Justified: Пронајди цел, не бирај средства

Паралелно со државно-спонзорираната “партизани и Германци”, #умоевреме игравме и “каубојци и Индијанци”. Од денешна перспектива, нелогично ми е што УДБА воопшто ни дозволувала да се забавуваме славејќи го империјалистичкото истребување на цел домороден народ. Нам, пак, во средината на 80-тите ни беше јакичко кога си делкавме лакови и стрели и ги мољакавме мама и тато да ни купат пластични пиштолчиња од тезгите за време на славниот ѓурѓовденски киселоводски панаѓур кај црквичето. Тоа што златната ера на холивудскиот вестерн во САД одамна беше помината не значеше дека во Југославија нема да доживее ренесанса. Изгледа затоа, вооружените терачи на говеда и нивните староседелски противници станаа тема на моите детски бркотници и симбол за откривањето на светот на филмот и ѕвездите што во него живеат.

Оттогаш до денес, дружбата со вестернот се изретчи како и делата од жанрот. И тие што се појавија и ги изгледав, бараа “нешто ново” во неидеалната, ама компактна постоечка равенка и само успеваа да ја пронајдат дупката од нужникот. Освен The Proposition, од кој што добив праисконски ќотек за животинскиот оган што тлее и чека да се разбуди во човекот. Или Serenity, чија што вселенско-комична оригиналност ме однесе на возбудливо патување. А тука, секако, е и No Country For Old Men, поради кој што чешајќи си ја раскрварив главата додека нуркав во длабочините на личната и колективната психа. Три наслови во иста деценија и не се разочарувачки за наводно мртов жанр, ама клучот е дека тие се негова современа интерпретација, а не вестерни со сите класични салтанати. Таква е и Justified, една од бесправно најигнорираните актуелни серии.

Замисла и дејствие: Шоуто на американската кабелска мрежа FX е осмислено од Греам Јост. Тој ја базирал телевизиската крими-драма на делата на Елмор Леонард, чија што рана фаза од кариерата е симбол за квалитетен литературен вестерн. Без разлика што дејствието во серијата е сместено во денешно време, кога каубоите не скитаат надвор и во цивилизацијата истовремено извршувајќи ја улогата на судија, порота и извршител, Justified ги содржи сите параметри на дело од жанрот што го оживуваше Дивиот Запад. Технички, заплетот е сместен во Кентаки, попрецизно во градот Лексингтон и во ридскиот округ Харлан. Суштински, оваа област е симбол за било кој дел од Америка каде што сфаќањето на општествениот живот драстично не се променил од ерата кога терачите на добиток биле страв и трепет. Насловот е директно поврзан со правниот термин во САД “оправдано убиство”, но преносно се поврзува и со речиси сè со што ликовите се соочуваат на колективен и персонален план. Тие се наоѓаат во центарот на никаде, стотици милји подалеку од, каквиот-таквиот, ред и поредок на модерното американско општество. Тоа ги фрла во состојба во која што човек на човек му е волк, без разлика дали опстојуваат како заштиници на законот, на неговиот раб или целосно надвор од легалните рамки.

Главни фаци: Во средиштето на оваа густа матеница е Рејлан Гивенс, федерален маршал постојано на штрек како шериф од времето на Вајат Ерп. Го запознаваме во карактеристично каубојска ситуација – дуел со мафијаш од Мајами – што не се одвива на прашеста улица, туку на маса во фенси кафуле. Можниот епилог од оваа средба е само еден – кој побрзо ќе го повлече чкрапалото. Уште во првата епизода е јасно дека ликот портретиран од Тимоти Олифант е доктор на науки во оваа област. Тоа, пак, е причина за спиралата од случувања во која што ќе биде фрлен, а чие што следење од надворешната страна на екранот е интригантно и забавно искуство. Приморан да се врати во местото од каде што потекнува, Рејлан неволно ќе мора да погледне во очи на минатата верзија од себеси, што верувал дека е одамна мртва.

Тоа повторно ќе го стави во ринг со Бојд Краудер (Волтон Гогинс), маалски врсник и бивш другар кој што избрал да вирее вон социјалните норми. Тој служи како антитежа на централниот лик иако во голем број ситуации точките што ги раздвојуваат ѓаволски се приближуваат. По непланираниот камбек во Харлан, Гивенс добива нов шеф, Арт Мален (Ник Сирси), кој што се обидува да тренира строгост, а всушност, одлично ја разбира фрекфенцијата на која што функционира членот на неговиот тим што самиот не го побарал. Од спротивната страна на спектарот на Рејлан се наоѓаат колегите Тим Гатерсон (Џејкоб Питс) и Рејчел Брукс (Ерика Тазел), професионалци извајани според букварот на сојузните агенти. Романтичниот јазол во сторијата, пак, го врзуваат Ава Краудер (Џоел Картер), мисицата-блондинкa со нереализирани соништа и Винона Хокинс (Натали Зеа), бившата сопруга на џандарот-број-еден во серијата. Олифант е најприпиен до карактерните црти на својот лик, но и сите останати актери се носат со победите и поразите на тие што ги играат како да се – нивни.

