Топ 15 албуми што ќе излезат во 2013 [1/3]

Nick Cave and the Bad SeedsОткако ќе заврши една, а ќе почне друга музичка година, големо парче од анализите и од дискусиите се сконцентрирани на откривање што ги карактеризирало изминатите и што ќе биде тренд во следните 12 месеци. Објективно гледано, таа мисија е залудна. И да се дојде до некаков “вистинит” заклучок, кој најчесто и онака се сведува на збир од зборови кои опишуваат колку претходната сезона била “подобра” од таа што доаѓа (и обратно), неговата тежина денес е минимална од проста причина – доминантниот дел од најзначајните остварувања остануваат непознати од YouTube, радио и телевизиски информираната публика. Во актуелнава комуникациски напумпана и зависна реалност тоа е бизарно, можеби е поврзано со поголеми општествено-филозофски прашања за кои е потребно пишување опсежни трактати. Немам никаков интерес да изработам дело од таков калибар и затоа ќе се свртам кон нашиот мал, изолиран, универзум каде што убавиот звук – без разлика на жанрот – е грев да се пропушти. Со цел тоа да не се случи, следува првиот сегмент од листата со 15 албуми што најмногу ги исчекувам во 2013 година.

Biffy Clyro – Opposites

Датум на објава: 28 јануари

Во светот на алтернативниот рок, што, нели, денес не е хип да се почитува, а камо ли да се слуша, покрај стандардно искусните Foo Fighters и сè почесто млитавите Muse, има и трет бенд кој знае како да спои хит-мелодија со дисторзија: Biffy Clyro. По Only Revolutions, таа одлична песнарка на концизни спидерици и певливи балади, групата се враќа со двојно издание што го најавува како најхраброто и најекспанзивното досега во кариерата. Со оглед на Queen-влијанијата, за тоа имаат способност, но примамливо е да се види како ќе го преточат во час и кусур долг материјал.

Jim James – Regions of Light and Sound of God

Датум на објава: 5 февруари

Јавноста – и критичка и фановска – можеби на боговоите на звукот повеќе се моли My Morning Jacket да објават албум опивачки како Z или некој од тие што му претходеа, но додека тие побарувања да бидат услишени, ќе излезе соло-првенчето на фронтменот на составот, Џим Џејмс. Знаејќи дека тој и онака веќе извесно време е водечкиот автор во формацијата, овој пат возбудата ќе биде насочена кон откривањето што поинаку тој ќе направи кога над него не стои логото на неповторливите американа-рокери. Во најмала рака, ова ќе биде нова прилика за уживање во неговиот уникатен глас.

Nick Cave and the Bad Seeds – Push the Sky Away

Датум на објава: 18 февруари

Сценарија, оркестрално-инструментална музика за филм, водење на најбестијалниот рокенрол бенд на планетава и пишување романи. Се чини дека последниве години сè што Ник Кејв ќе му се присака да допре, се претвора во креативно злато. Разбирливо, тоа важи за најголемиот дел од неговата кариера, ама со своето “злобно семе” не сме го чуле откако на Лазар му наредуваше да копа и да копа. Австралискиот маг делува дека претерано ги истегна сопствените авторски квалитети на повеќе полиња, а овој диск ќе покаже дали тоа било паметно или неразумно. Океј де, знам, албумов ќе крши коски.

Atoms for Peace – Amok

Датум на објава: 25 февруари

Се чудам како сите се фрапирани што Том Јорк од божествата на арт-рокот Radiohead на следниот свој музички проект решил да соработува со Фли од господарите на топ-листите Red Hot Chili Peppers. Басистот од Лос Анџелес три децении е нераскинлив член на едно од најголемите музички имиња од 80-тите до денес, но тој, во исто време, бил и чудо од дете-трубач и досега има соработувано со артисти како џезерот Џошуа Редман, иконата Пети Смит и трип-хоп-пионерот Трики. Фактот дека ова успеав да го расчистам, сепак, не значи дека сум помалку возбуден да слушнам што направиле.

Johnny Marr – The Messenger

Датум на објава: 26 февруари

Носечките членови на бендовите кои си обезбездиле статус на хроничари на една ера секогаш ќе предизвикуваат интерес, дури и доколку со години, а понекогаш можеби и со децении, не објавиле ништо релевантно. Во The Smiths улогата на столб засекогаш ќе му се припишува на Мориси, но тука некаде е и неговиот соработник по авторство, Џони Мар. За разлика од вокалистот, тој не успеа којзнае колку да се наметне откако нивниот матичен бенд се растури. Последен пат го слушнавме како дел од The Cribs, а минливоста на овој состав ја нагласува потребата од појавувањето на The Messenger.

Слични написи

Остави коментар