Топ 50 странски албуми во 2012 [10-1]

Најтазе албумите од најсвежите и од поновите артисти ги купувам (океј де, најчесто ги симнувам), ги џвакам и ги голтам како вкусен оброк консумиран по искачување врв на планина. Имајќи предвид оти самиот процес на откривање внесува возбуда, претходно неафирмираните бендови секогаш ќе имаат извесна предност во однос на познатите и долги години обожувани изведувачи. А што се случува кога составите што ти сраснале со секоја пора од животот, а малку си ги подзаборавил, ќе објават плочи кои одбиваат да се избришат од сеќавањето? Во тој случај ги сместуваш во листата со најдобри 10 албуми во годината. Во оваа за 2012, од 11-тата од 50-тата позиција, неетаблираните имиња и имаат одредена доминација, но и таму поискусните бендови го нагласуваат своето присуство. Такво нешто од нив не очекував, ама бев мераклиски изненаден и затоа во финалнава десетка има само едно првенче. Мнозинството од останатите се од групи што се непрекинато активни подолго време, меѓутоа, кои од икс-причини ми биле надвор од радарот. Годинава тој ги фати и за малку ќе прегореше од степенот на изненадувачка брилијантност на “ветераните”.

10. OM – Advaitic Songs [Drag City]
Делувам комично неинтелектуално, ама долгото вртење во драстично различно опкружување – во црна темница и во седум сабајле спуштајќи се по олимписката патека – слушањето на Advaitic Songs го издигнува до ниво на доживување што секогаш раѓа поинакви плодови. И уште поважно – никогаш не е рутина. Таа слика добива најживописни контури на третата нумера, Gethsemane, гравитацискиот центар на материјалот. Стартува со интеракција меѓу разиграните, скоро џез-солаџиски тапани на Амос, придушените четири жици на Сиснерос, кои што копаат низ стомак и репетитивната мелодија на виолончело, која внесува меланхолија. Кулиминира со едноставно везење на бас (така го перцепирам, можеби грешам) со блискоисточен призвук. Тој господари низ целото течение, но врвот го достигнува на Sinai и на Haqq al-Yaqin. Првата трпеливо оживува со винил-снимка од молитва, пред да скокне во питома река од синтизајзер, рудиментарни бас и тапани и одѕвонувачки чело-лид. Втората ја заокружува колекцијата како во храм, ритуалистички, со штур, но делотворен распон на инструменти и мигови на византиско, црковно, пеење.

9. Jessie Ware – Devotion [Island]
И покрај дисторзијата, жестокоста и на моменти, нескриената бруталност што завзема голем дел од годинашнава албумска листа, мојата потреба за класична, од топ-листа извлечена, поп-музика не е згасната. Разликата е што нејзиниот оган не се потхранува од радиски ѕвезди, туку од имиња со меинстрим-сензибилитет за кои што јавноста сè уште нема поим дека постојат. Таква е Jessie Ware, но нејзиниот албум Devotion не ме освои затоа што мнозинството за него речиси и да не слушнало. Причината е јасна – дисков е пример за создавање траки запаметливи по хармониско-мелодискиот микс, а не по маркетинг-пакувањето. Англиската вокалистка има и звук и имиџ и нумери за да се најде на сè од насловни страници до прашоци за перење, меѓутоа, таа во себе носи и извесна доза на мистичност и несекојдневност што и не така лесно да се продаде. На своето првенче оваа 28-годишна девојка креира свој вид соул, полн со електроника, фанк и поп, малку инди-рок, ама и дабстеп и аренби. Мешавината е исполнувачка, зашеметувачка, релаксирачка и со целосна посветеност на наједноставната мисија во популарната музика – пишувањето песни разбирливи за сите.

8. High on Fire – De Vermis Mysteriis [E1]
Уште при првото слушање како целина, не расцепкано, се забележува дека се работи за издание со креативни, свирачки и емотивни грандиозни размери, а голем удел тоа да се долови има продукцијата на Курт Балоу од Converge. Композициите ги изведуваат три музичаришта чиј звук е посиполнет отколку некои петорки или оркестри, а манијакот-тонец од хардкор-легендите тоа го фатил на својата снимачка јадица. Сè е снимено на место, но најмераклиски е дисторзираниот бас, што ровари како багер низ стомак иако е јасно дека гитарата е ѕвезда во групата. Таму, кон високите црни простори што не се дофаќаат со рака, туку со ум, Мет Пајк цели и со стиховите. Веројатно најзамрсени во неговата кариера, тие допираат теми како окултизам, религија, хорор и патување низ времето. Врзани се во концепт со наслов инспириран од фиктивната книга со магија на Роберт Блох (автор на “Психо”). Интелигентно-забеганата текстуална авантура не е пресудна за да се доживее убоитоста на De Vermis Mysteriis. За тоа тука е музиката. High on Fire ја смислиле како најприкладниот саундтрак на епската пустоловина во откривањето на мистериите на црвот или на други, индивидуално режирани, исто толку јуначки, подвизи во универзумот на фантазијата. А можеби и на реалноста.

