Fighting Windmills – Yugoslavia In Space [ROOR, 2016]

Животот во Македонија – конечно – почна. Додуша, и покрај сите режими што го таманеле низ вековите, тој изгледа отсекогаш успевал да си вирее. Веројатно бидејќи тука, на овие простори со сончева медитеранска клима и со тмурен интелектуален пубертет, животот е пиреј. Петре М. Андреевски за неа убаво забележал: тоа е троскотна трева, колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Така и нашето катадневие – никогаш не се чисти од плевелот, а секогаш фантазира дека баш сега, со овој зачеток, ќе се претвори во мазниот зелен тепих на Камп Ноу. За да се пронајде коренот на оваа контрадикторност ќе бидат потребни опсежни анализи и истражувања, но две работи се сигурни: таа во исто време, фрустрира и фасцинира. Поради тоа, мака мачам да сфатам каква музика подобро го отсликува македонскиот живот.

Дали, поради неспособноста за ослободување од паланечкиот менталитет, поубаво, како стотче на запотено чело, ќе се залепи фолкот и неговата безобразна турбоманипулација. Или, пак, и покрај оваа парализирачка заостанатост, тоа што животот и натаму си врви, истиот заслужува да се илустрира со панк, рок, хардкор, метал, а можеби и со џез. Без воопшто да бидат свесни, Fighting Windmills со Yugoslavia In Space ми дадоа одговор на оваа моја дилема. Продолжувајќи таму каде што застана со претходникот, „Рапсодии во празно“, скопскиот бенд не само со еден, туку со претопување на сите набројани звучни жанрови прави саундтрак на битисувањето во овие 25.000 квадратни километри. Притоа, во оваа колекција од пет песни нема место за фасцинација со „исконски нашето“. Без сомнеж се слуша фрустрација, а уште повеќе и иронија, сарказам, потсмев и лутина.

Изданието го отвораат гитарски тонови што асоцираат на сталоженост и размислување, а на нив, како сијаличка на цртан филм, набргу им светнува кус, но изразен саксофон. По ова лежерно интро, се заокружува целата рок-формација и додека да го прочитате, со кларинетот заеднички ќе се смеете на насловот на песната, „Циркузот го измисли градот“. Нејзиниот излезен риф со чекан ме тера да се запрашам што е јајцето, а што кокошката на темата „Скопје и неговата комична барокно-панаѓурска трансформација“. Ироничноста безмалку фанкерски воведува во „Инвестициски бум на пазарот на души“, а кога ќе се чуе говорот од The Network групата не само што го поврзува актуелниот материјал со тој од 2013, туку одново ја воспоставува врската и со нашата државно-партиско-претприемачко контролирана реалност. Додека инструментите се извиваат во весел танц, драчевчаните, како што самите се нарекуваат, нѐ потсетуваат дека светот е бизнис и оти бил таков уште од времето кога човекот исползил од тињата.

Како и на збирката од пред три години, така и на оваа кларинетот најчесто добива шанса да се истакне. Кога тоа се случува, како на двојната, деветминутна, „Музеј на легенди и лаги | Декомпресија и лудило“, мелодиите, скоковите и игривоста инструментот лесно го издигнуваат на врвот од пирамидата наредена од сите останати. Конкретно на оваа трака, и саксофонот се наметнува со топлина и емотивност, а гитарите пак маршираат ревносно, со мочуришен слаџ-менталитет. Сите композиции изобилуваат со контрадикторност, но на оваа се чини дека нежноста на „џез-одделот“ најпластично се соочува со жестокоста на „рок-секцијата“. Таа, пак, врши умствена и телесна инвазија со агресивноста на „Моето срце пумпа само пепел и срам“ иако не се срами да покаже и кршливост и сензуалност. Тенорот во тие мигови, најпросто кажано, сјае, а откако тапаните ќе преземат контрола со племенски мотиви, г-дин Бил повторно ги повикува прималните сили на природата.

Петата и финална песна, не само со насловот, туку и со севкупното атмосферично пост-лебдење потсетува оти живеењето во Македонија е навистина – заморно. Бендот, сепак, не чмае долго во талогот на ова чувство. Набргу го извлекува оттаму со коњица од дисторзија, а со неа потоа галопира бесрамно металски кон епските краишта на правдољубивоста и на светото витештво. Гледајќи „Игра на тронови“ сите на свои плеќи сме го почувствувале товарот на оклопот и мечевите и знаеме дека борбата за чесност се води со пеколен ритам што не може да се одржи вечно. Fighting Windmills, од друга страна, втор албум по ред не само што не покажуваат креативен умор туку и си подигруваат со вселената. Притоа, во ниту еден миг не цмиздрат носталгично за Југославија.

Артист: Fighting Windmills
Албум: Yugoslavia In Space [превземи]
Датум на објава: 28 април 2016
Тон-мајстор: Ален Хаџи-Стефанов
Етикета: Rokche Ova-Ona Records

Листа на песни:
1. Циркузот го Измисли Градот – 06:03
2. Инвестициски Бум на Пазарот на Души – 06:23
3. Музеј на Легенди и Лаги | Декомпресија и Лудило – 09:40
4. Моето Срце Пумпа Само Пепел и Срам – 06:42
5. Умор – 06:49

Слични написи

Остави коментар