Power Trip – Nightmare Logic [Southern Lord, 2017]

Нуклеарната апокалипса е судбина каква што човештвото заслужува. Да му ја замислиш, а којзнае, веројатно и да му ја посакаш. Сара Конор тоа го знаеше со сржта на своите коски. Мајката на херојот што ќе ја води конечната битка со Скајнет не беше постер-материјал за нормалност. Прашање е кој би бил, ако секоја ноќ се буди облеан во ладна пот затоа што сонувал како му се топат кожа и коски држејќи се за мрежеста ограда низ која си го гледа детето како се пеплосува додека си игра на лулашките. Ниту еден параноичен магацин за оружје во Мексиканската пустина, сепак, не може да го поништи нејзиното визионерство дека, вака или онака, денес, утре или за цела деценија, луѓето самите ќе си ја испорачаат пламената смртна казна тешка недоброени мегатони. Најинтересното, пак, не е тоа што ова се фантазии – лични или холивудски – туку вистина. Постои сомнеж (неоснован) дека Терминаторот воопшто ќе се врати, но непобитен факт е дека светот секоја вечер заспива со 15.000 нуклеарни оружја во најразлични форми, јачини и димензии.

Тие се околу нас со децении, меѓутоа, цивилизацијата на нив практично и заборави. На почетокот и во текот на 80-тите години, кога Роналд Реган ја вжешти Студената Војна со уште повеќе плутониум и ураниум, треш-металот беше потсетник дека уништувањето е взаемно гарантирано. Изминатава половина декада, од овој стил пак почнаа да никнуваат извонредни парчиња агресивност. Тоа што Power Trip го издаде својот втор албум баш во време кога Доналд Трамп е претседател на САД, е феноменално будење на сеќавањето и враќање во реалноста на тоталната планетарна деструкција. Уште од продорниот наслов Nightmare Logic, преку хоророт насликан на обвивката до пеколот што врие, труе и чади во песните, е очигледно оти тексашаните направиле плоча што беспрекорно ќе се вклопи на скринсејвер со зажарена печурка од прашина и оган.

Атомската бомба детонира на самиот старт, но слушателот на Soul Sacrifice процесот го следи во обратно течение. Најпрво се шири облакот од прав, во вид на индастриал ноиз. Потоа следи експлозијата на јадрото, бавно прикажана преку заразен грув. По сето тоа со лет побрз од звукот, во видокругот влегува и ракетата, чие што гориво е риф запалив како керозин. Ордите што преживеале, гнасни и со исушени красти, маршираат на Executioner’s Tax, трака што со танц го повикува духот на класичните S.O.D. Фронтменот на петорката од Далас, Рајли Гејл, има значително помала квадратура од Били Милано, ама на Firing Squad не само што му е рамен, туку стиховите ги блуе како во грлото да има безмилосен стрелачки одред. Инструментално, песната врши геноцид на сетилата, по што динамиката повторно се враќа на средното темпо со насловната композиција. Групата тука одново го прави безусловно кревањето тупаници во воздух, а гитарите прво протнуваат мелодии низ иглени уши за да финишираат со фестивал на епски хедбенгинг.

Со блејдранерски мотиви, сајзерот воведува во Waiting Around To Die, но тоа е само куса оддишка. Составот набргу се враќа во напаѓачка формација, циркуларниот риф ги тера трупите да топотат со чизмите, а рефренот е измислен за надополнување од навивачка вокална природа. Интро-минутата на Ruination развлечено ја гради тензијата како што стегосаурус мрзеливо се придвижува наутро, но кога басот ќе ги покаже канџите, корне со здивеност на прегладнет ти-рекс, во што консензуално го следат и останатите. Грувот, со темпо што не е ниту пребрзо, ниту пребавно, командува со If Not Us Then Who, а гитарите се тие кои мелодиски го разведруваат и кои финишираат во такт на чекан што енергично ѕвечка по наковалната. Одјавната Crucifixation бендот ја отвора спидерски, ја прекршува со акорди кои одѕвонуваат како камбана, ескалира во врескачка солажа и се отпоздравува со истата семпл-бучава од уводот на колекцијата. Со ова Power Trip не се копира себеси зашто останале без идеи, туку морничаво го затвора кругот на Nightmare Logic. Албумот така ја добива најстрашната карактеристика на секој кошмар – постојано да се повторува, без никаква логика. Исто како Судниот Ден, на чие остварување човечката раса работи со нуклеарна посветеност.

Артист: Power Trip
Албум: Nightmare Logic [стрим]
Датум на објава: 24 февруари 2017
Тон-мајстор: Артур Риск
Етикета: Southern Lord

Листа на песни:
1. Soul Sacrifice – 04:10
2. Executioner’s Tax – 03:45
3. Firing Squad – 03:17
4. Nightmare Logic – 04:21
5. Waiting Around To Die – 04:23
6. Ruination – 03:10
7. If Not Us Then Who – 04:10
8. Crucifixation – 05:20

Слични написи

Остави коментар