„Фонија“: Секој ден е борба сам со себе

Не ми беа потребни премногу, одвај две-три слушања беа доволни за да заклучам две работи за „Мојот пекол“, новиот албум на „Фонија“ – дека во поглед на звук (под тоа се подразбира „продукција“, но и изведба) и во изборот на носечки хармонии на нивниот мелодичен панк младиот бенд ги достигнал досега најзрелите височини. На крајот тие се покажаа пресудни не само во степенот со којшто „објективно“ ќе го ценам дискот, туку и во нивото на коешто субјективно ќе го конзумирам. Едноставно, го „искинав“ од слушање. А како и не би го направил тоа кога на дури четвртото студиско издание во само шестгодишната кариера скопската група воспостави елегантна врска помеѓу панкот основан од Bad Religion и македонскиот поп-звук заборавен во 70-тите. На ова и на низа мои други прашања одговори Дени Крстев, гитарист и вокалист на триото.

Само што ја завршивте последната турнеја. Со 15-тина свирки и настапи низ Чешка, Словачка и Унгарија, заедно со балканските земји, ова е најдолг период и најдалеку да бидете на пат. Знаејќи дека сте прилично млади, како на врсниците им ја бришете заблудата оти турнеите изобилуваат со „гламур и шампањ“?
– Доволно е да видат како изгледа бенд на денот кога се враќа од турнеја за да им стане јасно дека нема ништо гламурозно во тоа. Не знам дали на нашите врсници им ја бришеме заблудата или не, па еве сега би изјавил дека на нашите турнеи (и на турнеите на сите други бендови од наш калибар) нема таков гламур каков што има во филмовите. Одиме во градот, свириме, јадеме нешто што ни подготвил домаќинот и спиеме на нечиј под. Кога има туш сме најсреќни. Создаваме пријателства насекаде, а чувството кога некому навистина му е мило што ни помага да свириме во неговиот град е многу поголемо задоволство од било каков фејк гламур.

Нешто што и на многу постари и поискусни автори на немеинстрим звук не им е јасно, а камо ли на припадници на вашата генерација, е дека во овој пакет доаѓа и напорна работа. Зошто на нашиве простори е тешко да се разбере оти желбата и талентот нужно е да се поткрепат и со пот без, притоа, да има гаранција за успех?
– Веројатно тука сме сите навикнати со малку труд да добиваме многу, а во моментот кога ќе почувствуваме дека не е така, да се откажеме. Без труд и посветеност не може во никоја област да се биде успешен, па така ни во оваа. Гаранција секако дека нема, а ако има, тогаш нешто не е искрено. И не мислам дека тука е тешко тоа да се разбере, туку луѓето не сакаат да го разберат. Зошто е тоа така, немам конкретен одговор. Веројатно оние случаи „фром зироу ту хироу“ преку ноќ што ни се сервираат во документарните филмови играат голема улога во оваа перцепција на нештата, иако и „најсреќните уметници“ работеле многу напорно за да успеат.

Со работата, освен кондиција, се обезбедува и искуство, учење од сопствените грешки и шанса за гледање на состојбите од далечина, од поинаква перспектива. Четири албуми ова го осигуруваат особено ако се знае оти дебито го издадовте во средно училиште. Како се променивте оттогаш, а што се трудевте да остане исто?
– Нормално е секој бенд да се менува во музичка смисла со текот на времето. Ако не е така, значи дека бендот лаже. Мислам дека во првите неколку години приоритет ни беше да научиме да свириме заедно како бенд и да си го бараме стилот. Откако горе-доле се пронајдовме, работите станаа полесни. Се трудиме што повеќе да пишуваме / снимаме / свириме / одиме на турнеи. Филозофијата на бендот не се промени драстично од почетокот досега, и така и ќе остане. Ми се допаѓа направи сам/а етиката баш заради тоа што сам најдобро знаеш што сакаш и најмногу се трудиш кога се трудиш за нешто свое. А уште поубаво е кога немаш никој над тебе да ти кажува што да правиш. Нормално, никој не се родил учен и процесот на учење, барем во оваа област, не е баш едноставен, ама откако ќе ги разбереш работите, навистина е лесно. Сите во оваа сцена сме другари, сите си помагаме меѓусебно, кој како може. Тоа искрено помагање го нема во машината, и тоа не ни треба. Со таа мисла почнавме и се држиме до неа.

Споредено со претходните, како и со насловот „Мојот пекол“, на изданието се прикрадува и меланхолија иако воглавно е задржан и поттикнувачкиот тон на мелодичниот панк. Млади сте, но и шест години повозрасни од моментот кога се основавте. Како тоа влијаеше да се појави оваа „потемна“ боја на колекцијата? 

