Звучни резови #9: The Lost Tapes 2013 [Мрсно едишн]

Никогаш не би се согласил со типично носталгичарската изјава оти повеќе нема добра музика за откривање и за слушање. На ова секогаш реплицирам со: Извршувањето геноцид врз сопствената љубопитност или немањето доволно слободно време не побркувајте ги со наводното отсуство на квалитет на актуелната сцена. Годинава, како и тие што ѝ претходеа, се изнаслушав нови изданија. За солиден дел од нив успеав и да споделам како сум ги доживеал (не оти некој тоа од мене го побара, а сепак, одлучив во пракса да го применам правото на слобода на изразување). Одреден број често се наоѓаше во плеерите – домашни или мобилни – ама не стигнав да начкрткам по нешто и така да им ја потврдам вредноста. Затоа подолу следуваат кусите осврти за низа плочи што се изгубија во обврските, но во никој случај не беа заборавени. И да, под она „мрсно“ се подразбира дисторзија, бучава и тежина. Баш соодветно за создавање наслаги што го спречуваат сувиот студ да продре дури до коските.

KEN mode – Entrench [Season of Mist]
Оцена: 85/100
Датум на објава: 19 март 2013

Видеспотот за Romeo Must Never Know, песната што го дели петтиот студиски албум на KEN mode на две перфектни половини, од една страна ја илустрира арт-нишката во ноиз-хардкор-изразот на бендот, а од друга ја нагласува енергијата што е резултат на нивната потреба за метал-тежина. Прешалтувајќи се и претопувајќи ги овие нијанси канадската група во песните најпрво креира клаустрофобична, тензична, атмосфера, што секогаш кулминира во истекување низ сите процепи како вода што продира низ брана која што е на работ на уривање. Во текот на Entrench бедемите што стискаат сè и сешто навнатре – од емоции преку стравови до радости – повеќепати се раздробуваат, но составот очигледно ужива во тој процес на ослободување. Затоа одново ги гради за на финишот плочата да се дефинира како продолжен миг на катарзична експлозија.

Nero di Marte – Nero di Marte [Prosthetic]
Оцена: 89/100
Датум на објава: 19 март 2013

Преведено буквално на македонски, името на италијанскиот бенд Nero di Marte значи „Црн Марс“ што елегантно се поклопува со два термина кои можеби најсоодветно го опишуваат нивниот стил и студиско првенче – космос и технологија. Првиот бидејќи ја опфаќа планетата од нашиот сончев систем, а вториот затоа што ја опишува гранката на која што единствено треба да ѝ се молиме дека некогаш дотаму ќе нè одведе. Така и музиката на овие шест песни. Заплеткани како струјните кола, чиповските кластери и какви сè не други хардверско-софтверски чудесии тие емитуваат и енергија чија што најприродна средина делува дека ѝ е токму вселената. Напросто, вонземски и отуѓен, студен и прецизен, овој амалгам од разни форми на метал, џез, хардкор и прог-рок е потсетник на хуманоста што овенува во ерата на сè поизвесната општа роботизација.

VHÖL – VHÖL [Profound Lore]
Оцена: 80/100
Датум на објава: 16 април 2013

Логично е, веројатно и нужно, што во ова време на глазирана, сјајна, технологија се етаблира и тврдоглав, иако не којзнае колку масовен, бран на суровост и природност. Како формација сочинета од Мајк Шид (YOB), Џон Кобет и Сигрид Шеј (Hammers of Misfortune) и Езоп Декер (Agalloch), Vhöl ги има сите ресурси да звучи како што на око изгледа последниот смартфон. Тие, сепак, на дебито повеќе будат слики од преснимени касети отколку од елегантно спакувани мрежи од чипови. Притоа, секако, користеле сè што од современата берба на геџети им било потребно, но само со една цел – да звучат што покородирано, поподземно и што поблиску и подлабоко до утробата. Во суштина, нивниот израз е метал со подеднакво распоредена основа од блек и од краст-панк. На секое ниво овој спој е изработен интелигентно, емотивно и свирачки импресивно.

