Holocaust – Ground Zero [Lithium, 2009]

Приказната на кумановските треш-металци Holocaust се вбројува меѓу класичните и многупати досега напишани и раскажани на македонската музичка сцена. Заплетот во неа е едноставен: бенд се основа, создава авторски песни, свири жестоко, снима демо од свој џеб и – без некролог го снемува од видокругот. Причините за тоа речиси и да не се поврзани со членовите, со нивната посветеност и желба за звучно изразување, туку се надворешни и не зависат од самата група. Кога е во прашање конкретната петорка од градот северно од Скопје целосните детали не ми се познати. Знам, сепак, оти уште во 1995 изработија демо, а нивното официјално студиско крштевање на цеде се појави скоро деценија и пол подоцна, во 2009 година. Составен од композиции што долго се дел од репертоарот на квинтетот, Ground Zero е содржајно, смело и разорно писмо кое како да било заборавено во фиоките на нашата посткомунистичка пошта, а овдешната метал-јавност одамна посакувала да ѝ биде испратено.

На полето на цврстите рифови, Македонија на почетокот на 90-тите години беше мало треш-метал царство. Жанрот беше најчест избор на гневните клинци, а “Санаториум” најистуреното име. Денес, од сето тоа, и пепелот е одвеан со виорот, освен во случајот со неколку добри помлади бендови кои користат елементи од правецот, ама тој не им е главната почва за дисторзирано орање. Во тој поглед, без разлика што е објавен пред 36 месеци, одеците од Ground Zero и сега се слушаат јасно, што е доволно за да не се помисли дека брзината, рифот и текстовите за нуклеарно разурнување се збришани од метал-кодот на земјава. Објективно, сè што ни се случува изминативе две декади бара драстично накотување на групите од овој, но и од останатите катарзични правци, како хардкорот и панкот, ама познато е дека си сакаме да ја залиеме тагата во турбофолк и ракија, наместо да ѝ се раздереме во лице преку микрофон и на задушливи свирки. На овој план, првенчето на Кумановците е суперинспиративно.

Со Only the Leaders Go to Hell материјалот почнува молневито, а на директноста на насловот најприродно се надоврзува спид-темпото, летачката гитара и смирувачката порака дека само водачите одат во пеколот. На Kings in Aggression составот веднаш забавува и демонстрира свесност дека без динамика ниту албум од ваков, агресивен, жанр не би можел сосила да си осигура внимание. На траката јасно се забележува и грувот што провејува на целиот диск, како и мелодичноста на гитарските лидови, што е карактеристично за помодерната верзија на трешот. Брзо-спориот пристап се фузира на The Punishment Begins, нумера која што ги истакнува авторските, аранжерските, но и свирачките квалитети на петорката. Во последнава, инструментална, графа, бендот растура на сите парчиња, но на тие што одамна ги свири на бина, како лајв-фаворитот Domination of Sinners изведбата има и дополнителна, инстинктивна, димензија. Преку Constant Threat се враќа чистото треширање, а Payback Time воспоставува грув-баланс.

Безмалку седумминутната Endless Hate, со повеќето промени на темпото, рифовите и мелодиите, ја крева групата до епски метал-височини. Голиот тапан и бас, со кои што почнува Nuclear Devastation ја заокружуваат збирката на старошколски начин, додека последната, скриена, композиција го подвлекува крајот во певлив, рефренски, манир. Финишот, всушност, ја потенцира можеби најсилната страна на квинтетот, која што е неразделна од жанрот што тие го свират, а по правило е игнорирана. Запаметливоста, поточно, способноста за пишување песни кои без мака го наоѓаат патот до заштитена партиција на черепниот хард-диск, ги диференцира натпросечните од вообичаените музичари. Да не се разбереме погрешно, кумановската петорка тоа не го изведува со гангнам-стајл вирус, туку со земјоразорувачки треш-метал. А тоа, и на хедбенгинг да се мрштите како школуван критичар, ќе си признаете дека вреди цел космос повеќе од кловнесто човече кое се прославило само зашто заиграло како шатка. Допирни точки меѓу Сај и македонскиот бенд нема, освен што првиот е симбол, а вториве гласно пеат и жестоко свират за цивилизацискиот погром што ни претстои. Додека работиме тоа да се оствари, Ground Zero може да послужи како топ-саундтрак од чија нулта точка ќе експлодира следниот албум на Holocaust.

Оцена: 90/100

Артист: Holocaust
Албум: Ground Zero
Датум на објава: 29 декември 2009
Продуцент: Валентино Скендеровски
Издавач: Lithium

Листа на песни:
1. Only the Leaders Go to Hell – 2:39
2. Kings in Aggression – 4:57
3. The Punishment Begins – 5:48
4. Domination of Sinners – 6:49
5. Constant Threat – 4:20
6. Payback Time – 4:50
7. Endless Hate – 6:50
8. Nuclear Devastation – 10:27

Слични написи

Остави коментар