Sharon Van Etten – Remind Me Tomorrow [Jagjaguwar, 2019]

Кај изведувачите што влегуваат во категоријата инди-рок наоѓам далеку повеќе работи што ми се допаѓаат, отколку такви што не можам да ги смислам. Или барем да не ми се нагласено одбивни. Најпривлечно ми е тоа што најчесто немаат проблем емотивно да се соголат до коска во стиховите, да те растресат, а да не бидат патетични. Приближно иста почит им давам затоа што поголем дел од нив музички не се ограничуваат, односно на својот израз гледаат како процес на константна еволуција. Низа други карактеристики можат да се набројат за припадниците на оваа навистина широка сцена, но овие две ги сметам за најзначајни. Меѓу особините, пак, што ме тераат брзо да бришам фолдери се истакнува една – лутањето. Иако и тоа знае да биде повод за убави песни и албуми, ама кога не води никаде, туку само лебди затоа што на артистот така му се може, тогаш не се наоѓаме на иста фреквенција. Со Sharon Van Etten воопшто немам таква мака.

Таа и на претходните изданија не покажуваше непотребна изгубеност, која за некого би била пример за слободен, нефилтриран, израз. На Remind Me Tomorrow, 38-годишната кантавторка демонстрира дополнителен степен на самодоверба, фокус, но и на искреност, а објаснувањето за тоа е крајно нерокерско – родителството. Музичарката родена во Њу Џерси вели дека откако го родила својот син, рутината навлегла во нејзиниот живот, што значи деновите станале пократки и подрагоцени. Порано се потпирала на флексибилност и нерешавање на ситуациите, а сега чувствувала дека морала да завршува, да прави избори и да биде одлучна. Во тој контекст, ритам-машините, синтисајзерите, електросемпловите, сѐ тоа го заокружува впечатокот на решителност што го остава петтиот албум. За разлика од претходниците, каде што пејачката беше придружувана најмногу од гитарата, како и од пар други елементи, на овие 10 парчиња има значително пошаренолика заднина.

Пијано-интрото и вокалната беседа на воведната I Told You Everything не навестува оти Ван Етен драстично се променила, но кога фонијата ќе почне да ја крева тензијата и ќе почне електронскиот ритам, поддржан од длабок бас и чудни сајзер тонови, се разјаснува дека авторката направила забележителен скок. Трип-хопот е основа на битот на No One’s Easy to Love, траката почнува и со потиштеност типична за стилот, но надградувајќи се елемент по елемент, се одјавува со епски финиш. Сликата на Бет Гибонс, и на Portishead севкупно, се припојавува во текот на Memorial Day, чие ехо и одѕвонување неретко будат морници. Темпото во кое што се мешаат диско и пост-панк се во центарот на рокерската Comeback Kid, која има и џиновски, фестивалски, рефрен, фино заокружен со играње на оргулата. Американската музичарката често пишува љубовни композиции, а на новото цеде Jupiter 4 е најубавиот приказ за нејзиниот талент да се изрази во оваа форма.

Првично напишана за Дона Мисал, која лани и ја објави, добро е што авторката одлучила и сама да ја интерпретира, затоа што комплетно ја носи со прекрасниот глас и ја прави гравитациски центар на плочата. Романсата во строфите е нагласена со скиците на пост-рокот, по што логично доаѓа скокот во динамиката, на Seventeen, каде што Ван Етен дури и подвикнува, а инструментите шкрипат, што е реткост во овие 41 минута. Беседењето врз пијано-мелодија и скржав ритам се враќа на Malibu, по што оргулите, развлечениот хип-хоп бит, како и разиграниот вокал, ја возат You Shadow. Дарк интастриал вајб доминира со Hands, ама е избалансиран со нежно пеење и питома бас-гитара. На самиот крај, Stay, со придушениот тон и воздржано свирење нуди контраст на претходната композиција и се одјавува како одглас на албумската целина.

Улогата на родител, која што пејачката ја „изведува“ од 2017 година и која ѝ помогнала да ја најде звучната насока на актуелниот материјал, се провлекува и на текстуален план. За некого, ова би можело да значи стихови за менување пелени или солење памет колку е мачно да се растат деца, но, секако, во ова наведување има вистина колку што нема шега. Романтичната љубов, човечката поврзаност, загубата, потрагата, сето тоа и тука ги врзува зборовите, но фактот дека тие се напишани пред и откако авторката станала мајка, отвора потенцијално двојство што е интригантно за читање и за толкување. Најголем дел од сето тоа е отпеано во меланохоличен, повлечен, мек стил, што би можел да разбуди чувства на потиштеност. Во спој со електро-сајзер бекграундот, сепак, се креира микс што смирува, ама и што дава инспирација. На тој начин, Sharon Van Etten поставила силна основа што на Remind Me Tomorrow веројатно ќе му обезбеди долговечна вредност. Потсетувањето во тие околности е излишно. Албумот е доволно впечатлив за самиот да си се погрижи за своето утре.

Артист: Sharon Van Etten
Албум: Remind Me Tomorrow
Датум на објава: 18 јануари 2019
Продуцент: Џон Конглтон
Етикета: Jagjaguwar

Листа на песни:
1. I Told You Everything – 4:45
2. No One’s Easy to Love – 4:34
3. Memorial Day – 4:27
4. Comeback Kid – 3:02
5. Jupiter 4 – 5:14
6. Seventeen – 4:25
7. Malibu – 3:23
8. You Shadow – 3:14
9. Hands – 4:08
10. Stay – 4:00

Слични написи

Остави коментар