Deftones – Gore [Reprise, 2016]

Конфликтот отсекогаш бил една од најбитните, ако не и најсуштинска, карактеристика на Deftones. Агресивноста никогаш не ја избегнувале. На почетоците дури и најпримитивно во неа уживаа, но не на начин што потсетува на тепачка во школски двор. Нивниот гнев во 1995 година беше суров како шмиргла, а во 2019 е стегнат во тупаница поради стресот на секојдневието, ама и тогаш и сега, тој не е силеџиски. Катарзичен, веројатно и емпатичен, меѓутоа, не и опседнат со намерата да ја потчини публиката со брутална моќ. Наместо со таков, провиден и затапен пристап, бендот креира израз во кој што пресметката меѓу контрастите, како и нијансите, е таа што формира облак од мистерија и повеќезначност. Во нив, тие што се на другата страна од звучниците или уште подобро, на слушалките, доброволно се предаваат и своеволно трошат часови, денови и месеци во истражување.

Такво чувство на откривање, на буричкање по урнатините настанати по судир сличен на тој меѓу планетарни тела, најисполнително од White Pony наваму, групата нуди на Gore. Ако на претходникот, Koi No Yokan, петорката понагласено чекореше по рапавите површини на асфалтот и на бетонот, на следбеникот широките пространства напуштени по крајот на цивилизацијата се тие што најприродно ги отсликуваат. Несомнено, албум на Deftones не може (и не треба) да се ослободи од духот на урбаноста – скејтерските тркалца перфектно легнуваат и на овие 11 песни – но аранжманите и продукцијата тука најпрво асоцираат на беспаќе во пустина отколку на лутање по сокаци. И покрај доминантниот впечаток, сепак, токму колизијата на овие два замислени света, која што неколкупати се случува во секоја трака, е најголемото достигнување на колекцијата.

Наместо ригидни поделби на круто и нежно, плус и минус, машко и женско, метал и поп, Deftones ги заматува границите до степен што можеби и фрустрира, но ако си дозволите да се препуштите, екстремно исполнува со радост и со одушевување. На старт, всушност, како што со групата од Сакраменто е случај од 2000 наваму, на таа недефинираност може да се гледа како на мана. Или на филтер, што ќе го прочисти опкружувањето од сите што сакаат јасен, цврст и покорен, жанровски израз. Воведот на Prayers/Triangles, на пример, со растечката фонија билда очекување за експлозивен риф, а следува ритмичка кривина, со меки, електро-удари и цимолив вокал. Ѕидот од дисторзија, секако, не изостанува, тој се крева на рефренот, но целото течение оди контра навиките кај агресивниот звук, што помага уште од самиот почеток разјаснува за какво издание станува збор.

Влечкајќи се како полжав со тешка куќа на грбот, Acid Hologram го растегнува просторот како во холодекот на Star Trek, по што на третата трака, Doomed User, Стивен Карпентер го здробува тегавењето претворајќи ја гитарата во предизвикувач на проклетството. На Geometric Headdress Чино вешто жонглира меѓу улоги на скрим-маестро и поп-мајстор за кого епските рефрени не се задоволство што се мрази, туку потреба што искрено се вади од себе. Осумте жици можеби се премногу габаритни и повеќе одговараат на колежот на Meshuggah, но 46-годишниот Стеф на Hearts/Wires од нив извлекува првокласна поезија. Композицијата е мини ремек-дело затоа што гледиштата на Морено и на неговиот другар-гитарист, тука најелегантно се претопуваат наместо како вообичаено, да се пресметуваат. Pittura Infamante, со динамичниот риф, за момент пак го раздвижува темпото, но Xenon, со тешкиот, мрзелив, грув веднаш го спушта, а вокалот е ткиво што сите елементи ги врзува и им помага максимално да се прошират.

Мелодичноста го достигнува врвот на (L)MIRL, меѓутоа, лутината и тука се прикрадува на крајот. На насловното парче, гневот и воопшто не се крие. Со тонови што будат параноја го најавува своето присуство, а во целосен ек се појавува на рефренот, што како бура низ времето посегнува кон првите две плочи на составот. На Phantom Bride, Ејб Канингем со за нему типична ритмичка леснотија гради мека подлога на која беспрекорно легнуваат и риферијата на Карпентер и лебдечкото соло-гостување на Џери Кантрел од Alice in Chains. Откако оваа трака финишира налик рушење на кули во Кингс Лендинг, Rubicon ја презема палката со ноиз-вовед, се префрла на глас што се разлева насекаде и ја затвора збирката со крупно хедбенгинг финале. Отпечатокот што потоа Gore го остава, поради битката на куп различности, бездруго може да разбуди смрзнувачки слики на колеж и на крвопролевање, но со рацете и со умовите на Deftones, и масакрот знае да понуди топлина и прибежиште.

Артист: Deftones
Албум: Gore
Датум на објава: 8 април 2016
Продуцент: Мет Хајд и Deftones
Етикета: Reprise

Листа на песни:
1. Prayers/Triangles – 3:38
2. Acid Hologram – 4:06
3. Doomed User – 4:27
4. Geometric Headdress – 3:29
5. Hearts/Wires – 5:21
6. Pittura Infamante – 4:04
7. Xenon – 3:17
8. (L)MIRL – 5:02
9. Gore – 4:59
10. Phantom Bride (feat. Jerry Cantrell) – 4:53
11. Rubicon – 4:58

Слични написи

Остави коментар