7. Dead Can Dance – Anastasis [PIAS]
Не дека е нужно Брендан Пери и Лиса Џерард да буричкаат низ оставнината од овие географски, јазични, етнички, културни и религиозни прерии за да ме заскокоткаат на ниво поинакво од рутинираното. Тие се уникат. Нивниот изграден, рафиниран, стил ја втемелува комплексната рамка и на осмата студиска плоча, која што е надградена и обложена со жици, мелодии и атмосфера инстинктивно препознатливи за секој што е роден и израснал на потегот од Сараево до Арарат. Конкретно поради ова, албумот не е ниту подобар, ниту полош (тој секако е моќна креација), меѓутоа, фактот оти коренот му е засаден тука некаде, во близина, околу мене, неговото доживување го исполнува со единственост. Погледов можеби е претерано локален, балканоцентричен, нафуран на потеклото, наместо опседнат со глобалното, неврзаното и со иднината, ама тој е нераздвоен од Dead Can Dance. За нив, сеќавањето, истражувањето на отпечатоците од претходните генерации, отсекогаш било прираснато за инспирацијата.

6. Godspeed You! Black Emperor – ‘Allelujah! Don’t Bend! Ascend! [Constellation]
Тоа заронување, по кое вообичаено следи и препуштање, разоткрива дека ‘Allelujah! Don’t Bend! Ascend! е политичко животно како што и Godspeed You! Black Emperor е zoon politikon. Тие не се пропагандисти. Како би можеле да бидат кога не пишуваат стихови. Не се ниту надуени анархистички снобови. Луѓе се, како мене и тебе, и баш тоа чувство, како е да се живее како човек денес, а не како богаташ, како влада, како службеник на моќниците, го илустрираат на четвртиот студиски албум. Додуша, тоа на ваков или онаков начин беше суштината и на претходниците. Со сè што се отплетка и потоа покомплексно се замрси од 2002 година до денес, по војните во Авганистан и во Ирак (кои уште траат) и особено по финансискиот крах предизвикан од алчноста на банките (која никако да се намали), новата збирка и тоа како громогласно резонира со битисувањето под глазираниот праг на милионерите. Значително посилно од порано, овој пат се насетува мачнината во која што планетата извесно време е заглавена. Не се работи за затишје пред бура, туку горлива тегоба од состојбата на статус-кво.

5. Converge – All We Love We Leave Behind [Epitaph]
На албумов, Converge до најситна пора си го зачувале уникатниот стил, а сепак, од своето битие пак извлекле збирка од песни што е восхитувачки освежувачка. Ако тие би одлучувале, фановите би избрале бендот за којшто најманијачки се притресуваат да штанца клонови на дебито или на пресвртниот албум. И најкрутите од најтврдокорните меѓу нив, пак, се свесни оти ова не само што е неизводливо, туку на долг рок, е и неисполнувачки. На Aimless Arrow, Бенон го отвора албумот со стихот: “За да го живееш животот што го посакуваш ги напушти тие на кои што им беше потребен. Прифатлива жртва или така ти веруваш”. Џејкоб, заедно со Курт Балоу, Нејт Њутон и Бен Колер останаа хардкор-заштитници на сопствената, екстремна, мутација на панкот, изневерија малкумина, но низ годините го штелуваа, го брусеа, изразот како што возраста им ја лупеше кожата и им ја тенчеше косата. Ништо од ова не ги натера да станат побавни. Делуваат дури и побрзи.

4. Japandroids – Celebration Rock [Polyvinyl]
За разлика од други два дуо-состава нераздвојни од современата сцена, The Black Keys и No Аge, Japandroids не креира ниту блузерски модификуван поп-рок, ниту панк со екстремистички потреби за силување со бучава. Japandroids делумно беа поблиску до вториов пристап на дебито од 2009 година, Post-Nothing, но на следбеникот гласноста ја престројуваат во епски марш од рефрени што се пеат заедно, во еден глас, со високо кренати и раширени раце. Спротивно од претходното издание, каде што студенилото од северните предели ги вкочануваше сетилата близу до точката на делириум, на ова таа линија брзо се преминува и состојбата што универзално, без утка, се провлекува во сите композиции е – еуфоријата. Не може да се рече дека Celebration Rock е весел рок-албум како што некое цеде на Ријана е поп-остварување што изобилува со среќа. И добро е што материјалот не буди идеи за таков вид, идиотска, прослава закоравена во тралалајките на Дејвид Гета. Кругот на, условно кажано, славеничката срцевина на албумот се затвора со стихови без зрно цинизам.

