Yob – Our Raw Heart [Relapse, 2018]

Типичната слика за singer-songwriter, термин што во макфестовски манир на македонски се нарекува „кантавтор“, е отприлика ваква: забраден маж на возраст чиј минимум е 20 и нешто години, а максимум не постои; очи помодрени од една од овие или од комбинација од сите причини како алкохол, дрога, цигари, несоница и сиромаштија; акустична гитара чија излитеност е доказ за: социјалниот статус на сопственикот, часовите минати додека да се истенчи акордот на кој ќе легне најубавата мелодија или за суеверието оти баш од неа излегуваат најсилните песни. Факултативно, овој имиџ може да биде дополнет и со усна хармоника, каубојски шешир или зарипнат баритон што ја растресува снагата. Тоа на што singer-songwriter вообичаено не асоцира се колосални рифови, пространа атмосфера и севкупна тежина еднаква на огромни планински масиви.

А сепак, кога го слушам Our Raw Heart, осмиот албум на Yob, ме прогонува чувство дека се работи за интимна кантавторска исповед на Мајк Шид, а не за стоунер-слаџ-дум ѕвер што не беседи на уво туку завива на крвава месечина. За да не ги навредам басистот Арон Рајсберг и тапанарот Травис Фостер, чија ритам-секција во овие речиси час и 15 минути има многу брилијантни сегменти, ќе нагласам оти е во прашање бендовско издание. Духот на концептот пејач-песнописец се прикрадува од две причини: првата е економичноста, односно обработката на секоја композиција до последна ситница, втората, посуштинска, е блискоста што извира од стиховите на 48-годишниот предводник на групата од Јуџин, во сојузната американска држава Орегон. Таа непосредност, отвореност или најпредвидливо кажано – искреност – креира конфликт со густата мрснотија на музиката и во исто време, помага полесно да се лизга додека целосно не го обвие слушателот.

Објаснувањето зошто сето ова функционира е срочено во фактот дека Шид е генијален со зборови, звуци и со нивното аранжирање во целина, но и во измачувачкото искуство што во 2017 година го остави на прагот на смртта. Црнилата поттикнати од самата помисла на крајот на животот се дел од дум-металот од мигот кога дождот, грмотевиците и камбаните го запознаа светот со Black Sabbath. Жанровските рамки често се задоволителна основа за да се долови студот на конечната празнина, меѓутоа, личната голгота внесува димензија што ги надминува замислите и очекувањата. Yob на Our Raw Heart успева да го наслика и колективното бреме што го носи настанот кој ги обединува луѓето од сите бои, религии и родови, но и она што секој човек може само индивидуално да го спознае. Фронтменот не нуди конечни одговори, не е патетичен, ниту, пак, арогантен да тврди дека 100 проценти ја открил вистината. Емпатичен е со цела проколната планета, а такво сочувство треба да имаат и оние што сакаат да ја впијат задушувачката моќ на ова издание.

Силно, како џиновска статуа што изгледа заглавена во вечен пад, но треска наземи и се распарчува, Ablaze ја отвора колекцијата. По минута примално удирање во иста точка, сочен риф најавува мелодија што се раздвижува со ситни, ама мајсторски, интервенции на басот и на гитарата. Гласот на Шид, сепак, е тој што со грутка во грло (и со извонредно расфрлани бекинг грофтања) пее на раб на наежување. Фронталниот напад од морници не изостанува. Обзема во седмата минута, кога акордот минимално е дисторзиран, а гласот максимално е ослободен. Значителен процент од музичкиот пристап на Yob се базира на глацијално движење на гигантски елементи, но и улогата на репетицијата не треба да се занемари. Сеприсутна на збирката, таа некаде има споредна, а некаде, како на The Screen, игра доминантна, дури и командна, ролја. Мавтајќи како грамадна секира, рифот фрла во транс што потчинува, по што мелодичниот рефрен заземјува во состојба што отпушта.

Најдолните, најзаборавени, делови од звучната скала вовлекуваат во In Reverie, за набргу крикот на Шид да направи хорор-пресек и песната да ја однесе во трета насока. Неговиот глас таму епски одѕвонува од понорот, гитарата ротира како перки на колосална ветерна турбина, а ритам-двојката се однесува како горопаден трол што сконцентрирано удира во карпест ѕид со баснословен габарит. Накратко, Lungs Reach дава оддишка со атмосфера од прости акорди што лизгаат како полжави, но прераснува во машина за урлање и бучава што меле сѐ во поширокиот видокруг. Спокојството, сепак, доаѓа со интро-тоновите на Beauty In Falling Leaves, 17-минутната епопеја од подеми и падови, во која фронтменот на Yob се претставува во несебично ранлива, дури и здробена форма, но и таква што успева со последниот атом сила да се соземе и пак да се искачи на почетокот од хоризонтот. До финишот, Original Face микса фрагменти од панк-едукацијата на основачот со неговото темелно спознание на метал-класиката (вклучува пламена солажа), а насловната трака го заклучува материјалот со акустика, чувствителни вокални линии и рифовско нишање што ги испраќа и умот и телото во време и простор на загарантирана удобност и сигурност.

Тоа, сепак, не значи дека ова е чизкејк-издание што лесно се топи и се проголтува без да се соџвака. Покрај екстремната аудио-килажа, седумте песни и тематски покренуваат куп прашања, илустрираат размислувања и пренесуваат доживувања низ филозовска призма. Инстинктивно, многумина тука би виделе корозивна досада. Ова би било точно доколку и одвај се намирисува претенциозност, меѓутоа, стиховите се концизни, необременети со помпезни термини и хумани, односно јасно е дека се вкоренети во персоналната битка на човекот што ги напишал. Толкувањето, може веднаш да се поврзе со сѐ низ што Мајк Шид минал изминативе години, но тие не раскажуваат само поединечна приказна. Изобилуваат со низа слоеви, а тоа им ја удвојува вредноста. Паралелно со губење во музиката, големи се шансите да се пронајдете во зборовите. Или обратно – тие да отворат дилеми, а мирот да го обезбедат восхитувачките бранови предизвикани од ураганската јачина на Our Raw Heart. Тенденциозно е да се тврди дека Yob стопроцентно ја опишале суштината на човечкото срце (спиритуална, не органска), но несомнено креирале албум што може сите да нѐ обедини во исполнувачко буричкање низ неговиот најсуров, необработен, облик.

Артист: Yob
Албум: Our Raw Heart [стрим]
Датум на објава: 8 јуни 2018
Тон-мајстор: Били Барнет
Етикета: Relapse

Листа на песни:
1. Ablaze – 10:13
2. The Screen – 9:50
3. In Reverie – 9:44
4. Lungs Reach – 5:39
5. Beauty In Falling Leaves – 16:27
6. Original Face – 7:03
7. Our Raw Heart – 14:23

0 коментар

Слични написи

Остави коментар