Морална вртелешка: Не мора да трчате цел маратон подалеку од насловот за да заклучите дека Justified цврсто гази на ровка морална и етичка територија. Вилаетот во Кентаки, а по правилата на игра не е предалеку од заборавено ќоше во Отоманското Царство, е плодна почва на која што корен фаќаат криминалци-антихерои, полицајци-престапници, корпоративци-сплеткатори и обични луѓе со вистински вредности кои што се родиле на погрешно место. Рејлан е перпетуум мобилето што преносно, но и прецизно, директно и недвосмислено, ја движи фабулата во насоки што го заглавуваат во проблеми за кои што не важи кристално исцртаната поделба меѓу доброто и злото.

Како и Харлан, гратчето-раскрсница во област во која што ништо грандиозно не се вкрстува, така и Гивенс лута во недефиниран персонален простор барајќи нешто. А конкретно што е тоа, сите од лично искуство сме свесни, најчесто е непознато. Таа потрага, што е нераздвојна од тешки одлуки, болни настани и чиста среќа, го менува главниот лик, серијата, а можеби дури и публиката. Од првата до третата сезона, што заврши во април годинава, оваа морална вртелешка не запре, туку добиваше сила од енергијата испуштена од метанот од разнобојните гомнарии кои што авторите му ги истураа в лице на Рејлан. Некогаш тоа е непријатно, ама проклето забавно.

Сценарио и продукција: За тоа, апсолутно најзаслужен е драмскиот-ТВ-текст кој што веројатно не би ја имал сегашнава течна, разбирлива и интелигентна форма доколку не се прочистеше низ ситниот филтер на креаторот, водач и главен сценарист, Греам Јост. Како и секој врвен шоуранер, така и тој работи само со книжевно начитани и филмски писмени зборовни жонглери. Настрана опипливото оживување на лепезата од акценти што се слуша во толку мало место, тие со потези, изјави, дијалози, конфликти и сè што и самите среќаваме на редовна основа, ги брусат ликовите несекојдневно автентично и ги приближуваат до нивната можна, реална, верзија. Со оглед на тоа што Justified се обидува да го прикаже животот во изолирано место, релативно непознато за јавноста, постои опасност сè да биде сфатено и да изгледа како фантазија.

Благодарение на потписниците на текстот, вистинитоста, суровоста, што често се ближи до бруталност, се во ср’жта на впечатокот што го оставаат епизодите без разлика што постои подеднакво голема шанса сè да е само шминка. Тоа е и помалку важно оти со самото тоа што буди реакции за емотивни, филозофски и социјални прашања, шоуто си го оправдало сопственото постоење. Попат, целата оваа мешавина со бучен крими и трилер-тон никогаш не заборава да биде исклучително забавна во свој, препознатлив, црно-хуморски стил. Таква иронија и сарказам нема кај продукцијата, која што стрела во јадрото на модерната вестерн-култура. Сè во серијата, од локации, преку костими, фризури и пијалоци, до оружје и начин на плукање, гаѓа во срцето на Реднеквил. На тој начин, покрај ликовите, со верно следење во неговата кал зацапуваат и гледачите.

Севкупно: Црпејќи од полнокрвниот модерен вестерн-универзум на Елмор Леонард, тимот на Греам Јост со прикажувањето на пилот-епизодата во март 2010 година си постави прилично висок критериум за серијата, а сепак, три сезони последователно, постепено го надминува. Не постои ТВ-шоу без падови, но кај ова не само што тие не ја нарушуваат приказната туку успеваат и во извесен агол да ја подобрат вклопувајќи се во темата што се провлекува од почетокот – ама баш сите сме несовршени. И не сме баеги поарни од клучните играчи во Justified. Ако се најдеме на сличен терен, по своја или туѓа волја, и нам пресудно ќе ни биде да пронајдеме цел. Средствата, оправдано или не, воопшто нема да ги бираме.

Оцена: 91/100

Серија: Justified
Продукција: FX
Премиера во САД: 16 март 2010
Концепт: Греам Јост
Базирано на делата на: Елмор Леонард
Улоги: Тимоти Олифант, Ник Сирси, Џоел Картер, Натали Зеа, Волтон Гогинс
Извршен продуцент: Елмор Леонард

Слични написи

Остави коментар