов хевиметал-бран и особено неговите можеби најистурени претставници, Iron Maiden, се провлекува низ целиот материјал, но најпрописно пискоти на Headrush и на Irons in the Fire, која во рефренот дури покажува и стадионски амбиции. Насловната композиција, почнува племенски, како заглушувачки примитивно изработени тапани со единствена мисија – да го зовријат адреналинот и да го подготват за крвав конфликт. Тој и се појавува, како брза полка над која гитарата сече со рифови, но и со солажи. Грајндкор темпото ја отвора Wreck and Survive, пред нагло да се престрои во подлога за балада и за мрсен, бавен, хедбенгинг којшто е поткрепен од феноменално морничавиот глас на Челси Вулф. Растурачина во релативно стандардни рамки следува на Afterlife, додека составот инструментално и мелодиски се отвора на Open Flame, а главната строфа открива дека пејачот го „вкусил отворениот оган“ на љубената и поради тоа, „плазењето на јазикот нема никогаш повеќе да биде исто“.

Таква неповторливост се случува и на Bandages, убедливо вокално најхармониската и романтично најфантазерската песна на збирката. Можеби симболичен, а поверојатно и најбуквален што може, е фактот дека во неа централно место завземаат завоите, со кои што носечкиот лик си ги преврзува раните, но и ја запира циркулацијата во вените. Како резултат на пустошот што албумот го остава зад себе, по секоја изведба на War Moans, со слични повреди изгледа се соочуваат и членовите на Mutoid Man. Притоа, ниту цимолат, ниту стенкаат, туку на сите, што отекуваат дека во рокенролот нема место за смеење или за правење шоу, им објавуваат војна.

Артист: Mutoid Man
Албум: War Moans [стрим]
Датум на објава: 2 јуни 2017
Тон-мајстор: Курт Балоу
Етикета: Sargent House

Листа на песни:
1. Melt Your Mind – 2:10
2. Bone Chain – 2:21
3. Micro Aggression – 2:30
4. Kiss of Death – 3:38
5. Date with the Devil – 2:53
6. Headrush – 2:28
7. Irons in the Fire – 3:29
8. War Moans – 3:38
9. Wreck and Survive – 3:11
10. Afterlife – 3:10
11. Open Flame – 4:26
12. Bandages – 4:42

Слични написи

Остави коментар