Bad Religion – Age of Unreason [Epitaph, 2019]

Дихотомија е прилично лексиконски термин за да се употреби во панк-контекст, но Bad Religion отсекогаш биле академски потковани во изразот и затоа овој збор е перфектен за опис на нивната кариера и особено – на последниот албум Age of Unreason. Најпрво, оти по подолго време – дефинитивно по The Empire Strikes First и можеби по Recipe for Hate – ова е најгневното издание на калифорниската шесторка. Истовремено, тоа ги содржи, ако не најдобрите, тогаш несомнено дел од најубавите мелодии во нивното творештво зачнато уште во 1980 година. Друга спротивност на 17 збирка на составот од Лос Анџелес е што, иако аранжерски мајсторски и атрактивни во „звучната естетика“, овие, пред сѐ, вокални, но и инструментални решенија се меланхолични на инспиративен начин. Можеби нема баш логика да се наоѓа поттик во дела полни потиштеност, но во 2019, плочата го понуди најпотребното: сослушување, разбирање и дури потоа споделување став и енергија.

Албумот во најголем дел звучи како лична исповед на теми што ја направија оваа деценија депримирачки судир помеѓу сѐ што прогресивно се градело повеќе од половина век и сѐ што ретроградно исплива, особено изминативе три-четири години. Грег Графин е тој што со зборови се чуди и се преиспитува како дојдовме до оваа точка, но и потсетува дека има излез од ситуацијата, ама и самиот не е сигурен дека човечкиот род има потенцијал да се придвижи во таа насока. Ова интимно духовно протресување Брет Гуревиц го илустрира со наметливи гитарски рифови и лидови, кои во хармонија со вокалните линии сврзуваат микс што изобилува со лутина, но и со певливост. Токму на ова рамниште, изданието се слуша со полни тело и душа, а тоа возвраќа создавајќи чувство на емпатија, односно оти и самото разбира во каква недоумица се тие што скоро катадневно му се навраќаат.

Колекцијата стартува фуриозно со Chaos from Within. Соло-влезот на тапанарот Џејми Милер е првокласно ха-це-панк вовлекување, на кое со ритмичка жестина се надоврзуваат гитарите. Графин од прва ги поставува контурите за тоа што ќе се зборува во албумот и укажува дека постоењето на човештвото е под закана. Ситуацијата е итна. Присутна е на сите страни, како кожа. Опасноста, пак, е во исто време основна и умствена. Се работи за хаос што доаѓа одвнатре. Надоврзувајќи се на овој конфликт, темпото на My Sanity малку ја спушта топката и нуди простор за саморефлексија. Во исто време, здравиот памет е под агресија од алтернативните факти, а одбрана од тоа е да се потпреш на доброто ментално здравје. Песната, сепак, содржи и болно предупредување – понекогаш не постои никаква разумна причина за оптимизам. Бендот на Do the Paranoid Style пак забрзува до степен на нетипичен твистиген. Додека вокалот укажува оти од таван ги вадиме размислувањата на дедовците и се лепиме на паранои и заговори, музиката повикува на ослободувачки танц.

Тонот се замрачува на The Approach, а има и зошто – протагонистот сфаќа дека денешната ера има морален и интелектуален вакуум, во којшто револуцијата нема шанси, бидејќи на филозовски план е мртва. Гласовната мелодија тоа го нагласува со тоа што се исправува во целосна височина и кога ќе дојде реченицата – „и покрај сета илузија, се приближуваме до најтемниот час“ – понизно лизга до најпотресното дно. Контрастот со гитарата, која што пишти во обратен правец, секогаш (ме) наежува. Ритмички бавна во класична Bad Religion форма, Lose Your Head е и иронично-комична на начин препознатлив за бендот. Фронтменот најпрво нагласува оти не е суеверен, за веднаш потоа да праша: знаете некој добар истерувач на духови? Тој признава оти има мрачни тенденции, но отсекогаш имал и силна пристрасност кон постоењето. Истакнува дека сите можеби ќе имаме малку корист од скромност и повикува да не губиме глава, пред навистина да ја изгубиме главата.

