June со свирка во Soulmatik ќе го претстави новиот албум Indian Summer

Македонската музичка сцена, онаа невидливата – несубвенционирана – сама по себе е надвор од секоја нормалност што изминативе години масовно се сервира (и глатко конзумира). Во нејзини рамки, June отсекогаш биле аномалија. Комплимент? Недвосмислено. Нивната скромност во јавноста и ненаметливост во изразот единствено се рамни со посветеноста со која што се придржуваат до својот филм и со решеноста со која – во овие крајно извртени услови – пишуваат нови песни. Краен резултат од тоа, секако, се албумите, а најсвежиот, Indian Summer, групата ќе го промовира в понеделник, 22 декември, во новиот бар Soulmatik во Дебар Маало (непосредно до ресторан „Дада“). Влезот е слободен.

Второто издание четворката го сними во скопското студио marryPhat со Ивица Јанкуловски, кој беше одговорен и за миксањето и за мастерирањето. Продуценти на збирката од десет траки се Филип Арсов и Кристијан Евго, кој е и гостин со акустична и електрична гитара, придружни вокали и укулеле. На композициите се појавуваат и Јане Трајковски (труба), Огнен Анастасовски (пијано, роудс, хамонд), Александар Ниниќ (туба), Ненад Тонкин (пијано, хармоника) и Горан Муратовски (виолина). Дизајнот е на Кристијан Ристески – Кинџо, додека материјалот ќе се појави под етикетата на Password Production.

Основан во октомври 2010 година June e составен од Бојана Низамовска, Филип Арсов, Данчо Поповски и Анте Гулин. Во 2012 го објавија дебито Someday Soon кое што е бесплатно за преземење. Освен со него, доколку не сте имале прилика, со бендот може да се запознаете и со тазе-синглот, The Wall, за којшто квартетот направи и текстуален видеоспот.

Слични написи

Остави коментар