Fighting Windmills – An Exercise in Surprise [Sharla, 2018]

Каква е врската помеѓу Драчево и Франција? Логично и разумно, одговорот би бил недвосмислен – никаква. Вистинските познавачи на состојбите (да, на Вас мислам ценети Facebook експерти) и заговорниците на теоријата на вистината, знаат дека ова е лага. За да не стигне до народот, за нејзиното создавање се трошат огромни државно-безбедносни ресурси. Освен што своевремено ги врзуваше директна железничка конекција – вагоните на „Ориент Експрес“ од Атина до Париз поминуваа преку сликовитиот пејсаж на славната населба – ова легендарно јадро на скопското живеење со земјата на Марсељезата е длабоко испреплетено и со: Fighting Windmills. Тие за себе велат оти свират рок, и тоа од веројатно најсировиот на планетата – драчевски. Со последниот албум, An Excercise in Surprise, оваа бескрупулозност е изречно потврдена, но групата внесува и идиличен шмек препознатлив за француските рурални региони.

Што побогу значи сето ова? И побитно, каква врска има со музика? Искрено, немам поим. Да го прашате, бендот сигурно би се изнасмеал на паралелатa (или барем се надевам), но за мене, четвртото издание на составот е мостот помеѓу бескрајните ниви на Драчево и виулестите вински предели на Прованса. Различно од впечатокот, со ова не сакам да кажам оти областа каде што завршува „четириескец“ е провинција, ниту, пак, дека стилот на нејзините прославени рокенрол-чеда е провинциски. Сосема спротивно, тој го зема сиот паланечки талог насобран насекаде, го филтрира низ инструментите и го прочистува до степен на џез-рок-фузија како измислена за скопската (и македонската) топ-урбаност. Тоа што е хистерично иронична – барем мене – ми овозможува да ме однесе до кривините на Медитеранот со крајна цел – релаксација зад воланот. Кларинетот, којшто е практично цело време „распеан“, е тој што особено ме фрла кон наведените романтични предели.

Успехот на An Excercise in Surprise, сепак, не е во тоа што овозможува развивање на само едно, туку на безброј сценарија. Причина за тоа е слоевитоста и разновидноста збиена во овие речиси 40 минути. Освен филмањето дека сте на пат или на патување кое го врзувате со одредени филмови што сте ги гледале (To Catch a Thief поради Manoeuvre Down), петте песни мошне живописно фрлаат во ноар-атмосфера (Sideshow Performer), ја воскреснуваат мекоста на гитаристи како Џон Аберкромби или Вес Монтгомери (Bird, Disco Bird), ринат низ мракот на инстру-металот на Russian Circles (Gulag Magic Tricks) и прават циркуски егзибиции на интелигентен начин како Animals as Leaders (Simple Celebration of Light). Во сето ова има многу слободоумно изразување, несекојдневни детали како СФ-синтисајзери и пулсирачки диско-ритми, но фри-импровизациите се зрело избалансирани со сегменти каде што структурата, мелодијата и рифовите, се тие што доминираат.

Поради тоа, материјалот делува лабаво, непредвидливо, динамично, меѓутоа, не скорива јадеж со хаотичност и изнасилено изразување без трошка контрола, што одредени артисти го продаваат како бескомпромисен слободен џез. Експериментите надвор од границите, по кои се познати имињата од скандинавската сцена, очигледно се дел од слушачката агенда на петорката, но од друга страна, исто толку место е остапено и на пост-рокот, амбиент-лебдењето, па дури и на луцидните фолк-екскурзии. Амалгамот од референци на жанрови, изведувачи и креативни варијации е евидентен. Бендот со гордост ги истакнува во секоја од композициите и самоуверено ги топи во сопствениот, индивидуален, калап. Степенот на компактност и течение на An Excercise in Surprise укажува оти членовите на квинтетот се ортодоксни следбеници на религијата на редовно, дисциплинирано, вежбање. Баш од таа причина, не треба да се биде изненаден што на Fighting Windmills им треба максимум една плоча за да спојуваат разноразни, често и контрадикторни, идеи, емоции и светови. Само дел од нив, бездруго, се петтата француска и првата драчевска република.

Артист: Fighting Windmills
Албум: An Exercise in Surprise [стрим]
Датум на објава: 26 април 2018
Тон-мајстор: Младен Павлески
Етикета: Sharla

Листа на песни:
1. Manoeuvre Down – 7:47
2. Sideshow Performer – 9:03
3. Bird, Disco Bird – 6:18
4. Gulag Magic Tricks – 6:33
5. Simple Celebration of Light – 8:41

Слични написи

Остави коментар