3. The Shins – Port of Morrow [Columbia]
И новата инкарнација на креативност на Џејмс Мерсер нуди стиховна повеќезначност, пораки и прашања доволно широки за секој засебно да си најде нешто во нив, меѓутоа, нивната звучна амбалажа е симпатична, се отвора без шпицангли и не предизвикува психолошка траума доколку само сакате да ја набљудувате (слушате) без да буричкате во нејзината суштина. Едноставно, ова е од оние убави, позитивни, зајакнати со кревка доза меланхолија, албуми што се слушаат и уште поважно – доживуваат – со речиси ист степен на исполнетост во различни опкружувања – дома, во канцеларија, на улица, од врв до Средно Водно, зад волан и во совозачко седиште. Ова покажува дека материјалот не се плаши да комуницира со симболите на универзалноста без разлика на ризикот сето тоа да биде интерпретирано како плиткост. Наречете ја како сакате, но токму таа ненапнатост или можеби уште попрецизно, безгрижност, е најистакнатиот сојузник на Port of Morrow. Со неа, The Shins гради пристаниште на мислите, од кое што можете да испловите било каде на планетава. Или многу, многу, подалеку.

2. Deftones – Koi No Yokan [Reprise]
Не сум сигурен, ама некој веројатно одамна запишал дека најверодостојната уметност се раѓа во сенката на болката и тагата. По исцрпувачкиот колективен и индивидуален пад како резултат на незгодата на нивниот пријател од детството, Deftones успеа да се издигне во можеби уште посилен, поповрзан, бенд. Тоа се чувствуваше на одличниот Diamond Eyes и пара очи на феноменалниот следбеник, Koi No Yokan. Седмото цеде го прикажува квартетот како цврста и компактна формација чии членови функционираат како подмачкани минијатурни делчиња на габаритен часовник. Групата, чии почетоци датираат уште во 1988 година во Сакраменто, кога скејтерството и средното училиште ги споило на иста фреквенција, отсекогаш билa неверојатно флуидна. Изненадува како нејзините основачи, Чино Морено, Стивен Карпентер и Ејб Канингем, и со по четири и кусур децении во задникот, од кои над половина минале заедно, не делуваат воопшто отуѓено. Таа взаемна, природна, меѓузависност е пресликана и на новиот материјал.

1. Baroness – Yellow & Green [Relapse]
Како повеќето од тие што најпрво го исчитаа серијалот, а потоа можеби и нагаѓаа кој наслов ќе се најде на врвот на листата, така и јас немав поим дека тоа ќе биде токму Yellow & Green. Статистички, ако го сместам според оценката, материјалот веројатно ќе влезеше меѓу првите два-триесет. Ако, пак, ја мерам неговата квалитативна страна, оргиналност и чиста звучна генијалност, изгледа ќе се пласираше нешто подолу. Арно ама, како и сите листи што досега со огромно уживање и наивна забава сум ги правел, така и оваа вклучува и еден клучен детаљ што школуваните и сериозни критичари го избегнуваат – колку тоа што го валоризираш си го слушал во текот на годината. Во оваа графа, двојното издание на бендот од Савана, Џорџија, им ја искина кичмата на сите од второто до 50. место. Го слушав дома, на изреженото цеде и на лаптоп, а во кола, најсредношколски кажано, маста му ја извадив. Се вртеше до, во текот и на враќање од работниот ден. Ме следеше и до врвот и на симнувањето од Водно. Кога тука ќе се додаде дека остварувањето е најекспанзивното и најхраброто во кариерата на Baroness, како и тоа дека има потресно соголени стихови и музика, на кои ми се залепија толку слики од искуствата во изминативе 12 месеци, првата позиција е и повеќе од заслужена. Само едно ми е неверојатно криво – дека годинава не стигнав да ја возам Јадранска Магистрала со овие 18 композиции како саундтрак.

[В понеделник, 31.12.2012, следуваат најдобрите македонски албуми годинава]

Слични написи

1 коментар

NaumN 08/01/2013 - 16:45

Baroness на прво, а листава и покрај одлични изданија го има у The 2nd Law?! Not legit! 😀 Добра листа сепак, иако не се согласувам со некои од местата…Baroness ми бодат очи прилично, али се е до вкусот, мене рецимо после Red ништо не ми е свиѓа доволно. Секоја чест за листата сепак 😉

Reply

Остави коментар