rib – Rib [Green Hill, 2019]

Кога кај бенд ќе забележам контрадикција, во еднина или во множина, тоа ми е момент на откровение, причина за возбуда и повод за повторно преслушување. Спротивноста може и воопшто да не постои, да биде исклучиво моја перцепција, но тоа што се доживува како примател е сосема одвоено од она што авторите го испорачуваат. Противречностите ми се атрактивни, пред сѐ, затоа што не би требало да функционираат. Или бидејќи не би смеело да ти се допаѓаат, односно јавно да истакнуваш дека во нив пронаоѓаш вредност. Изгледа е така затоа што неброени се случаите кога обидите за спој на плус со минус пропаднале спектакуларно, а ретки се ситуациите кога успеале импресивно. Признавам, има премногу драма во овој цел предговор, но принципот на негирање е тој што најпрво и најсилно ме заинтригира кај новиот албум на rib. Тие не направиле радикален чекор како фрлање на гитарите и замена со синтисајзерите, туку звукот го испеглале, а грувот го набилдале.

Со други зборови, на површината, колекцијата нема агресивен саунд, не окупира простор како панцер-дивизија, ама во исто време, во секоја песна гради атмосфера, се движи без да изгуби здив и ги размдрува слушателите не давајќи им баш шанса да здивнат. Споредено со претходникот Bliss и дебито Something Completely Different, сировоста изостанува. Таа е уште понагласена во компарација со SIZ, составoт што до 2015 година беше предводен од Ивица Димитријевиќ, потоа со ХАХАХА, групата во која што свиреше Џано Куч и со „Дени те чува“ на Јане Трајковски. Терен делат со Bernays Propaganda, другиот бенд со кој што rib е поврзан преку тапанарот. Тие сличности не се најдиректни. Повеќе се однесуваат на црпењето од пост и од денс-панкот. Македонската тројка поинтензивно е фокусирана на изворната верзија на овие стилови иако се забележуваат и претставници на современата форма, практикувана од артисти како chk-chk-chk.

Тука е лоцирана и уште една контрадикторност на Rib. Жанровски, не само поради тоа што воглавно не користат вокал, туку и бидејќи имаат долги песни без крута структура, а со јак сенс за таложење тензија, плочата би можела да се нарече пост-рок. Разликата е што ако овој правец најчесто е заинтересиран скалесто да конструира расположение додека тоа не експлодира, триото е преокупирано со ритамот, игривоста, со подиумот. Построкерите не се буквални депресивци, меѓутоа, нивните звучни експозиции се опсежни, развлечени и со една нога секогаш во меланхолијата. На овие десет песни бендот користи репетиција, но не јодла до недоглед. Збирката на Antelope стартува срамежливо со осамен гитарски тон, ама набргу се надоврзуват перкусиите, басот и додека да дојде до средина, траката минува низ неколку етапи и прераснува во општа офанзива. Таква директност има на целата колекција, но особено отскокнува на пократките парчиња.

Рифовите се истурени во преден план на Searching for Columbo, Ta ta-ta и BlunHit, а во два наврати, на Chanson No.3 и No.1, групата шеговито алудира на шансонирање, но во суштина, обезбедува куси интермеца. Подолгите композции, како Can Train, Desillusion и Serpentine се издигнуваат и понираат, се извиваат и прекршуваат и притоа, не ја губат од вид носечката мотивација – раздвиженоста. Тоа чувство е најевидентно на Rotator, каде што ги слушнав и Fluke, електронскиот состав од 90-тите. Првенствено поради гласот на Дејвид Бест од Fujiya & Miyagi, меѓутоа и во ритмиката, која што не престанува да врти и да поттикнува сѐ наоколу да клима со главата, да цупка или едноставно да скокне на нозе и да се придружи на танцот. До таква физичко-ментална состојба rib доведуваат на голем број точки од 52-минутниот албум, а тоа го постигнуваат затоа што подеднаква важност дале и на креирањето специфичен емотивен амбиент и на вештата егзекуција. Во ова, без дилема, нема ништо контрадикторно.

Артист: rib
Албум: Rib [стрим]
Датум на објава: 28 јануари 2019
Продуцент: Бен ‘Фаз’ Фарествед
Етикета: МКЦ / Кран / Green Hill

Листа на песни:
1. Antelope – 6:19
2. Searching for Columbo – 4:08
3. Rotator – 6:17
4. Can Train – 6:29
5. Chanson No.3 – 3:33
6. Serpentine – 7:16
7. Desillusion – 4:45
8. Ta ta-ta – 4:27
9. Chanson No.1 – 3:10
10. BlunHit – 5:23

Слични написи

Остави коментар