Средното темпо продолжува и на End of History, каде што авторите ги референцираат и Френсис Фукујама и Џон Лок. Потврдуваат дека на историјата ѝ е дојден крајот, а во исто време, потенцираат оти тоа и не е целосно прецизно, поради што треба секој да се запраша што прави со својата слободна волја – дали е великодушен или монструозен? Динамиката се забрзува со насловната трака, која што носи самоанализа како и најголем дел од дискот, но и покажува затскриена надеж. Графин почнува со Томас Пејн и прогонот што го добил кога во 18 век ја критикувал религијата и библискиот авторитет за сметка на разумот. И фронтменот верува оти имаме потенцијал да живееме во совршена хармонија, но мора да ја споделуваме потребата за учење и за зголемување на интелектуалниот капацитет. Тој, сепак, не е наивен, знае оти насекаде тој принцип се предава, за што малкумина се свесни. Во рефренот, поентира со можеби најсилното предупредување на целиот материјал: „И да, кога насилството ќе почне, ќе врескаме дека пенкалото е посилно од пиштолот, додека будалите веруваат во еден глас, во оваа ера на неразумот без никакво покајание“.

Групата на Candidate забавува, како да сака детално да слушнеме како се спрдачат со (во најголема мера), Доналд Трамп, но и генерално, со повеќето политички кандидати денес, кои глорифицираат незнаење и страв и шират дезинформации за пост-вистина генерации. Во одвај цела минута, Faces of Grief се прикажува како вентил за бес, бидејќи за лицата на жалоста (гласачите?), гневот е пресуден. Генијално заразните хармонии ја тркалаат Old Regime, во која најпрво се распорува аристократијата („привилегирана од раѓање, се гади од работење, опседната е со независноста“), а потоа се нагласува оти и оваа новата е иста со стариот режим. Не знам зошто, во овој стих секогаш ги пронаоѓам бизнис-гигантите од Силиконската долина кои произведоа куп тазе печени милијардери „благородници“.

Со силна доза иронија на Big Black Dog се осврнуваат на „таткото, ќерката, ѓаволот и синот“, како и на „врховниот предавник“, а не командант. Потврда за неизбежниот крах доаѓа на Downfall, каде што сите сме гребени од песок што чекаат тектонските плочи пак да се судрат. По овој климатски потсетник, на Since Now бендот се враќа на знаењето и на мудроста и нивното сведување на онлајн-факти. Тие велат ова е симптом на нашето време, може да се нарече (модерна) способност за познавање, но не треба да прашуваме зошто, туку да се интересираме од кога е тоа така. Со забрзан ритам, но со хармонии и мелодии што поттикнуваат на преиспитување, What Tomorrow Brings го сублимира изданието и неговите клучни поенти. Технологијата, општеството и религијата, сите тие се ветувања за тоа што може да донесе иднината, меѓутоа, на нас останува да избереме на кој начин ќе ги користиме и практикуваме и како тоа ќе влијае на заедничкиот развој.

По 14 композиции и одвај 33 минути, може да делува дека сите овие комплексни теми и дилеми се премногу на број за соодветно да се обработат, а камо ли да се разберат, но на седумнаесеттиот албум шесторката од Калифорнија не ни мора да се докажува дека е способна за ваков подвиг. Тие прават оваа монументална комбинација да звучи толку лесно, елегантно и интуитивно. Колку што стиховите им се збиени со крупни политички, општествени и филозовски перипетии, толку музиката им е развиорена со генијално ударни мелодии и хармонии. Можеби затоа што најдолго во кариерата ја пишувале – шест години. А можеби и поради фактот дека сѐ што изминатава деценија се случува до толку ги погодило, што чувствувале потреба да се изразат и хумано и интелектуално на врвен начин, бидејќи овие две карактеристики се повторно под насилничка опсада, како и многупати претходно во историјата. На Age of Unreason, Bad Religion најчесто јасно, а неретко и повеќеслојно, укажува дека рационалноста и пред сѐ, постојаното здобивање со знаење се најсилните сојузници за напредокот на човечката цивилизација. Во спротивно, однапред ќе биде загубена борбата со актуелната назадна ера на неразумот.

Артист: Bad Religion
Албум: Age of Unreason [стрим]
Датум на објава: 3 мај 2019
Продуцент: Карлос Де Ла Гарза
Етикета: Epitaph

Листа на песни:
1. Chaos from Within – 1:50
2. My Sanity – 2:58
3. Do the Paranoid Style – 1:45
4. The Approach – 2:25
5. Lose Your Head – 2:50
6. End of History – 2:47
7. Age of Unreason – 2:40
8. Candidate – 2:45
9. Faces of Grief – 1:04
10. Old Regime – 2:42
11. Big Black Dog – 2:06
12. Downfall – 2:36
13. Since Now – 1:43
14. What Tomorrow Brings – 3:09

Слични написи

Остави коментар