Рамбо Амадеус пристигнува со перформансот „Вечер на гломазна поезија“

Програмата на годинашниот „Таксират 2.0“ го вклучува и театарско-сценскиот перформанс „Вечер на гломазна поезија“ со којшто Рамбо Амадеус ќе гостува во киното „Фросина“ на 3 декември. Перформансот ги претставува специфичните текстови на 55-годишниот Антоније Пушиќ во сосема поинакво светло, без придружба од комплетен бенд, туку само со подлога од клавирот на Иван Алексијевиќ – Панчевац.

Во основа, оваа форма е најблиска до стенд-ап комедијата, но во типично свој стил, Рамбо Амадеус на поинаков начин ги интерпретира овие настапи. Зборувајќи за босанскиот весник Oslobođenje, тој изјави:
– Со години се мачам на концертите бидејќи не сум во состојба напамет да ги научам моите најдолги текстови, оние најгломазните. Како намерно да ги пишувал некој душман, за јас сега да се малтретирам да ги научам и отпеам. Плус, на свирките е проблем да се надгласуваш со тапаните и со инструментите. Музичарите ќе се напалат, сите ќе почнат да свират колку што знаат и умеат, ќе паднат во транс и затоа многу брзо почнав да избегнувам да ги изведуват тие најгломазни парчиња. Забележав дека публиката и онака не слуша половина од тоа што го зборувам. Еднаш дефинитивно се откажав, кога почнав да изговарам крајно бесмислени измислени зборови што не значат ништо, како некаков марсовски јазик, врз добра музика. Видов дека публиката подеднакво шизи како и кога ги изговарам најсилните стихови. Тогаш ставив прст на чело и сфатив дека на мојата музика воглавно ѝ сметаат тие гломазни текстови, на гломазните текстови им смета таа гломазна музика, а јас на сила ги трупам заедно, затоа што сакам да свирам и да рецитирам. „Вечер на гломазна поезија“ настана токму од таа потреба да можам моите најгломазни текстови на мојата публика да ѝ ги претставам на мира – вели Рамбо Амадеус.

Слични написи

Остави коментар