Agrimonia – Rites of Separation [Southern Lord]
Оцена: 84/100
Датум на објава: 30 април 2013

Момент, ништо повеќе, одвај 60 милисекунди им се потребни на Agrimonia за скок од еден жанр во друг, од прв до седми емотивен кат или, пак, од обраснатиот со трева до финиот, чист, широк колосек на размислување. Феноменален успех би било ова да се оствари и само во осамена песна. Кога тоа се случува во цело издание кое, згора на сè, содржи исклучиво опсежни, епски, композиции, веќе е во прашање совладување врвна вештина. Фундаментот на шведскиот бенд е металот, меѓутоа, усложнет со прогерска потреба за чудачко аранжирање, блековски хорор и крастерска нечистотија. Сврзано со сето ова се умно расфрланите парчиња мелодија, питомата акустика, галовното пијано и патувачкото чувство што го оддава севкупната атмосфера. Албумот можеби се вика Rites of Separation, ама наместо обреди на разделување ова се литургии на спојување.

Shining – One One One [Prosthetic]
Оцена: 83/100
Датум на објава: 28 мај 2013

Неверојатна е самодовербата што Shining ја демонстрираат уште во првата минута од отворањето на последниот албум One One One. Наместо да внимаваат како ќе постапат за да не го прокоцкаат пробивот од 2010 со претходникот, Blackjazz, тие укажуваат оти се преориентирале кон послушлив, полинеарен, едноставно, повеќе поп-сконцетриран звук. Во најголема мерка, им се исплател ризикот зашто нивната шеста плоча е збиено индастриал метал-парче посветено на структурата, песните и на детално прочистените траки. Воглавно, ова е хедбенгинг и скокачки материјал, но има доволно чудачки џез и прог-испади што го издигнуваат високо над просекот. Фактот што бендот почна како акустичен квартет фасцинира, но уште повеќе одушевува што актуелната инкарнација функционира и сама, засебно и исклучена од сè што довело до нејзиното креирање.

Ulcerate – Vermis [Relapse]
Оцена: 87/100
Датум на објава: 17 септември 2013

Како што самите членови објаснуваат, Ulcerate на последното студиско остварување ја користи метафората за специфичен животински вид со цел да ја истражи сеопфатната тема на безрбетништво и угнетување. Поставено на вакви темели, можеби е логично да се помисли оти австралиската група решила да напише тралалајки и жалопојки со кои ќе цвили за секојдневната мачнина со која е соочен човечкиот род. Крајно спротивно, триото е бескрупулозно. Понира во длабочините на опресијата со дет-метал од којшто и раздивени „спецнази“ би се исплашиле. Не попушта ниту милиметар. Само гризе со дисонантните секачи додека не се излеат реки крв полни со парчиња месо. Да, гнасно, но зарем потчинувањето е состојба што подобро се илустрира со цвеќиња и бакнежи? Можеби, меѓутоа, во безимена утопија, а не и во светот од којшто Vermis е изроден.

Oozing Wound – Retrash [Thrill Jockey]
Оцена: 82/100
Датум на објава: 15 октомври 2013

Дополнително од распенетоста, животинската жестина и целокупна цврстина на звукот Oozing Wound ме освои со деталното познавање на едно од носечките правила на треш-металот: свири како Паганини и заебавај се како Роберто Бенини. Составот од Чикаго, сепак, не е третокласен циркус што кружи низ сифоните на планетата за да си обезбеди пари за џепарлак. Тие се мртви сериозни познавачи на брзината, тежината и на своите инструменти, како и на пресудното значење што го има свирењето во тесни, испотени, подруми. Затоа албумов базди, ама тоа е прекрасно бидејќи се работи за катарза, а не за авторска застојаност добиена од часови и часови премерување што, колку и каде да се стави во композициите. Наместо тоа, групата цеди сè од себе и притоа, преку хуморот, ги секцира бесот, манијата на прогонетост и уништувањето во современата ера.

Skeletonwitch – Serpents Unleashed [Prosthetic]
Оцена: 80/100
Датум на објава: 29 октомври 2013

Ако Oozing Wound, а пред извесно време и Power Trip, се истакнаа како оживувачи на олд-скул трешот во годинашната албумска берза, Skeletonwitch и сезонава продолжи со својата модерна, нео-интерпретација, на жанрот во форма на изгледа најдобриот диск во кариерата. Бендот основан во Охајо и пред една деценија, ама и на четирите плочи што ги објави потоа, ги комбинира ДНК-кодовите на thrash-от и на блек-металот, но на петтото студиско остварување тоа е испрофилирано, истенчено и издигнато до плафон. Миговите на скандинавска мелодичност ја стабилизираат мешавината, додека грувот, тој типично јужњачко-американски изум, ги покажува забите на вистинските места и осигурува дека интересот нема да падне под прифатливото ниво. Слушајќи и впивајќи ги оваа тензија и енергија ќе почнете да ѕиркате под маса да не се појавил куп змии.

Слични написи

Остави коментар