Katatonia – Night Is the New Day [Peaceville, 2009]


И покрај сета дисторзија и очигледни метал-корени, Katatonia се крајно интимен бенд. Повлечен, дури и срамежлив. Ненаметлив. Не плаче за внимание, не вришти: “Слушај ме, инаку очите ќе ти ги ископам”. Зашто, нели, тоа го прават групите што имаат и зрно “метал” во себе. Всушност, ако не и обрнете внимание, музиката на шведскиот квинтет може лесно да ве одмине. Не оти е космички здодевна или веќе чуена, туку бидејќи е битие што не комуницира со рамнодушните, мрзеливите, злобните. Како и секоја длабоко посебна музика, за која веројатно може да се тврди оти самата си го наоѓа патот до вистинските слушатели, до тие што искрено ќе се поврзат со неа, така патува и таа снимена на Night Is the New Day.

Осмиот студиски албум на составот основан во Стокхолм во 1991 година е уште еден симбол за брилијантната вештина на Katatonia за калемење интимност со амалгамот од тешки рифови, мачни ритми и продорен глас. Патеката трасирана со трите претходни речиси безгрешни изданија, Last Fair Deal Gone од 2001, Viva Emptiness од 2003 и The Great Cold Distance од 2006 година, на “Ноќта е новиот ден” добива позаокружена, полична, но и изненадувачки поразновидна и подинамична форма. Опсесијата со потемните бои од спектарот, најчесто црната, ама тука е и тегетот, јасно е присутна и на ова цеде. Од таа причина Katatonia не се оброк што би го сварил секој што – по секоја цена – инсистира на позитивна атмосфера во музиката што ја слуша. И овде има оптимизам, но “блузот” доминира.

Нема шанси The Great Cold Distance да го загуби статусот на ремек-дело, но албумот фаќа една линија уште од првата песна и со мали варијации не ја испушта до последната. Токму на вака поставен терен се гледа кој е мајстор, а кој чирак без иднина. Претпоследното цеде на составот има непроменета динамика од старт до финиш, ама песните се така џедајски вклопени што и Јода би позавидел. Night Is the New Day, од друга страна, е сосема поинаква приказна. Албумот почнува со епските Forsaker и The Longest Year, две композиции што, помалку или повеќе, без проблем би се вклопиле и на претходникот, но кога ќе влетаат акустичните гитари на Idle Blood, се прашувате: “Што, по ѓаволите, бара песнава тука?”. Прост е одговорот – Katatonia со неа укажува оти сега нештата се поинакви. Не се работи за радикална промена, туку за нијансирано прешалтување.

Едноставно, албумот е поразигран, фаќа неочекувани кривини во поглед на ритам или самиот распоред на песни, но емотивно, составот воопшто не се откажува од препознатливиот “коб и тага”-пристап. Ако TGCD беше целосно фокусиран на ползечко и масивно рокање, Night Is the New Day на моменти потполно ја исклучува дисторзијата, а на други ги комбинира двата пристапа. Звучно, најочигледна разлика е електрониката. Таа овде не е заднина како досега, туку е рамноправен член на инструменталната постава. Долгите тонови на клавијатурите често ја исполнуваат сенката зад гитарите или ја преземаат водечката улога кога целиот бенд решава да се тргне од центарот на вниманието. Има и оркестарски сегменти, има и уште многу дополнителни звучни елементи, но најбитно е што и покрај тоа, членовите непотребно не ги обремениле нумерите.

Мајсторлакот на најдобрите музички автори (како Џеј Џеј или Цврчак, на пример) се крие во способноста да ги распоредат делчињата на песните во местата што вистински им припаѓаат. Кои се тие, нема правила. Дали се успешно поставени или не може само да се почувствува, дури откако албумот и нумерите се во рацете на слушателите. Секако, не можат ни да сонуваат да ги достигнат алфа-славеите на македонската поп-песна, ама Katatonia се вонсериски автори или композитори, како што милуваат да се нарекуваат споменатите гуруа на нашиот омилен локалпоп. Шегата и нелогичните досетки настрана, шведскиот квинтет се надминал себеси на креативен план. Се гледа дека во целиот материјал вложиле огромно време, енергија и посветеност, а сепак, ништо не звучи исфорсирано или претерано испланирано.

Без разлика дали е груверскиот монолит Liberation, потенцијалните хит-синглови (ама само во Скандинавија), New Night, Day & Then the Shade и Ashen или алтернативните балад-блуз-рок-беседи The Promise of Deceit, Nephilim и Inheritance, Katatonia прикажува авторска генијалност што не се среќава на секое ќоше во кој било музички жанр. Едноставни се, знаат што сакаат да кажат и веројатно клучно, не потфрлаат во реализацијата. Не по стилот, туку по начинот на кој ја градат атмосферата, петорката на Night Is the New Day асоцира на Massive Attack на металот, особено од извонредно мрачната Mezzanine-фаза. Песните лебдат, го исполнуваат секој простор во кој што ќе се најдат, сраснуваат како мало кутре што го гледате како пред очи расте од мала крзнена топка во припитомен ѕвер.

Katatonia отсекогаш биле метал-чудовишта со кршливо срце. Night Is the New Day одново ги покажува во ова светло, но во исто време, најнежно и најсурово досега. Вагата нешто повеќе натежнува кон првото, дури и кога групата решава гласно да рока или, пак, да испалува рефрени што будат слики на раширени раце во бескрајни отворени простори. И покрај оваа епска, потиснато грандиозна, страна, осмиот албум на групата е искрена, интимна и емотивна исповед. Исполнета е со сложен збир од заплеткани чувства, поради што Night Is the New Day е упадливо хумано издание, а Katatonia група што не се плаши сопствената човечност да ја сподели со светот. Доблест што, некако, сите полека ја потиснуваме и забораваме.

Оцена: 10/10

Артист: Katatonia
Албум: Night Is the New Day
Датум на објава: 2 ноември 2009
Продуцент: Katatonia и Дејвид Кастиљо
Издавач: Peaceville

Track listing:
1. Forsaker – 4:05
2. The Longest Year – 4:39
3. Idle Blood – 4:23
4. Onward Into Battle – 3:51
5. Liberation – 4:18
6. The Promise of Deceit – 4:17
7. Nephilim – 4:27
8. New Night – 4:27
9. Inheritance – 4:30
10. Day & Then the Shade – 4:27
11. Ashen – 4:08 [Swedish Edition Bonus Track]
12. Departer – 5:28

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 02.11.2009]

Слични написи

Остави коментар