Converge – All We Love We Leave Behind [Epitaph, 2012]

Кога го слушаш како продорно крика, Џејкоб Бенон остава впечаток како да има само една цел во животот – што поверодостојно да звучи како спој на Тасмански ѓавол со двојната верзија на тешкиот митралез M2HB Browning. Со гласот. Ако, пак, донесеш умна одлука, пробуричкаш малку повеќе и одвоиш време да го читаш, фронтменот на Converge се открива себеси како извонредно воспитана, кротка и романтична личност. Ова е највоочливата креативна контрадикторност кај бендот основан во Сејлем, а сега лоциран во Бостон, но таа не е единствената. Активен две и кусур децении, квартетот до денес се запечати на крајно кусиот список групи кои со генетска манипулација на жанровите создадоа врзивно ткиво меѓу панкот, хардкорот, металот, слаџот, рокот и фолк-проблесоците. Правциве можеби не се одбивно поларизирачки, ама се доволно оддалечени за да не може неподносливо лесно да се претопат еден во друг. Во текот на кариерата, со секој следен албум, четворката направи процесов токму така да изгледа. Истото важи и за новиот, All We Love We Leave Behind.

На овој план, оценките на изданијата можат да послужат како слика за градацијата. Освен кога се во прашање страстни фанови на бендовите (како во мојот случај) кои, неповикани од јавноста, решиле, сепак, да споделат што искусиле додека слушале. Тогаш, цртањето пчелички има тежина колку што тоалетната хартија има цврстина во вода. Кога во 2009 споделив зошто Axe to Fall ме делкаше како секира, на дискот сум му доделил чиста десетка. Бројкиве, кога паѓаат в раце на обожаватели на музика, а не на критичари на сувата материја, ја губат и улогата на лабав ориентир. Доказ за тоа е длабоката убеденост оти на цедето сум му дал нешто над деветка. Сега е предоцна за менување, ама и онака, Converge по Jane Doe објавуваат плочи во најгорниот дел од графата на рангирање. Станува збор за нијанси кои, во суштина, не се пресудни за да се изрине речно корито од разлики во личната перцепција на изданијата. Затоа, кога ќе кажам дека со All We Love We Leave Behind составот го надминал претходникот, не лажам, без разлика што бројките подолу и од пред две години ме побиваат.

Констатацијава е извлечена од квадратен корен на прост број – Converge до најситна пора си го зачувале уникатниот стил, а сепак, од своето битие пак извлекле збирка од песни што е восхитувачки освежувачка. Ако тие би одлучувале, фановите би избрале бендот за којшто најманијачки се притресуваат да штанца клонови на дебито или на пресвртниот албум. И најкрутите од најтврдокорните меѓу нив, пак, се свесни оти ова не само што е неизводливо, туку на долг рок, е и неисполнувачки. На Aimless Arrow, Бенон го отвора албумот со стихот: “За да го живееш животот што го посакуваш ги напушти тие на кои што им беше потребен. Прифатлива жртва или така ти веруваш”. Џејкоб, заедно со Курт Балоу, Нејт Њутон и Бен Колер останаа хардкор-заштитници на сопствената, екстремна, мутација на панкот, изневерија малкумина, но низ годините го штелуваа, го брусеа, изразот како што возраста им ја лупеше кожата и им ја тенчеше косата. Ништо од ова не ги натера да станат побавни. Делуваат дури и побрзи, како на Trespasses, на која двојниот бас стартува во лет што се вивнува до треш-облаци.

На Tender Abuse тоа преоѓа во блицкриг-грајнд, бесна панкоина и полжавски слаџ-финиш, а вокалистот вришти: “Што чувствувам, не можам да кажам. Сопствената крв ме удавува. Мојот подарок за тебе.” Со слична состојба на потопување, Sadness Comes Home го развлекува почетокот пред Балоу да развезе мејденовски и Колер да згази со сила на сите бикови – одеднаш – што бркаат луѓе по калдрмата на Памплона. Бенон на тоа се надоврзува со: “Не постои такво нешто како ‘доволно добро’ за арктички поглед и тешко заработена ‘рѓа”. Ноизот презема контрола врз Empty on the Inside пред басот со дисторзија да скрши, да ја претвори во марш и да ја врати назад на бучавата од која што инстантно се префрламе на минута и пол порција гнев во Sparrow’s Fall што се истура на подот со мелодичен одјавувачки риф. Како и насловот, Glacial Pace има глечерски ритам, слаџ-мракоините доминираат, металот смрзнува, а фронтменот ржи: “Ако да си жив значи само да преживуваш, би одбрал да потонам во разбеснетите мориња”. Средниот такт ја движи Vicious Muse, како што отвора и Veins and Vails пред да опсипе со ди-бит-рафали, булдожерска мрснотија и заразни лидчиња.

Титанската тежина се враќа на Coral Blue, која како гасеница се истегнува навнатре, каде ја води монструозен риф што Балоу го смирува во придушено квазисоло, додека неговиот соборец во микрофонот беседи: “Кога си во длабокото, слабоста лесно се чита”. Ротирачката тапан-педала на ситни парчиња меле на Shame in the Way, по што инструменталката Precipice дава можност за заслужена оддишка. Насловната трака не може поепски, со гитарското метал-везење, да го врати беснилото, кое кулминира во ѕид-на-смртта еуфорија. Целосно спротивно, Predatory Glow нагло кочи и набрзина гради храм на хедбенгингот, каде што составот држи проповед на темата “Како да ставиш 20-тонски капак на плоча користејќи само четири инструменти”. Од звучен товар каков што натиснува од оваа нумера, ама и од комплетниот албум, распукува кичма, умот се кине од болка. И покрај двете и кусур децении разорување безмалку со ист интензитет, Converge и на All We Love We Leave Behind не покажуваат знаци оти тоа ги нагризува. Дискот вришти, распарчува, со сè што членовите искрено сакаат да го прават, а откако ќе отсвири, зад себе остава слики, размислувања и емоции. Во пепел.

Оцена: 96/100

Артист: Converge
Албум: All We Love We Leave Behind
Датум на објава: 9 октомври 2012
Продуцент: Курт Балоу
Издавач: Epitaph

Листа на песни:
1. Aimless Arrow – 2:23
2. Trespasses – 2:43
3. Tender Abuse – 1:25
4. Sadness Comes Home – 3:12
5. Empty on the Inside – 2:29
6. Sparrow’s Fall – 1:27
7. Glacial Pace – 4:25
8. Vicious Muse – 1:52
9. Veins and Vails – 2:32
10. Coral Blue – 4:48
11. Shame in the Way – 1:57
12. Precipice – 1:47
13. All We Love We Leave Behind – 4:07
14. Predatory Glow – 3:25

1 коментар

Слични написи

1 коментар

NaumN 17/10/2012 - 13:53

У пепел остава се, тачно. Страшен албум! Jane Doe е Jane Doe и за тоа нема муабет, али кога би ги редел изданијата на Converge, сите ќе бидат блиску, а новиов ќе биде на заслужено второ место. И пак само нијанси ќе го делат од JD. All hail Converge!

Reply

Остави коментар