– Тројцата сме во тие најчудни меѓу-години, во земја во која по сите дефиниции младите се осудени на апатија. Колку и да звучи нескромно, не сакаме да се задоволиме со малку, па колку и да е тешко да го добиеме тоа што го бараме. Не сакаме да имаме книшка која ќе ни гарантира работа со која едвај ќе живуркаме, не сакаме да бидеме нечии војници, не сакаме да следиме туѓи глупави идеали од страв. Меланхолијата е некаде на пола пат помеѓу гневот и разочарувањето, состојба совршена за творење. Секој ден е борба сам со себе, тоа се одразува и во музиката. Сè уште сме млади и неискусни, мора да се бориме против апатијата која е неизбежен крај ако дозволиме разочарувањата да ни ја убијат волјата. Не сме единствени кои се чувствуваат вака овде, во ова време, а емпатијата навистина теши во такви моменти. Би сакале да им влееме волја на другите околу нас на секој можен начин.

На новата збирка покажувате бездруго најголема авторска зрелост. „Фонија“ и во зачетните албуми отсекогаш ми делувал на состав опседнат – во најпозитивна смисла – со идејата за пишување песни. Неколкуминутни, ослободени од вишоци, композиции. Какви главоболки создава ваква, залажувачки лесна, „мисија“?
– Нема никакви главоболки, отсекогаш вака сме функционирале. Правењето аранжмани отсекогаш сум го сметал за најтешкиот дел од правењето музика, и сè уште имаме уште многу да учиме во тој поглед.

Го споменав ова во рецензијата и нагласив оти е можеби само јас го слушам, но на „Мојот пекол“ забележувам и силно влијание од класичниот, македонски, поп, од времето кога забавните фестивали имале тежина. Прво, разјасни ми, дали ова е исклучиво моја перцепција и второ, зошто повеќе млади групи, кога е мелодијата во прашање, не се навраќаат токму на периодот што го споменувам?
– Мило ми е што го забележа тоа. Кога ги правевме песните, доста големо влијание имав токму од тие фестивалски песни од 60-тите и од 70-тите, од целата таа бивша Југославија. Не знам зошто и не знам како, едноставно, влетаа во приказната и ми останаа во глава. А тоа е музичко време што е толку богато со мелодии што навистина може да инспирира музичари уште најмалку 100 години. Тие хармонии се баш карактеристични за ова поднебје, а сметам дека бендовите од Балканот се фокусираат на западната музика многу повеќе отколку што треба. Иако и нашиот стил е фундиран на некои шеми наметнати од западот, логично е да имаме нешто домашно во нашиот звук. На овој албум, тој период се покажа како клучна инспирација.

Не се работи за дефетизам, меѓутоа, во стиховите насетувам чувство и свесност за состојбата на безизлезност што во земјава се влошува повеќе од две децении. Воопшто не делувате оти сте се предале, но и не бегате од констатацијата дека не можете којзнае што да промените. Како е да се креира со вакво нешто на ум?

– Исто како што и живееме сите во оваа држава. Мали сме и недоволно гласни, ама тоа не е причина да се откажеме. Да, свесни сме кои ни се границите и условите, но се трудиме да ги турнеме тие граници малку подалеку, и во музиката и надвор од неа. Има луѓе што се борат и мислам дека ќе оди на подобро. Да го осветлиме сивилото барем за една нијанса е повеќе од доволен поттик за другите околу нас. А кога ќе тргне, нема да застане лесно.

Повеќето песни на „Мојот пекол“ имаат потенцијал да станат хитови. Две или три, пак, би било грев да не добијат таков „статус“. Не е нескромно да признаете дека сте свесни за овој квалитет на своите траки. Како би го опишал чувството кога знаете дека убедливото мнозинство ваши врсници, а камо ли пошироката јавност, не знаат оти постоите, а вие сте се потпишале на одличен материјал?
– Се трудиме да им се „сервираме“ на луѓето на начин на кој не се баш навикнати да им биде сервирано. Тоа го сметаме за правилно и ќе продолжиме така. Тоа што луѓето не знаат за нас е наша „грешка“ исто колку што е и нивната игнорантност. Треба само повеќе да свириме, да пишуваме песни, да издаваме албуми, останатото само ќе си дојде.

Несомнено за сите, а веројатно и уште повеќе за млади луѓе какви што сте и самите, Македонија секојдневно го скусува списокот со причини за останување и за градење живот токму во нејзините граници. Каде, конкретно ти, но и другите членови на „Фонија“ наоѓате мотивација во овие сè посиви и поматни времиња?
– Скопје е убав град, без разлика на тоа колку го маскираат. Оваа земја е нашиот дом. Отсекогаш сум верувал дека кога нешто имаш, а нешто не е во ред со него, треба да се обидеш да го поправиш наместо веднаш да го замениш со нешто друго. Лесно е да се откажеме, да заминеме и да ги оставиме другите да гнијат тука. Мотивацијата лежи токму во таа желба да ги направиме нештата подобри за сите.

Фото: Бранко Аврамовски

Слични написи

Остави коментар