Кога во средно школо муабетевме за музика, прашањата најчесто дозволуваа само еден, цврст, одговор. Имам доволно години за да кажам „не знам како е сега“ и тоа навистина да биде слика за моето непознавање на моменталната состојба, но во средина на 90-тите, кога на голем одмор разменувавме касети, немавме поим дека речиси секој бенд е мешавина од безброј финеси. Силната љубопитност ни се едначеше со огромното неискуство, ама тоа не значеше дека имаше простор за отстапување. Секој мораше да припаѓа некаде, дури и по цена на глупави физички пресметки. Избирање омилен правец не беше доволно. Сите мораа да се изјаснат и за стилот што го преферираат. Кога зборувавме за метал, за мене одговорот беше недвосмислен – треш. Спојот на вратоломна брзина со критички гнев кон општеството делуваше како природно прибежиште за довчерашeн пионер. На таа возраст, мнозината нахално го браневме тоа што го сметавме за наше, затоа што бевме убедени оти така ќе остане за навек.
Немањето интернет-приклучок ја направи промената побавна и во исто време, позабавна, но повеќето сфативме дека чувството на припадност нема да ни се стесни ако прифатиме дека музиката, без разлика на правец и на сцена, е процес на бесконечно проширување. Треш-металот во неговата форма од средните до доцни 80-ти ми била фаворит бидејќи така сум ја открил, меѓутоа, таа дотаму стигнала на хеви и особено, на панк-основи, а сега е надградена и со грув, блек или хардкор. Траекторијата по која што изминатава деценија упорно гази човештвото и особено, културата на омраза и негирање што го обзема САД, создаваат степен на бес и фрустрации што некако мора да се канализираат. Петорката од Тексас, Judiciary, ја препознава оваа потреба и на дебито Surface Noise креира атмосфера што овозможува индивидуално или колективно прочистување на лутината. Чувството „ние против авторитетите“ изобилува. Преку него бендот гради тврдина во која што може да се засолни секој што има мачнина од секојдневните мизерии.
Звукот на 27-минутното првенче е џиновски, без мака може да исполни отворени бини на летен фестивал, но во исто време, остава и силен локален впечаток. Продукциското ехо и острината на гитарите потестуваат на другите прилично актуелни тексашани Power Trip. Со нив се на слична линија и во треш-темелите, само што кај Judiciary вагата натежнува накај грувот и њујоршкиот хардкор, наместо кон кросоверот. Ако морам да барам проста паралела, би рекол дека Surface Noise е во кошот на Burn My Eyes од Machine Head, но без трошка од мелодијата што ја формира динамиката на тоа феноменално деби. Врската со овој албум се и Cro-Mags, а се слушаат и влијанијата на Slayer, Hatebreed и Code Orange. Конфликтноста им е прилично панкерска, имаат дури и фрагмент од Amebix во себе, ама со посветеност кон прецизното, наместо кон експерименталното. Членовите на групата од Лабок имаат мисија, а таа е да бидат гласни, јасни и со стиснати тупаници.
Тоа е очигледно уште од Social Crusade, која што ја отвора плочата со огромен скокачки риф, по што под лаежот на фронтменот прво темпото малку се забрзува, за на крајот да се прекрши во нагласено мрсен брејкдаун-излез. Панк-темпото и спид-гитарите галопираат на Karma’s Knife, подзастануваат со грув-интрото на Temple, но набргу повторно тураат бензин во огнот. Пискавите лидови навестуваат апокалипса на Stronger Than Thou која што и навистина пристигнува со размафтан мош-чекан и двоен бас-тапан. Трибализмот од Chaos A.D. ерата на Sepultura воведува во Burden of Truth, по што песната прераснува во успорена металкор-шутка и завршува со цитат од последниот говор на Чарли Чаплин во „Големиот диктатор“: Машинеријата што дава изобилство, нѐ остави празни. Знаењето нѐ направи цинични. Итрината, крути и безобѕирни. Размислуваме премногу и чувствуваме премалку. Повеќе од машинерија, ни треба човечност. Повеќе од итрина, ни треба добрина и нежност. Без овие квалитети, животот ќе биде насилен и сѐ ќе биде изгубено.
Употребата на цитатот е интересна од два аспекта. Прво, тоа што во него се кажува колку е валидно и за денешниот веб-технолошки свет, без разлика што мотивот во 1940 година бил сосема поинаков. Второ, тоа што квинтетот испраќа особено моќна порака за милост и љубезност, а во исто време, распорува сѐ пред себе со агресивноста. Дилемата е прилично интересна и на Pure Fury, со забавеното темпо и потпирањето најмногу на басот, составот како да сака да остави доволно широк простор за истата да се размислува. Брзинометарот останува во долните граници и на 7.65mm, грувот е тој што поттикнува движење, па Zero Hour нуди инструментална одишка од 60 секунди, за War (Time Is Nigh) изданието да го затвори на начинот на којшто и почна – фајтерски. Суштински, тоа е и карактеристика на целиот Surface Noise. Борбеноста е порака што Judiciary недвосмислено ја истура од себе, како што трешот и хардкорот жанровски наложуваат. Бендот се гордее со таа директност, но под таа надворешност има и финеси кои укажуваат дека нивната бучава не е површна.
Артист: Judiciary
Албум: Surface Noise [стрим]
Датум на објава: 25 јануари 2019
Продуцент: Тејлор Јанг
Етикета: Closed Casket Activities
Листа на песни:
1. Social Crusade – 3:17
2. Karma’s Knife – 2:33
3. Temple – 2:15
4. Stronger Than Thou – 2:55
5. Burden Of Truth – 3:44
6. Pure Fury – 3:52
7. 7.65mm – 3:18
8. Zero Hour – 1:01
9. War (Time Is Nigh) – 3:52